Ердоган и гневот на жените
26 ноември 2014За еманципацијата, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган очигледно нема високо мислење. Целосна рамноправност на мажите и жените е „неприродна“, рече претседателот во понеделникот токму на една конференција за правата на жените. Битието на жената и нејзините телесни карактеристики се поинакви отколку кај мажите. „Не може да се дозволи жените да ја вршат истата работа, како што се случуваше во минатото во комунистичките режими“, рече Ердоган, не одговара на нивната нежна природа да работат со лопата.
Борците за женските права и опозицијата реагираа шокирано. Тие го обвинија поранешниот претседател на конзервативната владејачка партија АКП за заостанат поглед на светот. Во Истанбул и Анкара борците за женските права повикаа на протести. Критиката на Ердоган во Турција прерасна во дебата за правата на жените и убиствата на жените.
„Неговите идеи се заостанати и во никој случај не се модерни. Како претседател нема право да каже такво нешто“ негодува Фикрие Јилмаз во разговор за ДВ. Таа ѝ припаѓа на една турска организација, која се бори против убиства на жените.
Иако Ердоган во неговиот говор јасно го осуди насилството врз жените и го означи како неисламски, за темата жестоко се дебатира. Во Турција постојано се случува жените да бидат убиени од нивните сопрузи, вели координаторката на Турската женска унија, Севна Сомунчуглу. Демократската партија на народите сега го повика парламентот на вонредна седница да заседава за насилството врз жените. Сомунчуглу исто така укажува и на запоставувањето на жените во многу области. Според едно рангирање на Светскиот економски форум за нерамноправноста на половите Турција се наоѓа на задните места. „Постои голем јаз меѓу мажите и жените, насекаде во училиштата, на улица, на работното место, во парламентот“, набројува Сомунчуглу.
Правата на жените честопати само на хартија
Активистката на Турската женска унија се жали дека многу права на жените законски писмено се потврдени, но не се спроведувани. Тоа, со последните изјави на претседателот на државата, ќе стане полошо. „На хартија сме во добра позиција, но кога еден претседател зборува така, тогаш сите кои треба да ги спроведат овие закони, нема толку да се грижат за тоа“, вели Сомунчуглу. „Секој ден се оди наназад“.
Опозиционата пратеничка Нур Сертер го обвинува поранешниот премиер дека со неговиот догматски поглед останува надвор од модерниот свет. „За да се сфати зошто положбата на жените во Турција е таква, мора само да се погледне на нашиот претседател. Тоа е доволно“, појаснува политичарката од Републиканската народна партија во турските медиуми. Еден сојуз од женски здруженија го обвинува Ердоган дека со неговите изјави ја крши уставната одредба за еднаквост и меѓународните договори. Изјавите на претседателот биле целно насочени да се поништат достигнувањата на женските движења.
Критика за ограничување на улогата на жената како мајка
На силна критика наиде и тоа што Ердоган како најважна улога на жената ја гледа нејзината улога како мајка. Улогата како мајка е соодветна на исламот, наведе претседателот. Феминистиките не можат да го сфатат тоа, смета таткото на четири деца. Феминистките би ја одбиле идејата за мајчинство. Уште пред неколку години Ердоган предизвика незадоволство со барањето секоја турска жена да треба да роди најмалку три деца.
Ваквото ограничување само на улогата на мајка го отфрла претседателката на Сојузот на турските женски движења Елиф Логоглу. На турските жени не им треба поучување од претседателот за мајчинството, реагира таа. Но, тоа не е единственото нешто кај темата еманципација. Исто така и прашањето дали жените можат да извршуваат иста телесна работа како мажите е ирелевантно. Секако дека мажите и жените телесно не се исти, вели професорката и претседателка на организацијата. „Но еманципацијата, за која станува збор е онаа пред законот, во образовниот и правниот систем. За тоа мора да станува збор.“
Со неговата традиционална слика за жените претседателот не е осамен. Многумина мажи мислат исто така вели Сомунчуглу од Турската женска унија. Ердоган со својот говор ја охрабрил и активистката покажува борбеност. Уште во Осмалиското царство, пред формирањето на Турција, жените ги барале своите права. „Ние ќе продолжиме“, најавува таа.