Ердоган - Од реформатор до радикал и назад?
22 јуни 2018Турскиот претседател меѓу критичарите важи за ладнокрвен автократ. Според нив, тој е шеф на држава, кој решително ја јакне својата моќ, противниците ги нарекува терористи и ги става во затвор. Но кога во 2003 година беше избран за премиер, Ердоган имаше сосема поинаков имиџ. Тогаш важеше за реформатор и за голема надеж. Веднап по изборната победа земјата започна да ја приближува до ЕУ. ја сузбиваше корупцијата, ја укина спртната казна, ги јакнеше граѓанските права и автономните права на Курдите и ја модернизираше економијата. Во интервју за германскиот неделник Шпигел се гледа колку решително ја следел целта да ја внесе Турција во ЕУ:
„Единствена преговарачка цел која ја прифаќаме е полноправно членство. Турција е на пат да стане членка на ЕУ и тој пат е неповратен“ (октомври, 2004 година, Шпигел)
Но не беа сите задоволни со таа воодушевеност со ЕУ. Уште тогаш скептичарите во западна Европа говореа за политички волк во јагнешка кожа. На крајот од краиштата, Ердоган ги искористи реформите за да ја намали моќта на старите секуларни елити. Дали неговиот пријателски став кон ЕУ беше само вешт маневар? Дали Ердоган всушност следеше исламистичка агенда? Тоа барем го потврдува една изјава од времето кога беше градоначалник на Истанбул:
„Демократијата е само воз на кој треба да се качиме, додека не стигнеме до целта. Џамиите се наши касарни, минарињата наши бајонети, куполите наши шлемови, а верниците наша војска“. (1997 година, весник Хуријет)
Поради оваа изјава, која ја даде како градоначалник на Истанбул, Ердоган во 1999 година беше осуден на 9-месечна затворска казна. Од затвор излезе целосно поинаков, преобразувајќи се во проевропски реформатор. Особено Германија, за време на канцеларот Герхард Шредер од Социјалдемократската партија го поддржуваше Ердоган и неговиот курс. наследничката на канцеларската функција, Ангела Меркел од друга страна се залагаше за привилегирано партнерство. Пристапните преговори со ЕУ се развлекоа по 2005 година, затоа што беа забавени од страна на Германија и Франција- па така и каскаа и реформите во Турција. Последица беше тоа што Ердоган сѐ повеќе се вртеше кон соседните земји и сѐ повеќе водеше „нео-османлиска“ политика. културните корени на Османлиското царство требаше повторно да се негуваат, поранешната територија на империјата беше означена како турска зона на влијание. Истовремено требаше да се одржуваат врските со Западот и со Европа, како што се гледа од интервјуто за весникот Хановерише Алгемајне цајтунг, Ердоган себе си тогаш се гледаше како посредник меѓу световите.
„Станува збор за наша стратешка цел за „нула проблеми со соседите“ и притоа преземавме водечка улога во регионалната интеграција“. (2011 година, Хановерише алгемајне цајтунг)
Повеќе:
-Моја Европа: Ердогановата игра со поделениот идентитет на германските Турци
-Турција добива последна шанса за демократија
-Една година по референдумот во Турција: поголема моќ за Ердоган
За време на „Арапската пролет“ се укажа можност во Сирија, Тунис и Египет во пракса да ја спроведе својата „политика на нула проблеми“. Турската влада застана на страната на демонстрантите пропагирајќи го турскиот модел, кој според Ердоган, овозможува спој на исламот и демократијата. Но таа политика остана без успех, Турција не воспостави нови сојузи. Ердоган потоа ја заостри реториката и се концентрираше на целта за што посилна национална држава- во однос на странство.
„Сите кои од надвор сакаат да влезат во исламскиот свет, сакаат нафта, злато и дијаламнти, сакаат евтина работна сила и сакаат раздор и кавга. Верувајте ми, тие не нѐ сакаат.Тие изгледаат како пријатели, но сакаат да нѐ видат мртви“. (ноември 2014 година, Хуријет)
И во Германија сѐ повеќе се чувствуваше национализмот на Ердоган. Со силни изјави и настапи тој веќе со години настојуваше да ги придобие германските Турци.
„Ве нарекуваат гастарбајтери, странци, германски Турци. Но, без оглед како ве викаат: вие сте мои државјани, вие сте мои луѓе“. (февруари 2011 година, Шпигел)
Ердоган не пропушта ниту една шанса за напад против наводните непријатели на Турција. Посебно се замери со германската влада. Повеќе германски државјани беа уапсени. На тоа се надоврзуваат и испадите во насока на Берлин. За време на кампањата за референдумот за уставни измени во Турција, пред една година, неколку германски општини забранија настап на турски политичари. Ердоган беше бесен:
„Не сакаме повеќе да го видиме нацистичкиот свет. Ниту вашите фашистички дела. Мислевме дека таа ера пројде, но очигледно не е така“ (март 2017, Дојче Веле)
Доколку Ердоган и неговата партија АКП сега победат на претседателските и на парламентарните избори во Турција на 24. јуни, тој би можел, потпомогнат од уставот, и натаму да ги поткопа демократијата и владеењето на правото- и уште повеќе да се одалечи од ЕУ. Унијата честопати ја напаѓаше како наводен „христијански клуб“. Во интервју за БиБиСи јасно се гледа колку е лично повреден:
„Откако бев избран за премиер на самит на ЕУ беше речено: Турција спроведува тивка револуција. Денес повеќе не ме ни канат на самити“ (јули 2017 година, БиБиСи)
Но Ердоган е познат по својот прагматизам. Кој му е пријател, а кој непријател, тоа се менува во зависност од ситуацијата во светот и расположението на актуелниот турски претседател. набљудувачите затоа сметаат оти е можно од Ердоган да се чујат и помирливи тонови кон Европа. Конечно, неговата моќ би била осигурана со изборната победа, па така нема да мора толку многу да се занимава со национализмот и поларизацијата. Тоа, пак, би бил уште еден пресврт на политичкиот пат на Реџеп Таип Ердоган.