Една бројка го нарушува славјето на СПД и Унијата за првите 100 денови на нивната соработка
1 март 2006На 100-те денови по стапувањето на должност на владата на големата коалиција предводена од Ангела Меркел, со оглед на состојбата на пазарот на работна сила, разбирливо, преовладуваат критички тонови.
„Една бројка го нарушува славјето на СПД и Унијата за првите 100 денови на нивната соработка. Пет милиони невработени силно ја искривуваат сликата. Ни погледите во иднината на професионалните оптимисти не ја прават сегашноста поубава. Ништо не е направено по смената на власта. Големите социјални проблеми - невработеноста и здравството, не се чепнати. Има само почувствувани подобрувања, но не и реални“ – коментира „Берлинер курир“.
„Останува парадокс: речиси се’ што порано беше опишувано како погрешно, денес се прави, речиси се’ што порано предизвикуваше возбудување – како пет милиони невработени, денес, по 100 денови, се регистрира прилично релаксирано. И ако канцеларката со нејзината коалиција има среќа, ќе имаат и успех“ – забележува „Тагесшпигел“ од Берлин.
Скепса искажува и „Зиддојче цајтунг“ од Минхен:
„Новите бројки за невработеноста веројатно нема да му наштетат на општото воодушевување од сојузната канцеларка и нејзиниот црно-црвен тим. Оние Германци, на кои уште им оди сосем пристојно, речиси веќе штуро сакаат да го одржат својот оптимизам. Малку добро расположение е на место и убаво, но расте опасноста една фрустрација што извира од разочарувањето да го турне расположението дотолку подлабоко – што се чита од однесувањето на граѓаните со потрошувачката и готовноста на претпријатијата за инвестирање“.
„Ди Велт“ од Берлин анализира:
„Никаков вресок со оглед на повторно преку пет милиони невработени, никаков протест против натамошните даночни оптоварувања на граѓаните и само чепкање околу симптомите – види кај пензиите, здравството и пазарот на работна сила. Дали е во прашање исцрпеност, што Германците се толку задоволни со оваа влада, посебно со оваа канцеларка? Факт е дека реформската и ура-вибрација од последните години никогаш вистински не соодветствуваше на германската чувствителност. Кој премногу често ја искажува вистината, понекогаш и не и’ прави услуга“.
„Мителбајерише цајтунг“ од Регенсбург позитивно гледа на работите:
„Нема причина за лошо расположение, барем не што се однесува до состојбата на германскиот пазар на работа. Иако и во февруари беше пречекорена психолошки важната граница од пет милиони невработени, има сигнали на надеж. Едно е сигурно: апсолутниот број на неварботени е само половина вистина. Многу поречити се добиените вредности прочистени од вообичаените сезонски влијанија“.