1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Одвај надминлив цинизам“

З. Јордановски/фац/дф/фр4 септември 2015

Германските медиуми ја коментираат длабоката поделеност во ЕУ во однос на политиката спрема бегалците. Во фокусот е унгарскиот премиер Виктор Орбан, по неговите најнови напади, посебно против Германија.

https://p.dw.com/p/1GRAv
Фотографија: Reuters/L. Foeger

„Ни најострите критичари не можат да му одречат на унгарскиот премиер Виктор Орбан дека јавно ги обелодени слабите точки на европската и на германската политика спрема бегалците. (...) иако неговата сопствена политика има противречности, а неговите самоволија се дел од проблемот на ЕУ, а не од решението“, констатира „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ (ФАЦ). Во „Берлин, Брисел, Париз и Виена се критикува“ се’ што прави Унгарија во бегалскава криза. „Очигледна е противречноста. (...) Берлин не сака бегалците од Сирија да ги враќа во Унгарија или во други земји, согласно Даблинските правила. Со тоа им даде сигнал на бегалците дека сите се добредојдени. Истовремено, меѓутоа, Германија бара од Унгарија да се придржува кон Даблинските правила.Треба ли, значи, за мирна германска совест Унгарија да ги вади костените од жарот?“ ФАЦ понатаму ја критикува и политиката на Орбан: „Создавањето штимунг, поврзано со најсекакви алузии за здравјето на народот и за христијанскиот Запад, е одбивно. (...) Но, тоа е само една страна. Другата е дека Унгарија, со правењето ограда и со планот постапката за азил да ја спроведува во зони во близина на границата, само истрчува напред со она, што Германците, Австријците и Французите го фалат како излез и го бараат и од Грција и Италија: на ’хатспотс‘ (жешките точки - н.з.) да бидат изградени првични прифатилишта за дојденците. Оттаму бегалците треба според квоти да бидат распоредени во Европа“. Таа идеја нема да функционира, оти бегалците сакаат веднаш да продолжат кон Германија, Австрија, Англија или Шведска. „Унгарскиот премиер е во право кога сака да укаже на оваа дилема,. Но, нема право кога додава дека поради тоа, овој не е европски, туку германски проблем. Оти, за да се спречи пропаѓање на Договорот од Даблин, во моментов нема подобар предлог од моделот со задолжителни квоти“, тврди ФАЦ.

Ungarn Flüchtlinge am Bahnhof in Bicske
Бегалци на железничка станица во УнгаријаФотографија: Reuters/L. Foeger

Орбан - „перманентен предизвикувач на револти“

И весникот „Франкфуртер Рундшау“ има сличен став: „Човекот е перманентен предизвикувач на револти. Но, во една работа унгарскиот национал-конзервативен премиер не греши многу. Германската влада не е без удел во најновата ескалација во политиката спрема бегалците. Нејзиниот став веќе да не ги враќа сириските бегалци во сигурни земји на ЕУ, е хуманитарно благороден. Но, тој предизвика силно движење на бегалците. Европа има потреба од политички менаџмент на кризата. (...) Државите во Источна Европа имаат потреба од поддршка - не само финансиска, туку и во практични прашања за одност со доселувањето - од училиште до меѓурелигиозен дијалог“.

„Фраје Пресе“ од Кемниц коментира: „Ксенофобичната хајка на деснорадикалната партија Јобик во Унгарија, како и неприкриените зборови на премиерот Орбан се одвратни и воедно иритирачки. Уште повеќе, ако повнимателно се погледаат снимките од железничката станица во Будимпешта: таму бегалците се туркаат во еден воз, чија локомотива е специјално декорирана. Таа потсетува на ’паневропскиот пикник‘ од летото 1989 на унгарско-австриската граница. Тогаш стотици граѓани на ГДР (поранешната Источна Германија- н.з.) го искористија за бегство краткотрајното отворање на граничната порта. Истата земја, која тогаш го подготви патот на слободата во Европа, 25 години подоцна се поврзува со недостојно шиканирање на бегалците; една тажна трансформација“.

Tschechien Protest gegen Flüchtlinge
Протести против бегалците во ЧешкаФотографија: picture-alliance/dpa/CTK Photo/V. Salek

„Длабоки јазови наместо единство“

Радиото „Дојчландфунк“ констатира дека „европската политика на азил - системот Даблин - пропадна“, па коментира: „Конзервативни политичари, како канцеларот Меркел, (...) денес ги критикуваат националните егоизми во Европа. Тука, навистина, имаат право. Но, тие самите се токму погрешните за искажување на таква критика. Оти, кога системот Даблин пред две години беше реформиран, токму Германија - уште со црно-жолтата коалиција (ЦДУ/ЦСУ и либералите -н.з.) жестоко се спротивставуваше на еден механизам за солидарност. Тој всушност требаше да ги растовари државите од ’линијата на фронтот‘ (со бегалците - н.з.). Сега, значи, сепак треба да има солидарност - оти овојпат и’ е од полза на Германија. Тоа е одвај надминлив цинизам, а и нема ништо заедничко со солидарност со луѓето, протерани од нивниот роден крај“.

Во друг прилог на „Дојчландфунк“ се забележува: „Грчката криза на успеа, украинската криза не успеа, но кризата со бегалците има потенцијал да успее да донесе распад на ЕУ, вклучително и префрлување на вината и пакости меѓу засегнатите“. Неизбежно нужна е фер распределба на бегалците според клуч. „Ако не успее брзо - побргу денес отколку утре, во никој случај не задутре - да се надминат јазовите во Европа, на кои и Виктор Орбан вчера активно копаше, тогаш Европската Унија веќе не си го заслужува тоа име и веројатно веќе поминале нејзините најдобри времиња“.