Ердоган има огромна моќ
16 мај 2014ДВ: Госпоѓо Дуфнер, многу граѓани на Турција протестираат против владата и премиерот Ердоган. За што ја обвинуваат турската влада?
Турската влада е критикувана дека не преземала доволно мерки за заштита на работниците, посебно во рудниците. Постоеше извештај за тоа. Опозицијата во парламентот пред неколку седмици побара да се формира истражна комисија, но парламентарното мнозинство на АКП, тоа го одби. Во Турција владее мислење дека човекот нема никаква вредност и дека сѐ се сведува на поголема добивка.
ДВ: Како се коментира несреќата во турските медиуми?
Весниците блиски до владата пишуваат дека Ердоган, со самото тоа што го посетил местото на несреќата, покажал дека ќе се погрижи за расветлување на случајот. Пишуваат и дека семејствата на жртвите ќе добијат по 1.000 турски лири, околу 330 евра, односно ќе им биде исплатена по една плата. Постојат и различни интерпретации на причините за несреќата. Во фокусот се става човечката трагедија, но не се пишува за причините или за истрагата околу несреќата, ниту пак за политичките мерки со кои во иднина може да се спречат слични несреќи.
ДВ: Што може сега да се очекува од противниците на владата?
Не изненадува што по несреќата луѓето го искажуваат бесот кон владата. Мислам дека повторно ќе има демонстрации. Синдикатите повикаа на еднодневен штрајк. Мислам дека нивното барање ќе биде потпишување на Меѓународниот договор за заштита при работа. Ќе има притисоци врз владата да поднесе оставка, но сите знаеме дека тоа нема да се случи.
ДВ: Зошто се сите сигурни дека нема да дојде до оставка?
Затоа што можеме да тргнеме од претпоставката дека премиерот Ердоган сиот бес и тага и барањата на опозицијата ќе ги интерпретира како завера против владата. Со други зборови, владата ќе ја обвини опозицијата дека сака да ја злоупотреби рударската несреќа за остварување на сопствените политички цели. Сосема е сигурно дека владата ќе се обиде да и го одземе легитимитетот на опозицијата.
ДВ: Има ли сепак вистина во тврдењата дека опозицијата сака да ја искористи несреќата за да ги оживее протестите од минатата година?
Тоа е дискусија која и ние тука ја водиме. Дали е правилно сега да се излезе на улица и да се протестира? Мислам дека расположението во земјата, особено поради изборната кампања која се води на ужасен начин, е такво што чашата е преполна и дека секој, па и најнаивниот настан може да ги доведе луѓето до границата на трпението. Мислам дека не е фер да се каже дека опозицијата тоа политички го инструментализира. Повеќе се работи за очајнички потег и дека луѓето ја користат секоја можност да ги искажат своите фрустрации против владата и својата безнадежност.
ДВ: Дали е тоа сигнал за сѐ поголема поделеност во земјата?
Со тоа би била внимателна. Мислам дека поделбата која тука ја доживуваме, е исконструирана. Еден експерт на за време на една манифестација минатата недела рече дека владата во изборната кампања производува непријатели, но дека тие и се ѝ потребни, за да може да ја води изборната кампања. Тоа значи дека и е потребен внатрешен непријател, за да ги збие своите редови.
Сепак верувам дека мнозинството ја поддржува владата која не ги почитува барањата на опозицијата и постојано се обидува да ја оцрни, но и популистички да го придобие народот за своите ставови. Факт е, и тоа не смее да се превиди, дека Ердоган сепак успева да го придобие мнозинството и дека оние кои се во опозиција, се сепак малцинство.
ДВ: Што е тоа што го има Ердоган, а другите го немаат?
Тој има неверојатна моќ и власт. Има можност да предизвика страв. Располага со инструменти за репресија и ги применува. Луѓето се исплашени. Моќта и власта се нешта кои привлекуваат. Значи, не се работи само за харизмата на премиерот, туку и моќ која е зацементирана и се проширува.
ДВ: Дали рударската несреќа ќе има влијание врз претседателските избори?
Искрено не верувам дека ќе има големо влијание. Следниве денови сигурно ќе има демонстрации. Ердоган, тоа е неговата тактика, ќе причека два дена, а потоа со сите сили ќе тргне против демонстрантите, и се ќе се врати по старо.