ЕП гласа за резолуциите за Косово и Албанија
8 јули 2010Европскиот парламент ја подржува европската иднина на Косово, како и на регионот во целина. Без разлика каква и да биде пресудата на Меѓународниот суд на правадата, еврокомесарот за проширување Штефан Филе е сигурен дека ЕУ ќе продолжи да работи со Приштина.
„Календарот за напредокот на Косово е определен од самото Косово“, нагласи комесарот на почетокот од расправата. Според Филе, иако земјите-членки на ЕУ имаат различни погледи на еднострано прогласената независност на Косово, сите држави на ЕУ се „обединети во напорите да се подобри ситуацијата на теренот“.
Тој, меѓу другото, истакна дека е неопходно да се интегрираат раселените лица во Косово, додавајќи дека Европската комисија е во интензивни контакти со Приштина за тоа прашање.
Најголемиот проблем на Косово е корупцијата и борбата против организираниот криминал, на што потсети британецот Чарлс Танок.
„Корупцијата останува огромен проблем за Косово, кој истовремено е значаен транзитен центар за нелегална трговија со дрога и луѓе. Економијата не функционира и таа зависи од европската помош“, рече британскиот европратеник.
Албанија потроши многу енергија и време поради неспособноста на власта и опозицијата за соработка
Еврокомесарот Филе исто како и европратениците во однос на Албанија, истакнаа дека политичката нестабилност во земјата е многу загрижувачка.
„Албанија потроши многу енергија и време поради неспособноста на владата и опозицијата да постигнат консензус и да соработуваат по виталните прашања за земјата“, посочи Либор Ручек.
Во предложената резолуција за Косово се вели дека би се поздравило признавањето на Косово од сите земји на Европската Унија, бидејќи пет земји членки: Кипар, Грција, Романија, Словачка и Шпанија се‘ уште не го имаат направено тоа.
Од друга страна Србија треба да постапува прагматично околу прашањето за статусот на Косово и да се воздржи од блокирањето на членството на Косово во меѓународните организации. Притоа, се признава дека „прифаќањето на независноста на Косово засега не е прифатлива политичка можност за раководството на Белград.“
Во резолуцијата за Албанија, се потврдува поддршката на европските перспективи на земјата, откако таа ќе ги исполни критериумите од Копенхаген. Во таа перспектива се бара да му се стави крај на политичкиот ќорсокак создаден по изборите во 2009.
Европратениците во резолуциите подвлекуваат дека целосно операционалните институции и транспарентниот, непристрасен и ефикасен правен поредок се одлучувачки предуслов за интеграцијата во Европската Унија.
„Годината што е пред нас ќе биде многу важна за Албанија, за Косово и за регионот во целина“, резимира еврокомесарот за проширување Штефан Филе. Се очекува, европратениците да ги усвојат двете предложени резолуции во текот на денот.
Автор: Тони Гламчевски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска