1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ердоган им пркоси на скандалите

Сенада Соколу/ Жана Ацеска21 март 2014

Откако во Турција зачестија политичките скандали, сите со нетрпение ги очекуваат комуналните избори на 30. март. Ризикот премиерот Ердоган и неговата партија АКП да ги загубат изборите, се чини сепак мал.

https://p.dw.com/p/1BThg
Фотографија: picture-alliance/AP

Ова е најтешката криза која владата на премиерот Реџеп Таип Ердоган било кога ја преживеала, и тоа кратко пред комуналните избори, кои треба да се одржат на 30. март. Од протестите во паркот Гези минатата година, луѓето секоја недела излегуваат на протести против Ердоган и неговата Партија на правдата и развојот, АКП, барајќи негова и оставка на владата. Некои во Ердоган веќе не гледаат легитимен премиер на земјата.

Причините за тоа за критичарите се очигледни: еден политички скандал следи по друг. Лавината започна со корупцискиот скандал на 17. декември. На овој ден беа уапсени повеќемина видни политичари и бизнисмени, но и синови на министри. Обвинувањето против нив е поткуп, илегални бизниси со Иран и богатење преку илегални градежни проекти. Ердоган во одговор отпушти или присилно премести судии, државни обвинители и полицајци.

Скандал над скандалите

Во февруари се намножија скандалите околу владиниот врв. На интернет беа објавени различни телефонски снимки, во едната наводно од разговор на поранешниот министер за внатрешни работи Муамер Ѓилер со неговиот син. Разговорот требаше да биде доказ за нивна вмешаност во илегални зделки со иранскиот бизнисмен Реза Зераб. Зераб спаѓа во главните осомничени во истрагата за корупцискиот скандал. Екс-министерот до денес ја негира автентичноста на снимката.

Türkei Proteste in Istanbul gegen die Regierung von Erdogan
Протести против Ердоган во корупцискиот скандалФотографија: Reuters

Уште понезгодно стана кога Ердоган беше доведен во директна врска со корупцискиот скандал. Со недели на Јутјуб курсираат снимки од телефонски разговори на Ердоган. Најдискутираната беше објавена на 24. февруари. На неа наводно Ердоган на 17. декември бара од својот син Билал да скрие огромни суми пари. Ердоган ги отфрла сите обвинувања и снимката ја оценува за монтажа. Турскиот премиер постојано потенцира дека свои прсти во играта има вмешано т.н. паралелна држава, управувана од исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кој живее во САД. Ѓулен е поранешен сојузник на Ердоган и во последните години преку своите приврзеници значително го зголемил влијанието врз судството и полицијата.

Türkei Regierung Korruption Bilal Erdogan
Синот на Ердоган, БилалФотографија: picture-alliance/dpa

Објавени се нови снимки

Оваа недела беше објавена нова снимка на телефонски разговор на Јутјуб, на која наводно се слуша Егемен Багис, близок соработник на Ердоган и до крајот на минатата година турски министер за Европа. На снимката наводно е разговорот на Багис со новинарот Метехан Демир. Багис е познат по тоа што секое петочно утро на Твитер објавува една верска порака.

„ Знам дека имаш еден молитвеник од кој ги копираш овие верски пораки“, му вели Демир на Багис.

„Не, немам. Побарај во Гугл под поимот пријателство во Коранот или неблагодарност во Коранот или нешто друго и ќе најдеш. Побарај нешто и не грижи се повеќе за тоа“, вели Багис. Потоа наводно двајцата се исмејуваат со арапскиот јазик. Ова во Турција предизвика големи бранувања и незадоволство, посебно што исламско-конзервативната владејачка партија АКП постојано го истакнува своето муслиманско верување.

Неделава се појави и нова снимка од телефонски разговор, наводно меѓу вработен во турската авиокомпанија Туркиш ерлајнс и советник на Ердоган.

„Многу материјал има во моментов на пат кон Нигерија. Дали е за убивање на христијани или муслимани?Јас вршам грев во моментов, да знаеш“, вели наводно службеникот на Туркиш ерлајнс. Компанијата во средата со соопштение ги демантираше обвинувањата за учество во илегално лиферување оружје. Таа тврди дека транспортира единствено оружје и воена опрема во рамки на меѓународните закони и прописи.

Türkei Korruptionsskandal Ausschreitungen Istanbul 27.12.13
Фотографија: Bulent Kilic/AFP/Getty Images

„АКП нема да ги загуби изборите“

По сите скандали околу владата на АКП, претстојните комунални избори владините критичари не ги гледаат само како избори, туку и како тест, како што се вели на Твитер и на Фејсбук. Опозиционата Народно републиканска партија, ЦХП, претстојното гласање го оценува како натпревар меѓу се‘ она што е забрането со исламското право и се‘ она што не е. Меѓу народот пак владеат различни мислења. Поранешните учесници во протестите во паркот Гези се несигурни.

„Секоја власт е корумпирана на некој начин. Ердоган и АКП економски ја унапредија Турција. Не знам кого друг би одбрала. Можеби воопшто нема да гласам“, вели една 35-годишна поранешна демонстрантка за Дојче веле.

И Емре Гонен, политиколог од Европскиот институт на универзитетот Билги во Истанбул, смета дека АКП има добри шанси да победи.

„Скандалите нема решавачки да влијаат врз изборниот резултат. Можеби ќе биде загубен дел од гласовите, но АКП нема да биде губитник“, вели тој за Дојче веле. Во последните години Турција постигна добра економска, социјална и политичка стабилност, истакнува Гонен.

„Од пред 30 години во Турција имаше воени пучеви, присутна беше војската. Овој проблем преку АКП се реши“. И покрај внатрешнополитичките моментни проблеми, според анкетите АКП нема да освои помалку од 40 проценти гласови. Треба да има силна политичка сила за да ја истисне АКП во опозиција, а засега таква во Турција нема на повидок, вели политикологот Гонен.