1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ бара увид во законите на Ердоган

Ј. Пападимитриу/Б. Георгиевски13 март 2014

Во Европскиот парламент во Стразбур беше презентиран извештајот за напредокот на Турција кон ЕУ. Пратениците видоа некои позитивни чекори, но искажаа и бројни критики.

https://p.dw.com/p/1BOrz
Фотографија: picture-alliance/dpa

И покрај бројните критички забелешки, Извештајот за напредокот на Турција кој беше одобрен од Парламентот, беше оценет како генерално позитивен. Иако ЕП искажа „длабока загриженост“ поради последните случувања во Турција и големиот корупциски скандал, сепак во извештајот на неколку места се нотира напредокот на Турција во реформскиот процес и се потенцира стратешката важност на земјата за европската економска и енергетска политика.

Извештајот го презентираше холандската пратеничка Риа Омен-Рујтен, известувач за Турција во парламентот. Нејзините постојани пофалби за економскиот развој на Турција веројатно беше и причината поради која од членови на германската Левица беше обвинета дека е премногу „блиска до владата на Ердоган“. Притисокот поради драматичните настани во Турција очигледно предизвика многу пратеници, меѓу нив и комесарот за проширување Штефан Филе, да заземат далеку покритичен тон. Филе побара ЕУ да „го промени начинот на кој соработува со Турција“. Со други зборови, соработката мора да биде поблиска пред да се донесуваат нови закони во земјата - тоа, според Филе, е единствениот начин на кој ЕУ ќе остане стандард за реформите во Турција.

Kandidaten zur Wahl des Europäischen Bürgerbeautragten 2013
Риа Омен-РујтенФотографија: Europa Parlament

Европската Комисија се надева дека ќе успее да наметне некој вид предконтрола на законите кои се донесуваат во турскиот парламент, а Филе вети дека овој план ќе и‘ биде испратен на Турција во следниот период. Тој особено предупреди против донесувањето закони кои „ќе го лимитираат функционирањето на правосудството и слободата на изразувањето“.

Повеќе новинари се во затвор во Турција, отколку во Кина

И покрај забелешките, и Филе гледа позитивен развој во Турција. По тригодишен прекин, ЕУ минатата година ги продолжи преговорите за членство со Турција, со отворањето на поглавјето за регионалната политика. Покрај тоа, Филе го поздрави потпишувањето на договорот за реадмисија на бегалците, и почетокот на преговорите за либерализација на визниот режим.

Во ноември минатата година, тогашниот шеф на германската дипломатија Гидо Вестервеле го опиша отворањето на новото поглавје со Турција, како „вистински сигнал во вистинско време“. Но овојпат, партискиот колега на Вестервеле во Европскиот парламент, Александер Граф Ламбсдорф испрати предупредување до Турција:

„Сакаме прекин на преговорите сѐ додека Турција не се вразуми и не почне да ги почитува слободата на изразувањето на нејзините граѓани, како и независноста на судството“.

Alexander Graf Lambsdorff
Александер Граф ЛамбсдорфФотографија: picture-alliance/dpa

Ламбсдорф беше особено критичен кон состојбата со слободата на печатот во земјата. „Повеќе новинари се во затвор во Турција, отколку во Иран или Кина“, рече тој.