1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еманципација на жените во Албанија

М. Роптерт/ Ж. Ацеска26 јули 2014

Семејното насилство е многу присутно во Албанија. Жариште е католичкиот север на Албанија. Таму и денес важат правилата на Канунот, обичајното право, според кое жената е сопственост на мажот. Но, жените се еманципираат.

https://p.dw.com/p/1CQMf
Фотографија: picture-alliance/dpa

На вечерта од пред неколку месеци надворешно потсетува само кратката коса: кога Војсава стигна дома од работа подоцна од обично, мажот и‘ ја обвини за неверство. Тој не и‘ поверува дека била во црква и и‘ се закани со нож. Нејзиниот најстар син, кој неодамна беше пуштен од затвор, му помогна на татко му.

За жените како Војсава се грижи организацијата „Денес за иднината“

Фабиола Егро е соосновач на албанското Движење за права на жените. Нејзината организација е место за контакт за жртвите на семејно насилство и им помага да го преработат доживеаното.

Војсава е жива само поради тоа што нејзиниот помал син викнал полиција. Но, малтретирањето уште и се гледа. Таткото и најстариот син ја нападнале со нож.

„Мажот ми и син ми ми ја отсекоа косата со нож. Таков е законот таму од каде што потекнуваме, така се казнува неверната жена. На син ми му простив, сепак јас сум му мајка. Немам сила да го отфрлам сопствениот син,“ вели Војсава.

Војсава Арапи потекнува од строго католичкиот север на Албанија. Таму и денес важат правилата на Канунот, обичајното право, според кое жената е сопственост на мажот. Во северните планински села нема работа, па многу луѓе се селат во градовите, на пример во Драч, вториот по големина град во Албанија. Но, и овде правата на жените не се почитуваат.

Фабиола Егро се грижи за запоставените жени и им отвора нова перспектива. Во Центарот „Денес за иднината“ таа ги поддржува жените на патот кон економска независност.

Фабиола често мора да им помогне на жените од семејствата доселени од село, како и во случајот со Војсава.

„Семејното насилство е многу присутно во Албанија. Поранешниот мочурлив предел кај Драч е жариште. Преку нашиот СОС-телефон секој месец имаме околу 35 повици од засегнати жени.“

Во нејзиниот центар жените можат да изучат некоја професија, на пример за готвачка или шивачка.

И Валентина Сала сака да стане економски независна: таа сонува за сопствено кафуле. Нејзиниот маж долги години работеше во Грција, но сега таму веќе не може да најде работа. Валентина живее во некогашната мочурлива област, сиромашниот дел од градот.

Овде живеат вкупно 60.000 луѓе. Мириса на ѓубре и на фекалии. Но, Валентина е задоволна со скромното живеалиште.

„Пред 15 години oвде беше уште полошо. Немаше струја, вода, улици. Кога ќе ги покријат уште и одводните канали, ќе бидам сосема задоволна. Но, се разбира, се надевам дека наскоро ќе најдам работа“ вели Валентина Сала.

Жените во Албанија често имаат скромни желби за во иднина. А за да ги остварат, потребна им е пред се‘ многу храброст.