Ердоган е вон контрола
16 мај 2014Впечатоците кои турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган ги остава при јавните настапи едноставно не се за верување: неговите бодигарди и советници клоцаат и удираат критичари и демонстранти, а и тој самиот, според очевидци, замавнал кон млади девојчиња во супермаркет. Наместо да им пружи утеха на жртвите на ужасната рударска несреќа во градот Сома, однесувањето на Ердоган е вон контрола. Самоконтролата која се очекува од политичари на неговата функција одамна исчезна.
Овие инциденти не најавуваат ништо добро во пресрет на годишнината од протестите во Гези паркот на 28 мај. Најголемата грижа на една група борци за заштита на животната средина, студенти и академици кои излегоа на улиците пред една година беше заштитата на паркот од амбициозниот градежен проект на плоштадот Таксим во центарот на Истанбул, но сега делува дека во залог е самиот мир во турското општество.
Семејствата на жртвите во рударската несреќа и руралните маси кои симпатизираат со нив, се закануваат дека ќе ги здружат силите со урбаната популација која веќе се бори против Ердоган, во заеднички фронт. Иако засега е неизвесно дали ќе дојде до таков развој на настаните. Исто така е големо прашање колку долго ќе ја издржат демонстрантите полициската бруталност.
Ердоган, чија кандидатура за претседател е речиси сигурна, тешко дека ќе го смени начинот на размислување доколку дојде до функцијата. Неговиот избор уште во првиот круг на 10 август сега е под прашање, но најверојатно ќе успее да победи по вториот круг. Иако е веројатно дека Ердоган ќе ја загуби својата база во рударската провинција Маниса, тешко е да се верува дека тој и неговата исламистичко-конзервативна партија АКП ќе бидат далеку под вообичаените 50 проценти од гласовите.
Доколку турското претседателство, на чие чело во моментов е Абдула Ѓул, беше слободна позиција во некоја голема корпорација, малку е веројатно дека некој ќе му ја понудеше на Ердоган. Неговата политика кон Египет и Сирија, доживеаја голем неуспех. Неговата многу фалена економска политика оди надолу, а Турција сѐ повеќе го губи чекорот во посакуваните преговори за членство во ЕУ.
Но Турција не е корпорација, а електоратот не е изборен орган со моќ за донесување одлуки. Затоа многу е веројатно дека Ердоган ќе стане претседател на земја која тоне во жив песок. Иднината на Турција, и на внатрешен и на надворешен план, не делува толку розово како до пред една година. Но, со оглед на недостатокот на силна, харизматична опозициска фигура, тоа нема наскоро да се промени. Единствената надеж е дека ќе се појави некоја самовила и со своето волшебно стапче ќе го врати Ердоган во улогата на владин лидер со кој со задоволство соработуваа и Западот и Истокот.