Случајот Ериксен може дури и да разбуди сили кај Данците
15 јуни 2021ДВ: Минатата сабота, данскиот репрезентативец Кристијан Ериксен колабираше на теренот по срцевиот инфаркт на мечот на ЕУРО 2020 против Финска. Тој беше успешно реанимиран уште на самиот терен. По натпреварот имаше жестока полемика околу тоа дали беше правилно да продолжи натпреварот - и поради тоа што УЕФА им ја препушти одлуката за тоа на играчите. Алтернативата ќе беше продолжување на мечот следниот ден. Дали сметате дека во таква шокантна ситуација фудбалерите се дури и способни да донесат рационална и правилна одлука?
Лотар Линц: Добро прашање е колку е рационална одлуката. Но, зад ова стои тезата дека тоа безусловно мора да е рационална одлука. И ова може да се доведе во прашање. Имам почит кон тоа дека се почитува автономијата на луѓето и се вели: дури и ако тоа можеби ме иритира како набљудувач, тие сепак се компетентни да донесат правилна одлука за себе. Во ретроспектива, се разбира, можете да прашате колку луѓето се задоволни од тоа. Но, во тој момент тоа беше секако многу одржлива опција.
Дали мислите дека играчите ќе беа психолошки во можност да го одиграат мечот, доколку тој продолжеше следниот ден, само 20 часа по настанот?
Ова е тешко да се процени, бидејќи приказната заврши позитивно. Би било потешко ако состојбата на Ериксен станеше критична, ако тој се бореше со смртта или дури и починеше. Тогаш сето ќе добиеше сосема друга динамика. Тогаш се влегува во вонредна состојба што може да оди и во двете насоки. Јас знам за случаи кога во слични ситуации настанало расположение во стилот: „Сега повеќе од кога било! Играме за овој играч!“. Сепак, може да настапи и состојба на шок под која неиграње е можно.
Во конкретниот случај, можам да замислам дека тоа ќе беше можно еден ден подоцна. Се разбира, голема е опасноста дека тоа ќе чинеше неколку проценти од способностите на играчите, бидејќи нивната концентрација можеби немаше да биде максимална. Тоа секако, секогаш е прашање и на интерпретација.
Многу простор за интерпретации
Данците в четврток ќе играат против Белгија. Како спортско-психолошки да се подготви тимот за ова?
Важно е да има просторија каде што може да се обработи доживеаното. Во тимските спортови ова значи да се понуди и заедничка просторија, како и личен простор. Тоа не значи да ги присилувате луѓето да зборуваат за тоа или да го обработуваат. Важно е да дадете понуда. Ова може да биде спортски психолог или друга доверлива личност. Понекогаш имаме претстава каква би требало да биде реакцијата на таквата ситуација. Во реалноста, сепак, реакциите се различни. Од елементарно значење е да му се дозволи секому да се справи со таквата ситуација на свој начин.
Има ли спортско-психолошки трикови за тоа како да се влијае врз играчите - на пример, да се потенцира позитивното во ситуацијата: Добро е што се случи на теренот, а не кога е сам во бањата наутро?
Јас тоа не би го нарекол трик. Станува збор за тоа, заеднички да се дојде до една гледна точка и, како и секогаш во животот, да се направи обид за повторно заземање позитивен став. Тука воопшто не мора да се прават трикови. Отсекогаш постои тој потенцијал во тимот да се обиде да дејствува заеднички за овој играч во вакви проблематични ситуации. Ова понекогаш може дури и да ги разбуди силите во тимот кои привремено ги поттикнуваат перформансите. Но, јас никогаш не би го ставил тоа во преден план.
Во прв ред, треба да се понуди основна грижа. Се обидувам да им помогнам на луѓето за да можат добро да ја процесираат целата работа. И за многу луѓе може да биде од помош кога тоа ќе се случи во заедницата. Го знаеме тоа од смртта на славни личност, кога растажените луѓе се собираат на јавни места за да полагаат цвеќе.
Од гледна точка на спортската прихологија, овој немил настан во саботата, значи не мора да има трајни негативни ефекти врз перформансите на Данците на ЕУРО 2020?
Може, но не мора. Нема генерален одговор на ова. Многу зависи од тоа како се постапува сега. Одговорите ќе ги добиеме најрано на натпреварот против Белгијците, можеби дури ни тогаш, зашто секогаш останува многу простор за интерпретации. Данците го загубија мечот против Финска, па затоа тие и од спортски аспект се во посебна ситуација. Како би можел како набљудувач да го одвојам ова од специјалната ситуација со Ериксен?
Лотар Линц работи како спортски психолог во натпреварувачки спортови од 1997 година. Тој е на чело на одделот за менторство на тренери на академијата за тренери во Келн, каде ги придружува националните селектори во нивната работа. Како психолошки советник на разни национални тимови, тој исто така беше присутен на три Олимписки игри.