1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ердоган и натаму под притисок

ЖА/дв/афп/ртре/миа/макфакс27 декември 2013

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган ги отфрла барањата за оставка, кои стигнуваат и од сопствените редови. Протестите продолжуваат и по смената на речиси половината министри во владата по скандалот со корупција.

https://p.dw.com/p/1AhJZ
Фотографија: picture-alliance/dpa

Турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган верува оти тој е крајна цел на истрагата на неговите сојузници за корупција и примање мито, што ја потресе неговата влада. За група избрани новинари тој изјави дека секој што ќе се обиде да го вплете во скандалот „ќе остане со празни раце“, се наведува во неговата изјава цитирана од турските весници „Хуриет“ и „Јени Сафак“, како и американските „Вашингтон пост“ и „Њујорк тајмс“.

Ердоган претходно во средата вечерта смени десет министри, откако тројца министри чиишто синови беа приведени во истрагата си поднесоа оставки. Еден од министрите го повика и Ердоган да поднесе оставка, што предизвика голем потрес на турската политичка сцена.

Турската опозиција вчера го обвини премиерот Ердоган дека се обидува да создаде „држава во држава“ по реконструкцијата на владата со којашто ја зацврсти контролата над полицијата, поставувајќи го својот сојузник Ефкан Ална на должноста министер за внатрешни работи. Изразот „држава во држава“ има негативни конотации во Турција, бидејќи алудира на мрачна група оперативци поврзани со армијата и разузнавачките кругови, којашто дејствува надвор од демократските структури.

Синовите на тројцата министри беа распрашувани за скандалот во чијшто центар е наводно незаконското префрлување на пари во Иран и подмитување во врска со градежни проекти. Двајца од нив подоцна беа уапсени под обвинение за примање мито.

Министерот за природна средина и урбанистичко планирање Ердоган Бајрактар, близок на Ердоган, во телевизиското интервју емитувано директно изјави дека оставката ја дал под притисок. Бајрактар, исто така, изјави дека премиерот Ердоган е лично вмешан во матни работи со недвижности коишто се во фокусот на истрагата. „Премиерот, исто така, треба да поднесе оставка“, рече поранешниот министер.

Premierminister Türkei Tayyip Erdogan Porträt
Премиерот на Турција, ЕрдоганФотографија: picture-alliance/AP Photo

Десетици високи полициски функционери и стотици полициски началници веќе се отстранети од позициите во настојувањата на владата во Анкара да изврши чистка во редовите на полицијата од оние за коишто верува дека стојат зад покренувањето на истрагата.

Државните обвинители водат истраги и за други високи функционери, пишуваат во четвртокот турските медиуми, меѓутоа новите полициски функционери коишто ги постави владата дали отпор на нивниот прогон, што укажува дека се води бора за власт во самите државни структури.

Турскиот јавен обвинител информираше дека е отстранет од истрагата за корупцискиот скандал во Турција и дека таа е попречувана од страна на полицијата. Муамер Акаш обвини за притисок врз судството.

Џумхуриет“: Синот на Ердоган е следна цел на истрагата за корупција

Синот на турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган, Билал, најверојатно ќе биде следна цел на се‘ пообемната истрага за корупција, тврди опозицискиот дневник весник „Џумхуриет“.

Според весникот, жестоката борба меѓу премиерот и неговиот поранешен сојузник Фетхулах Ѓулен, кој му го сврте грбот, е на пат уште повеќе да се разжести со приближување на корупцискиот скандал до најтесниот круг околу Ердоган.

„Џумхуриет“ предвидува „земјотрес“, откако обвинителите се фокусираа врз невладината организација со која е поврзан Билал Ердоган. Според весникот, обвинителите вршат притисок врз полицијата да испита како организацијата добила еден објект од градските власти во Истанбул, чиј градоначалник е замешан во корупцискиот скандал. Градоначалникот на Истанбул, кој е член на Партијата на правдата и развојот (АКП) на Ердоган, на кратко беше приведен минатата недела, но подоцна беше пуштен на слобода до почетокот на судскиот процес. Владата на Ердоган, која ги преживеа масовните протести во јуни, влезе во тежок судир со приврзаниците на Ѓулен заради плановите за затворање на мрежата на приватни училишта на движењето „Хизмет“ на Ѓулен.

Конфликтот меѓу Ердоган и Ѓулен може да гу наруши плановите на Ердоган да се кандидира за претседател на земјата во 2014 година.

„Ѓуленистите“ имаат сопствени медиуми, универзитети, невладини организации и претпријатија и заземаат клучни позиции, наведуваат аналитичарите, според кои, движењето ќе биде единствената сила, која може да му се закани на Ердоган на локалните избори во март.

Во изминатите 11 години АКП на Ердоган доминираше во турската политика - победувајќи трипати по ред на изборите, освојувајќи речиси 50 проценти од гласовите во 2011 година, по што земјата постигна забележителен економски раст.