1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Екс-терористиката на РАФ осудена на четири години затвор

ЕМФ/дпа6 јули 2012

Верена Бекер, цели 35 години по убиството на сојузниот обвинител Зигфрид Бубак, денеска (06.07) е осудена на четири години затвор поради пружање помош во подготовката на убиството.

https://p.dw.com/p/15Sqk
Фотографија: Reuters

Од четирите години затвор, екс-терористката на РАФ (Фракција на црвената армија) Верена Бекер веќе има одлежано двеипол, поради пресуда во претходен процес. Обвинителството, инаку бараше 4,5-годишна затворска казна, додека одбраната на 59-годишната Бекер пледираше за нејзино ослободување. Самата Бекер пред судот отфрли каква и да било вмешаност во убиството на сојузниот обвинител Зигфрид Бубак и две лица од неговата придружба, извршено во 1977 година, во Карлсруе, од страна на непознат напаѓач(и) на моторцикл. Според проценката на судот, Бекер учествувала во донесувањето одлука за убиство на Бубак и со тоа им дала поддршка на извршителите во нивната намера. Кои се вистинските убијци судот и по година и половина судски процес против Верена Бекер не можеше да утврди. Голем број од сведоците во меѓувреме се починати или веќе не се сеќаваат прецизно на настанот.

Фотографија од април 1977 година, направена непосредно по убиството на Бубак
Фотографија: dapd

Синот на убиениот обвинител, Михаел Бубак, обвини дека во процесот на истрагата за убиството имало тешки грешки и дека дури Верена Бекер имала „заштитник“. Михаел Бубак смета дека Верена Бекер лично пукала во неговиот татко, но дека подоцна добила заштита во текот на истрагата од лице во тогашната власт. Судот, меѓутоа, денеска нагласи дека за ваквите обвинувања нема докази.