1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Една година од почетокот на егзодусот на Рохингите

Зилке Дитрих (ард)
25 август 2018

Една година по почетокот на воените акции против Рохингите во Мјанмар, илјадници бегалци од ова малцинство протестираа во Бангладеш против нивното протерување. Во соседната земја прибежиште најдоа околу милион луѓе.

https://p.dw.com/p/33jf8
Bangladesch Rohingya fliehen aus Myanmar
Фотографија: Reuters/J. Silva

Август 2017: големи сиви облаци од чад. Пукотници на западот на Мјанмар. Илјадници луѓе деноноќно бараат спас бегајќи со стари чамци. И, се усидруваат во Бангладеш. Бремени жени, деца, стари, млади, сите се исцрпени и со повреди. Речиси сите муслимани од Мјанмар избегаа во Банглaдеш за само неколку недели. Без багаж во рацете, но затоа со голем товар од страшните доживувања.

Grenze Bangladesch Myanmar Rohingya Flüchtlinge
Фотографија: Reuters/D. Siddiqui

„Од местото каде што бев скриена видов како син ми се обидува да бега. Но имаше голем број војници. Го убија и запалија“, раскажува Хасина, мајка на четири деца.

Убиен е нејзиниот најстар син. Таа со едно од помалите деца побегнала во Бангладеш. Каде се другите две деца и сопругот, не знае.

Мосадека исто така минала преку големата река. Има десет години и вели дека војниците во Мјанмар ја убиле сестра ѝ: „Многу ми беше страв, колеа луѓе. Избегав со татко ми.“

Обединетите Нации зборуваат за „етничко чистење“ во Мјанмар, зборуваат за „ужасно крвопролевање“ и „масовни силувања“. Сепак, со Мјанмар потпишаа изјава за намери. Истото е направено и со Бангладеш. Рохингите може да се вратат назад, тврди Мјанмар. Но, под какви услови? Дали Мјанмар ќе ги признае Рохингите како граѓани на земјата и ќе ги остави да живеат намира? Тоа не е расчистено, па ниту еден единствен бегалец и не е вратен назад.

Во Бангладеш сега живеат речиси еден милион Рохинги. Повеќето се сместени во најголемиот бегалски камп во светот - Кутупалонг.

Bangladesch | Rohingya-Flüchtlingslager rund um Cox's Bazar
Кутупалонг стана најголем бегалски камп во светотФотографија: DW/ P. Vishwanathan

Сајадур со сомнеж во очите прашува: „Измачувањето ќе престане? Јас 45 години преживувам шиканирање, уште од детството. Би се вратил само ако тоа навистина престане.“

Време на дождови е. Делови од кампот се под вода, купишта кал постојано се уриваат и со себе носат шатори и поклопуваат луѓе.

„Шатор направивме овде, на оваа височинка, дури пред неколку месеци. Тоа беше нашиот нов дом. Но, пред неколку дена врнеше толку силно, што височинката, заедно со сите шатори кои беа на нејзе, се урна“, вели очајниот Мохамад Илијас.

Bangladesch Rohingya-Proteste im Kutupalong-Flüchtlingscamp
Протести во бегалскиот камп Кутупалонг во Бангладеш на годишнината од почетокот на егзодусот на РохингитеФотографија: Reuters/M.P. Hossain

Никој не смета дека Рохингите ќе се вратат во Мјанмар во догледно време. Напротив, доаѓаат сѐ повеќе луѓе. Во камповите, според податоци на хуманитарните организации, секојдневно се раѓаат по околу 60 деца.