„Единство и мир“ за Велигден
30 април 2016„На овој најголем празник, на Велигден, да се помолиме, заедно со свети Климент и со сите македонски светии, и да испросиме од Господа сплотување и братска љубов меѓу нас. Нема поблагословен ден од Велигден, па, од името на нашата света Македонската православна црква, повикуваме на единство и мир меѓу нашиот народ“, се вели во пораката на поглаварот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, Г.Г. Стефан до сите верници од православна вероисповед по повод претстојниот празник Воскресение Христово - Велигден.
„Само со искрена вера и меѓусебна љубов, ќе можеме да одговориме на сите предизвици. Па да се молиме, Бог да ги запре недоразбирањата, немирите и војните кај нас и во целиот свет, да ги врати раселените во своите домови, да ги закрили оние коишто страдаат, и насекаде и во секого да воскреснат и завладеат правдата и вистината“, стои натаму во пораката.
Честитки за празникот Велигден до сите православни верници упатија и претседателот Ѓорге Иванов, претседателот на Собранието Трајко Вељановски, премиерот Емил Димитриев, лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев и други. Во нивните пораки истотака се истакнува значењето на мирот , солидарноста, хармонијата, единството.
Велика (Страстна) Сабота е денот меѓу смртта и воскресението, меѓу петок и Велигден, денот што ги спојува распнувањето и радоста. Православните верници ги прават последните подготовки пред вечерашното прославување на најголемиот христијански празник – Велигден.
Во текот на Велика сабота, многу почесто порано, во храмовите обично се осветувала велигденската храна, како јајца, колачи...
Малку пред полноќ се служи полноќната литургија на која Покровот се внесува во олтарот и се полага на престолот. Велигденската Голема или Утринска е свечена литургија посветена на Христовото воскресение и започнува обично на полноќ.
Велика сабота е и ден на исчекувањето. Вечерва се оди во црква каде што секој носи црвено јајце. На полноќ сите присутни со песната „Христос воскресе” трипати ја обиколуваат црквата. Во црквата се останува за Големата литургија, а потоа се причестуваат, се кршат со јајцата и се омрсуваат.
Празникот на Христовото воскресение Велигден е празник на љубовта и мирот. За христијаните, Велигден е триумф на животот над смртта и доброто над злото, ден кога Исус Христос воскреснал од мртвите по неговата смрт со распнување, и ја докажал Божествената моќ.
На Велигден, верниците си подаруваат едни со други рака на помирување, со традиционалниот поздрав „Христос воскресе” и „Ваистина воскресе“.