Едномесечен притвор за Будимир, адвокатот зборува за државен удар
28 април 2013Живко Будимир, кој беше уапсен во петокот (26.04), е оосмничен за примање мито и кршење на Законот за помилување. Тој може да поднесе жалба на одлуката на судот во рок од 24 часа.
Рагиб Хаџиќ, адвокат на претседателот на федерацијата БиХ, денеска изјави дека станува збор за „класичен државен удар“. Тој најави жалба на одлуката на судот за едномесечен притвор, нагласувајќи дека доказите имаат многу недостатоци. Според Хаџиќ, станува збор за пресретнати телефонски разговори кои упатуваат на сосема друго лице, а не на Живко Будимир. Хаџиќ тврди дека и другото лице по пресретнатите разговори со луѓето со кои разговарало, давало негативен одговор како „не е можно да се направи ништо“, „нема можности“ и слично.
Според адвокатот на Будимир, информацијата за петте илјади конвертибилни марки што се најдени за време на претресот на кабинетот на Будимир е пласирана злонамерно во јавноста: „Тоа е позајмица што Будимир ја зел од благајната. Требало да ја врати, но не стигнал“, рече неговиот адвокат.