1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕП: Двојазичноста во Македонија „на незадолжителна основа“

ЖА/миа21 јануари 2014

Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ), со 48 гласа за, четири против и шестмина воздржани, денеска гласаше за Предлог резолуцијата за Македонија во однос на последниот прогрес-извештај на EK.

https://p.dw.com/p/1AuHV
Фотографија: Tihana Lohinski

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, денеска (21.01.2014) се случија само две промени во однос на последните компромисни амандмани на известувачот Ричард Хауит, при што двојазичноста во земјата што ја побара тој е заменета со воведено двојазично образование „на незадолжителна основа”, додека терминот ултранационализам останува, но се појаснува дека се однесува на секоја земја во проширувањето, а не на Македонија.

Она што е најважно е дека првиот параграф од Предлог резолуцијата на Ховит останува, а тоа е дека "ЕП го повторува своето барање до Европскиот совет да одреди датум за почеток на преговори без натамошно одложување”.

Компромисните амандмани два и три остануваат, па така во првиот, Европарламентот го повикува gрчкото претседателство со ЕУ да ја искористи позитивната динамика на своето лидерство за да развие нови иницијативи за надминување на ќорсокакот во преговорите и да се дојде до решение и се охрабрува Македонија да ги консолидира реформите и обратните политики и практики што може да бидат пречка за нејзината европска иднина и решавање на тековните расправии со соседите”.

Во третиот компромисен амандман, кој се однесува на параграф 4 од Предлог- резолуцијата, се наведува дека „во согласност со ЕУ-процедурите, новите членки ќе бидат примени само кога тие ќе ги исполнат сите барања”, а притоа се споменува и исполнување на Копенхашките критериуми, што е всушност грчкото објаснување зошто Македонија не почнува преговори, а не блокадата поради името.

Не помина четвртиот компромисен амандман на британскиот европратеник, кој гласи: „ЕП нагласува дека добрососедските односи се суштински столб на процесот на пристапување на земјата во ЕУ и ја повторува својата позиција дека билатералните прашања треба да се решат што е можно порано во процесот на пристапување, во конструктивен и добрососедски дух и по можност пред отворањето на пристапните преговори. ЕП смета дека треба да се избегнуваат гестови, акции и изјави кои негативно може да влијаат врз добрососедските односи и бара поконкретни резултати во соработката со цел да се воспостават добри меѓусоседски односи на три страни: Атина, Софија и Скопје”.

Сега помина амандманот 22 на романската европратеничка Норика Николај, каде се вели дека „ЕП ги дели погледите на Европската комисија дека билатерални прашања не треба да задржуваат во пристапувањето кон ЕУ и тие треба да се решат што е можно порано во процесот на проширување преку интензивен и отворен дијалог во духот на заедничката европска иднина”.

Две промени се направени во однос на параграф 16 од Предлог резолуцијата на Хауит, каде со усмен амандман е посочено дека треба да се внимава на кој било медиумски закон што ќе се донесе, а не конкретниот медиумски закон што е во собраниска процедура во Македонија.

Она што е најважно, е што е променет дел во компромисниот амандман 12, каде претходно се посочуваше дека ЕП жали што поголем напредок се‘ уште не бил постигнат во однос на интегрираното образование и се наведуваше дека „ЕП бара акција на ова прашање за да се избегне поделба и потенцијални конфликти по етничка линија меѓу децата на училишна возраст. Во исто време се истакнува важноста на промовирање инклузивно двојазично образование и двојазичност во целина, а особено во општините каде немнозинските заедници треба да се здобијат со уставно право да го користат својот јазик во јавните живот и официјални акти”. Сега, останува делот за промоција на инклузивно промовирање на двојазично образование, но продолжението на реченицата е целосно избришано и место тоа стои дека истото треба да биде „... на незадолжителна основа”.

Компромисниот амандман 11, каде меѓу другото се наведува дека „ЕП ги осудува сите видови на ултранационализмот во земјата и повикува на антидискриминациски политики и толеранција во општеството, без оглед на верата, етникумот или јазикот“, целосно останува, со тоа што е појаснето дека терминот ултранационализам се однесува на секоја земја од процесот на проширување, а не на Македонија.

Во соопштението до јавноста по денешното гласање, известувачот Хауит напоменува дека „тековното грчко претседателство со ЕУ треба да се претвори во предност, а не пречка, во однос на долгогодишниот спор за името меѓу Атина и Скопје”.

„Предлог резолуцијата за која Европарламентот ќе дискутира на пленарна седница на 5 февруари во Стразбур, а ќе гласа ден потоа, исто така повикува Грција да го искористи раководењето со Унијата да се надмине сегашниот ќорсокак за пристапување на земјата во ЕУ и да се инјектира нов импулс во решавањето на прашањето за името“, вели Хауит.

„Грчкото Министерство за надворешни работи ме увери дека тие ќе го извршуваат претседателството во однос на Скопје објективно и во име на Европската унија како целина. Јас барам од нив да одат чекор понатаму со согледување на можноста за двете страни да направат вистински и искрени напори за решавање на прашањето за името, и да работат на постигнување решение за разговорите со ЕУ да започнат“, наведува Хауит.