1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Фудбал

ЕУРО 2020: Турнир со малку добитници

Артур Саливан
19 јуни 2021

И покрај пандемијата, европското првенство е во тек - со уникатен модел на организација. Во фудбалот на ЕУРО 2020 ќе се промени малку, но во економскиот биланс веројатно многу.

https://p.dw.com/p/3v26I
Euro 2020 | Türkei - Italien | Eröffnungsfeier
Фотографија: Mike Hewitt//REUTERS

И покрај пандемијата, Европското првенство во фудбал започна - со уникатен режим на поставување. Малку ќе се промени во фудбалот, но веројатно многу во економскиот биланс.

Кога Мишел Платини во 2012 година излезе со својата идеја Европското првенство 2020 да се одржи во повеќе европски градови, а не во една земја домаќин, многумина го нарекоа „луд“.

Девет години подоцна, Платини веќе не е претседател на УЕФА. Европа зад себе има повеќе од една година локдаун. ЕП беше одложено за оваа година, но „лудата“ идеја на Платини преживеа.

Најчудниот од сите европски шампионати започна во Рим со натпреварот помеѓу Италија и Турција. Следуваа натпревари во Баку, Копенхаген, Санкт Петерсбург, Букурешт, Амстердам, Лондон. Будимпешта, Севилја, Минхен и Глазгов.

Освен малку надреалната новина на голем турнир без централен домаќин, бројни домаќини на ЕУРО 2020 и натаму се борат против пандемијата. Во нормални времиња, големите настани  за љубителите на фудбалот низ цела Европа во прв ред значат забава. Меѓутоа, на актуелното првенство, контактите се ограничени и дури не се дозволени големи прослави.

Frankreich Freilassung von Michel Platini
Мишел ПлатиниФотографија: Reuters/G. Fuentes

Поделена дивиденда за домаќините

Така, капацитетите на стадионите се намалени, посетителите треба да бидат тестирани, навивачките зони и баровите имаат строги прописи за карантин. Затоа не само фановите сакаат враќање на старите времиња. И секторите за туризам и угостителство, во наредните недели најверојатно ќе дознаат дека продажбата можела да биде подобра.

Повеќе за ЕУРО 2020:

-ЕУРО 2020: Што треба да се знае за турнирот

-Еуро2020: И коронавирусот се радува на фудбалскиот саем

-Случајот Ериксен може дури и да разбуди сили кај Данците

Дури и без пандемијата, економскиот аспект на ЕП ќе беше различен од претходните, нормални европски или светски шампионати заради новиот концепт на домаќини на првенството.

Европското првенство во Франција во 2016 година му донесе на стопанството на земјата околу 1,2 милијарди евра, според студијата на Центарот за спортско право и економија (ЦДЕС) со седиште во Лимож.

Повеќе од 600.000 посетители престојувале во Франција во просек осум дена и потрошиле 154 евра по лице дневно. Бидејќи, Франција инвестираше релативно малку во модернизација на инфраструктурата - само 200 милиони евра, организирањето на првенството имаше и економска смисла.

Пандемиски блуз

Турнир во единаесет градови и различни земји разбирливо има значително ослабено влијание во поединечните локации. Од друга страна, земјите и градовите организатори не мораа да вложат иста сума пари како претходните домаќини на ЕП. Кога Платини ја претстави својата идеја за новиот формат, тоа воедно беше реакција и на огромните трошоци за ЕУРО 2012, што се одржа во Полска и во Украина.

За сегашните градови-домаќини, новиот формат дури и можеше да биде добар носител на пари - да не беше пандемијата.

Ирскиот главен град Даблин беше предивиден да нагости четири натпревари на Европското првенство. Во април годинава, УЕФА му го одзеде правото за организација. Во 2019 година, студија нарачана од градскиот совет на Даблин покажа дека можните 90.000 љубители на фудбалот би генерирале промет од 106 милиони евра за градската економија за време на траењето на турнирот.

Другите градови домаќини - без пандемијата - можеа да очекуваат слични импулси, особено Лондон, кој би требало да биде домаќин и на полуфиналињата и на финалето на ЕУРО 2020.

Се разбира, сега сè е поинаку. Повеќето натпревари на турнирот најверојатно ќе се играат на стадиони кои се пополнети под 50 проценти од капацитетот. И само мал дел од навивачите ќе патуваат низ Европа во наредните недели. Строгите прописи за карантин продолжуваат да се применуваат во многу градови домаќини, особено во Велика Британија, каде освен во Лондон натпревари се играат и во Глазгов.

За малкуте навивачи кои патуваат на игрите, сè уште важат правила во фан-зоните, баровите, хотелите и градските центри кои значително ги ограничуваат економските активности на туристите. Сепак, правилата во моментов се релаксираат низ цела Европа. Барем мал зрак надеж за секторите за патувања и за угостителство.

Frankreich UEFA Euro 2016 Finale Portugal ist Europameister
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Gambarini

Сепак, уште една добра година за УЕФА

Од економска гледна точка, ЕП 2020 е непрепознатливо во споредба со претходните шампионати. Додека ЕУРО 2016 беше очигледен благодет за француската економија, ЕУРО 2012, исто така, одигра важна улога во развојот на полската и на украинската економија - од различни причини.

Двете земји потрошија околу 31 милијарда евра во пресрет на турнирот. Од тоа најголем дел се влеаја во патишта, аеродроми и железници. Полска и денес има корист од овие инвестиции. Во Украина, сепак, конфликтот во Донбас го уназади развојот на земјата.

Но, оној што дефинитивно ќе профитира економски е УЕФА - Европската фудбалска асоцијација. Европското првенство стана носител на профит преку продажбата на радиодифузни и комерцијални права за натпреварувањето.

Така, нето добивката на УЕФА од ЕУРО 2016 изнесуваше 847 милиони евра. Тоа беше зголемување за 500 милиони евра во споредба со ЕУРО 2012. Ако се погледне наназад, станува јасно: УЕФА беше во можност стабилно да ги зголемува своите профити. На пример, на ЕУРО 1992 таа  оствари профит од само 40,9 милиони евра.

Степенот до кој пандемијата ги намалува приходите ќе се покаже дури во финансискиот извештај на УЕФА во следната година. Сепак, веќе сега  е прилично сигурно дека УЕФА и овојпат ќе заработи суми за кои баровите, хотелите и градовите домаќини можат само да сонуваат.