1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ: Албанија да ги праша и соседните земји

Б. Георгиевски/дв/бета15 ноември 2013

Извори во Европската комисија велат дека владата во Тирана треба да се консултира и со соседните земји околу здравствените и безбедносните последици од евентуалното уништување на сириското хемиско оружје.

https://p.dw.com/p/1AIVc
Фотографија: DW/A. Muka

Претставници на Европската комисија, кои инсистираат на анонимност, за агенцијата Бета изјавија дека се работи за суверена одлука на Албанија, но дека има основа и загриженоста на граѓаните на таа земја, кои масовно протестираат против најавеното уништување на сириското хемиско оружје на територијата на нивната земја.

Се работи за околу илјада тони хемиско оружје кое треба да биде уништено на полигоните во близина на Тирана и Елбасан.

Исто така, владата во Тирана треба за тоа да побара мислење и од властите во соседните земји. Изворите во ЕК прифаќаат дека веројатно притисокот од САД врз Албанија да го уништи оружјето е многу голем, а особено укажуваат на „агресивната“ изјава на американскиот амбасадор во Тирана.

Пратеникот на Левицата во германскиот парламент и биолог, Јан ван Акен за Дојче веле објаснува дека самиот евентуален транспорт на овие хемикалии до Албанија би претставувал мала опасност, затоа што тој би се одвивал по морски пат, но тој не е убеден дека оваа земја има технички можности да изведе една таква сложена операција.

„Самиот процес на уништување не е многу комплициран. Се работи за уништување на хемикалиите на високи температури. Доколку процесот се изведе професионално нема големи закани за животната околина. Но, мал ризик секогаш постои и грешки секогаш се случуваат. Токму затоа големите земји не сакаат да го преземат овој хемиски отпад“, вели Јан ван Акен.

Jan van Aken Die Linke
Јан фан АкенФотографија: www.jan-van-aken.de/

Тој вели дека е изненаден зошто Германија не е одбрана за земја каде што ќе се уништуваат овие хемикалии, со оглед дека оттука беше вршен извоз во Сирија. „Германија требаше да преземе одговорност за овие хемикалии, затоа што има и капацитет и обврска тоа да го стори“.

„Избрана е една мала, сиромашна земја, а нема ниту политички, ниту технички причини тоа уништување да се врши таму. Грција и особено Турција би биле многу попогодни дестинации за уништување на хемикалиите“, заклучува пратеникот во германскиот Бундестаг, Јан ван Акен.