1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ердоган се соживеа со улогата на Големиот брат

С.Недевски/ат/ јл/7 февруари 2014

Откако во Турција е усвоен спорниот закон за поголема контрола на интернет, погледот е вперен кон претседателот Ѓул. Дали тој ќе го потпише законот или ќе го искористи правото на вето?, се прашуваат и германските весници

https://p.dw.com/p/1B4on
Internet Cafe in Istanbul
Фотографија: Ugur Can/AFP/Getty Images

„Интернет страниците во Турција во иднина ќе бидат блокирани по кратка постапка, без судски одлуки. Новинарите во таа земја веќе го чувствуваат мирисот на цензурата. Разни здруженија најавуваат протести, а Европската унија е загрижена“, забележува онлајн изданието на неделникот Шпигел и додава „Реџеп Таип Ердоган ги мрази Твитер и Фејсбук. За време на минатогодишните протести за паркот Гези, турскиот премиер социјалните мрежи на интернет ги нарече 'чума и поттикнувачи на немир'. Не му се допаѓа тоа што неговите противници го користат интернет, за да организираат протести.“

Франкфуртер рундшау потсетува дека турската влада и порано била наклонета кон цензурата на интернет. Од 2007. до 2010. година, на радарот на властите во Анкара беше Јутјуб, а сега трн в око им е Вимео. „Речиси сите турски министри користат интернет. Дури и премиерот Ердоган за своите активности, речиси секојдневно објавува соддржини на социјалните мрежи како Твитер. Покрај тоа за турскиот премиер интернет прерасна во платформа за шириње лаги и дезинформации за неговата влада. И порано Ердоган најавуваше поголема контрола на интернет, но ситуацијата во меѓувреме стана драматична. Европската унија е вознемирена дека усвоениот закон во Турција ја нарушува слободата на изразување. Еврокомесарот за проширување Штефан Филе побара од Анкара да ги усогласи прописите со стандардите на Европската унија. На турската јавност, сметаат во Брисел, ѝ се потребни повеќе информации и поголема транспарентност- без никакви ограничувања“, пишува весникот и истакнува оти Турција во минатата година на интернет концернот Гугл му упатила најголем број барања за блокада на интернет-страници.

Одговорот на прашањето: Дали претседателот на Турција, Абдула Ѓул ќе го потпише новиот закон, не е важен само поради човековите права во земјата која е кандидат за членство во Европската унија, коментира берлинскиот весник Тагесшпигел. „Доколку Ѓул одбие да го потпише законот на својот некогашен 'партиски другар', тој со тоа ќе му објави војна на премиерот Ердоган во пресрет на претседателските избори. Ривалството меѓу нив за кое последниве месеци неофицијално се говори, е сѐ поизразено. Законот за контрола на интернетот, би можел да биде преломна точка во тоа“, констатира весникот во текстот со наслов: „Турција по усвојувањето на 'орвеловскиот' закон за интернет“ и натаму наведува: „Ердоган ја посакува претседателската функција, иако Ѓул не навести повлекување или пак откажување од уште една претседателска кандидатура. За нивниот спор во Анкара непрестано се говори во последно време. Доколку Ѓул го искористи своето право на вето, тоа ќе биде тежок удар за турскиот премиер пред важните локални избори во март. Многумина очекуваат претседателот сепак да ја доведе во прашање примената на Законот за контрола на интернет, иако тој досега ретко превземаше такви потези. Ѓул на располагање има две недели за донесување на одлуката за спорниот закон, кој сега е на неговата маса. Значи, во Анкара и наредните денови ќе биде возбудливо.“

Symbolbild deutsche Presseschau Presse
Фотографија: picture-alliance/dpa

Вестфелише нахрихтен од Минстер пак се осврнува на ЕУ-перспективата на Турција: „Ердоган за време на неодамнешната посета на Берлин побара поддршка од Германија за добивање членство во Европската унија. Но, најновите вести од Анкара само потврдуваат колку Турција сѐ уште е далеку од интеграцијата во Унијата. Турската влада и во минатото не беше срамежлива во барањата за блокирање на интернет-страници и содржини. На премиерот некогаш му пречеше исмејувањето на Ататурк. Сега пак со секира удри по она малку слобода на печатот во својата земја.“

„Што ќе ѝ е на ЕУ држава која во толкава мерка ги негира граѓанските права, како Ердогановата Турција?“, се прашува пак коментаторот на весникот Мајн-ехо од Ашафенбург. „Европската унија себеси за нога не сака да врзе уште една земја со која потоа со млака дипломатија би морала да се обидува да издејствува барем малку демократски стандарди. Тоа ионака не вроди со плод кај државите како автократски раководената членка на Унијата- Унгарија. Впрочем беше тешко и со Романија, па дури и со Италија. Слично беше со Австрија во 2000. година која десничарските сили (Слободарската партија-ФПО), дојдоа на власт во Виена.“

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема