1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еколошки или други мотиви ја прелеаја акумулацијата „Луково поле“?

Катерина Блажевска24 јануари 2014

Предупредувањата на граѓаните и еколошките друштва за „Луково поле“се драгоцени, но и злоупотребени како параван за политичко-економски интереси на соседите, сметаат домашни експерти за енергетика.

https://p.dw.com/p/1AwSu
Фотографија: Milco Jovanoski

Отпорот на граѓаните од Дебар, од населените места во реканскиот регион и на еколозите против изградбата на акумулацијата „Луково Поле“ и на хидроелектраната „Бошков мост“ во Националниот парк „Маврово“, ги претвори двата проекта во меѓудржавен проблем на релација Тирана - Скопје. Со изградбата на проектот „Луково Поле“ во северозападниот дел на Македонија, кој треба да почне да се реализира в година, планирано е Македонија да добие дополнително производство од 159 гигават-часови електрична енергија годишно, кои ќе се обезбедуваат од веќе изградените хидроцентрали „Врбен“, „Вруток“ и „Равен“ и од новата хидроцентрала „Црн Kамен“.

Албанија на нозе

Проектот наиде на остри критики, особено во Албанија. Минатиот месец во Њујорк, пред зградата на ООН протестираа иселеници од Реканскиот крај што живеат во САД и поднесоа петиција да се стопира изградбата на „Луково Поле“. Албанскиот премиер Еди Рама на својот твитер-профил напиша дека „нема да дозволи да се реализираат проекти што допираат во нивните интереси, како што е 'Луково Поле'“, а поранешниот албански премиер, Сали Бериша, обвини дека владите на Албанија и Македонија веќе се договорени за проектот и го обвини Рама дека не ја кажува вистината. На протести излегоа и жителите на Тирана, но и на Пешкопеја, град кој е 23 километри оддалечен од Дебар. Еколозите изразија стравување дека ако се намали капацитетот на Радика, од неа нема да остане река, туку канализација. Тие ја формираа веб-страницата saveriverradika.com на која бараат поддршка за зачувување на животната средина, а испратија и „Декларација за спас на Националниот парк ’Маврово’“ до премиерот Никола Груевски и до министерот за животна средина Абдилаќим Адеми. По притисоците од соседството, Адеми за албанската телевизија „Топ чeнел“ најави дека министрите Албанци во македонската владата ќе ја блокираат изградбата на „Луково Поле“ ако се потврди дека со тоа се загрозува животната средина во подрачјето на Дебар. За проектот неодамна во Подградец разговараа лидерот на ДУИ, Али Ахмети и министерот за надворешни работи на Албанија, Дитмир Бушати, кој побара да се земат предвид реакциите на жителите на Дебар, а македонската влада и Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) да ги применат меѓународните конвенции за води и билатералните договори.

Други интереси зад екологијата

Според домашни експерти за енергетика, предупредувањата на граѓаните и еколошките друштва за „Луково поле“ се драгоцени и корисни, но и злоупотребени како параван за политичко-економски интереси на соседите. Тие тврдат дека зад отпорот на албанските власти и невладини организации против „Луково Поле“ се крие страв дека Радика ќе пресуши и дека нема да остане доволно вода за трите хидроцентрали на Дрим во Албанија, земја која дури 70 отсто од своето производство на електрична енергија го добива токму од хидроенергија. Според нив, тие стравувања се неосновани. Од ЕЛЕМ на јавните расправи за проектот, потенцираа дека „Луково Поле“ ќе ги користи пред се‘ водите од Kораб и дека дополнителното вкупно количество вода што ќе се пренасочи од Радика е 7,2 кубни метри во секунда, што е помалку од 8 кубни метри во секунда, колку што е дозволено со меѓународните договори. И Лилјана Поповска, претседателка на пратијата на зелените, ДОМ, која ја посетила месноста Луково поле, се сомнева дека во овој случај повеќе е вмешана политиката.

„Планираната хидроцентрала 'Луково Поле' е голем предизвик. Тоа е значаен енергетски објект со обновлива енергија, но истовремено проект што ја менува природата и може да биде еколошка закана. Затоа се очекува студијата за еколошко влијание да ни даде одговор за влијанието врз водните текови и биодиверзитетот. Доколку се оди во реализација на проектот, мора да се најде решение и за патот на животните, со изградба на посебни еко-насипи, како во Европа. Со оглед на инволвираноста на Светска Банка, ЕБРД и повеќе НВО, верувам дека целиот проект ќе има сериозен мониторинг. Во меѓувреме успеавме да ја спасиме Длабока Река, еден раскошен пејсаж кој добро го знаат планинарите и токму тие ни укажаа на него. Останатиот пејсаж на Луково Поле се неатрактивни голини кои не се дел од националниот парк. Бев на самото место, на иницијатива на планинари - екологисти. Овој објект треба да се гради на стратешки важно место, на крстосница на 3 држави, па имам впечаток дека некои реакции однадвор се со политички призвук“, вели Поповска.

Mavrovo, Mazedonien
Маврово - да се заштити животната срединаФотографија: Petar Stojanovski

Длабока Река во заштитената зона

Cпоред планот на ЕЛЕМ, се предвидува изградба на доводен канал во должина од околу 20 км. кој ќе ги доведе корабските води од зафатот Пројфел (Длабока Река) до вливот на акумулацијата „Луково Поле". Токму пределот Длабока Река ги крена на нозе екологистите во земјата. Тие тврдат дека Светска банка ги прифатила нивните коментари и им наложила на Министерството за животна средина, Националниот парк „Маврово“ и на ЕЛЕМ да го вратат пределот „Длабока река“ во заштитената зона.

„Ја разбираме загриженоста за развојот на хидроенергија во заштитените подрачја или во нивна близина, и ќе обезбедиме исполнување на највисоките стандарди во врска со управување со природните ресурси, биолошката разновидност, растителните живеалишта, во согласност со политиките на Светска банка и директивите на ЕУ. Ако заклучиме дека овие стандарди не се исполнети, ние нема да бидеме вклучени во проектот“, изјавија од Светска банка за медиумите. Од ЕЛЕМ ветуваат дека проектот „Луково Поле“ ќе се реализира според најстрогите еколошки стандарди и оти со неговата реализација ќе се намали зависноста на Македонија од увоз на струја и ќе ја заштити животната средина со зголемувањето на уделот на обновливите извори и намалување на користењето на фосилни горива. Тие потенцираат дека проектот е во согласност со меѓународните конвенции за води. Во таа насока е и изработката на Студијата за оцена на влијанието врз животна средина што наскоро треба да биде финализирана. Во документот детално се опишани и разработени сите аспекти на животната средина: геологија, квалитет на воздух, квалитет на вода и хидрологија, флора и фауна, социо-економски аспекти, управување со отпад и визуелни аспекти.

Што е поголемо - ќарот или зијанот?

Атанаско Туневски, редовен професор на Машинскиот факултет и поранешен директор на МЕПСО - македонскиот електропреносен систем оператор, вели дека се важни два аспекта.

„За Македонија, секако, е значајно производство на 159 гигават-часови електрична енергија годишно. Но, прво, колку ќе чини тој проект? Мора да се знае цената за да се утврди дали е економски исплатлив. Откако тоа ќе се расчисти, треба да се добие сериозна студија за неговото влијание врз животната средина. Лесно е да се каже – нема да има негативно влијание. Добро, но ајде да видиме кој го вели тоа, врз база на кои анализи и аргументи? Ако овие два аспекта не се разјаснат, штетата може да биде двојна - и неисплатлив проект и уништена животна средина“, вели Туневски.

Националниот парк Маврово е емералд подрачје, дел од мрежата на подрачја од посебен интерес за зачувување (Areas of Special Conservation Interest - ASCI) поради големата еколошка важност за загрозените видови и типови живеалишта заштитени согласно со Бернската Конвенција. На таква заштита Македонија во иднина ќе биде и обврзана со мрежата Натура 2000, која важи за членките на ЕУ, но е и една од клучните теми во процесот на пристапување кон Унијата. Во паркот Маврово кој се протега на 73.088 хa, денес егзистираат 1.473 растителни видови, од кои 404 лековити, 13 ендемски и 29 ретки. Низ мавровските шуми талкаат и последните примероци на реткиот и загрозен вид, мавровскиот рис (Lynx Lynx Martinoi). Тој е најзаштитен само на монетите од пет денари кои тропаат во џебовитена македонските граѓани. Ако поради проектни зафати во кои не е спроведена сериозна еколошка заштита биде осуден да „живее“ само на нив, тие монети секојдневно ќе ги потсетуваат дека еколошката свест во Македонија не вредела ни пет пари.