1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

180509 VW Porsche

Zana Aceska19 мај 2009

Борбата за превласт меѓу германските производители на автомобили „Порше“ и „Фолксваген“ продолжува, дури се заканува и ескалација. Во Штутгарт 6 илјади вработени протестираа против Пиех и плановите на фузија.

https://p.dw.com/p/HtGx
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Претседателот на Надзорниот одбор на „Фолксваген“ и еден од сопствениците на „Порше“, Фердинанд Пиех, го одржа зборот и не се појави на кризната седница на Надзорниот добор на „Порше“. Во Штутгарт 6 илјади вработени протестираа против Пиех и плановите на фузија на помалиот производител на спортски и ексклузивни возила со џинот на европската автомобилска индустрија од Волфсбург.

Големи протести

„Фердинанд Пиех лаже“, „Пиех ги уништува нашите работни места“ - пароли што беа напишани на големите транспаренти. Персоналот во погоните на „Порше“ во Цуфенхаузен кај Штутгарт, Вајсах и во Лудвигсбург, вчера, за еден час ја прекина работата, а на собири на вработените луѓето беа информирани за актуелната ситуација.

Протестите се насочени против заканата дека „Фолксваген“ ќе го преземе „Порше“, но и против Фердинанд Пиех лично.

„Сметам дека е жално што не можат да се договорат, оти сите припаѓаат кон истото семејство, а во рамките на семејството би морало да може да се постигне согласност за еден заеднички план. Штета е што тоа не функционира“, вели една од вработените во „Порше“.

Ни нејзиниот колега нема разбирање за борбата за власт, која се води на врвот во двете фирми, кои всушност ги поврзуваат многу нешта:

„По малку сум разочаран од изјавите на господин Пиех во последно време. Тој некако насочува се’ против фирмата ’Порше‘, а сметам дека всушност би требало да стои зад нас, оти и самиот е сопственик на дел од фирмата“.

Wolfgang Porsche und Ferdinand Piech
Волфганг Порше и Фердинанд ПиехФотографија: picture-alliance/ dpa

Свесна провокација

Пиех не дојде на кризната средба на Надзорниот одбор на „Порше“ во Вајсах. Официјално не беше наведена никаква причина за недоаѓањето. Но, во доверба, се споменуваше дека станува збор за свесна провокација, за трик во покерот околу превласта меѓу семејствата Порше и Пиех.

Минатата недела, најновиот спор го предизвика 72-годишниот Фердинанд Пиех, ставајќи ја под сомнение кредитната способност на „Порше“ и индиректно диктирајќи ги условите за здружување на двете фирми. На викендот таа борба за превласт натамошно се заостри , кога „Фоксваген“ ги замрзна разговорите за фузија.

Не е ништо познато околу исходот на состанокот на Надзорниот одбор на “Порше“. Само Уве Хик, шеф на Советот на вработените даде писмено соопштение дека Волфганг Порше и Ханс Михел Пиех, брат на Фердиненд Пиех, му ветиле дека ќе биде зачувана самостојноста на „Порше“. Тоа за момент ги смири соработниците на „Порше“, но берзата сосем поинаку ја оцени ситуацијата - вестите за покерот околу превласта аналитичарите ги оценуваат како јасна индиција дека финансиската состојба на „Порше“ е крајно напната. Акциите на „Порше“ на моменти доживеаја пад на вредноста и до 6 проценти. Минус бележеа и акциите на „Фолксваген“, откако аналитичарите енергично советуваа - „подалеку од акциите на обата производитела на автомобили“. Помалиот, „Порше“, поседува 51 насто од акциите на „Фолксваген“, но е задолжен околу девет милијарди евра. „Фолксваген“, пак, располага со резерви од околу 11 милијарди, што го става во положба да го диктира развојот на настаните.



Автор: Штефан Лохнер/ Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска