Еден мртовец и спорот помеѓу Фолксваген и Превент
25 август 2020Скандалот со прислушување во најголемиот европски автоконцерн Фолксваген наликува на крими-роман: пронајдено е тело во изгорен автомобил на осомничен шпион, против кого истрага води обвинителството во Брауншвајг.
Според ДНА-анализата, која властите ја потврдија викендов, во автомобилот е телото на сопственикот на возилото, поранешен менаџер во Фолксваген, кого концернот го обвинува дека издавал важни информации од фирмата. Според обвинителството, има многу индиции дека се работи за самоубиство, но истрагата се’ уште работи на случајот.
Пред три месеци имаше напад со потпалување, а цел беше куќата на осомничениот. Тој во тоа време бил суспендиран од работа, затоа што во 2017 и 2018 година снимал разговори на работна група во Фолксваген. Темата била - односот кон несаканиот доставувач Превент.
Фолксваген и Превент се со години во огорчен спор. Фирмата доставувач на делови е под контрола на босанската фамилија Хастор.
Повеќе:
Збирна тужба против Фолксваген
Фолксваген: Од дизел-измамник до предводник во еко-мобилност
Мочуриштето во кое газат германските автопроизводители
Двете компании со лош имиџ
Имиџот на Фолксваген е нарушен најдоцна од скандалот со дизелот. И Превент во татковината има повеќе негативен имиџ. Превент во Босна и Херцеговина важи за прототип на играч од фазата на агресивен капитализам по крајот на војните во 1990-те.
Фирмата, основана од Нијаз Хастор, важи за несоцијален работодавач со некомпетентен менаџмент, што редовно води до штрајкови и тужби. Хастор порано бил менаџер во фабриката ТАС во Сараево, каде во времето на социјализмот 20 години се произведуваа модели на Фолксваген.
Сопственикот на Превент се држи во позадина
На фамилијата Хастор и’ успеа да се држи во голем дел надвор од јавната дебата. Тоа, меѓу другото, функционира и поради тоа што ниту еден член од семејството не живее во Босна. Нијаз Хастор и неговите синови Дамир и Кенан се појавуваат одвреме-навреме кратко во земјата за да раководат со седниците на Надзорниот одбор, но притоа такаречи никогаш не настапуваат јавно. За презентирањето нанадвор се задолжени вработени раководители во Превент.
Во врска со економскиот успех на Превент, пак, нема сомнежи ниту во БиХ ниту на Западен Балкан. Превент на својата интернет страница наведува дека вработува „повеќе од 10.000“ работници. Само во БиХ компанијата вработува околу 7500 луѓе. Значи, таа е важен работодавач со оглед на стапката на невработеност во земјата од 18% (пред почетокот на корона-кризата). Најголемиот дел од вработените во Превент надвор од БиХ се во Германија.
Во медиумите во повеќето западнобалкански држави и во ЕУ-членката Хрватска темата Превент и конфликтот со Фолксваген речиси и не е третирана. Во Босна и Херцеговина, татковината на семејството Хастор, за тоа се известува почесто, но со многу неутрален тон. Само големиот онлајн портал klix.ba пишува често позитивни работи за Превент и нејзиниот сопственик.
Запрено производство во Фолксваген
Германските фирми-ќерки на Превент, ЕС Аутомобилгус и Кар Тим, во август 2016 година го запреа доставувањето на менувачи на брзини и навлаки за седишта, што предизвика повеќедневно скапо запирање на производството во фабриката на Фолксваген во Волфсбург и на други места.
Фирмите го обвинуваа Фолксваген за злоупотреба на моќта. Автопроизводителот ги откажувал договорите „веднаш и без причина“ и отфрлал финансиско порамнување, се велеше тогаш. Запирањето на доставување делови, како што беше тогаш објаснето од фирмите-ќерки на Превент, е со цел за самозаштита и е борба за иднината на сопствените работници.
Моќниот шеф на Работничкиот совет на Фолскваген, Бернд Остерлох, пак ги нападна двете фирми: „Според нас, одговорноста е јасно кај доставувачите“, рече Остерлох во едно интервју.
Нејасно е дали зад конфликтот стоеше борба за цени. Околу тоа има шпекулации до денес. Поради огромниот товар од дизел-скандалот, кој почна есента 2015 година, Фолксваген во 2016 година мораше да го заостри курсот на штедење.
Зависност од доставувачите
„Не гледам поврзаност со дизел-аферата“, рече тогаш во разговор за ДВ аналитичарот Франк Швопе од НордЛБ. „Но, тоа се повторно негативни наслови, кои на крајот на краиштата го чинат Фолксваген пари.“
Фолксваген ги исцрпи сите правни средства за повторно да го активира доставувањето. Тука се вбројуваат заканите со казни против двете фирми и нивниот менаџмент. Освен тоа, концернот бараше и овластување самиот да ги земе деловите од ЕС Аутомобилгус.
Очигледно, Фолксваген во текот на спорот беше зависен од деловите од доставувачите. Тоа особено важи за менувачот на брзини за голф, каде Фолксваген главно беше зависен од еден доставувач. Принципот е познат во браншата како „single sourcing“, односно снабдување од еден извор.
Разделба и покрај постигнатиот договор
По тешки преговори, спротивставените страни на крајот изненадувачки брзо дојдоа до договор во спорот. Деталите не се познати. За содржината на договорот е постигната согласност за молчење, беше речено своевремено од страна на Фолксваген. Весникот Хановерше алгемајне цајтунг, пак, повикувајќи се на извори од преговорите, пишуваше дека компаниите договориле долгорочно партнерство.
Фолскваген во март 2018 година ги откажа сите договори со Превент. Оттогаш двете страни се на суд поради обесштетување и се натпреваруваат во обвинувања на сметка на другиот.
Позадината и натаму нејасна
Автомобилскиот концерн најверојатно подолго време се советувал и размислувал како може да го исклучи од игра Превент. Токму при овие разговори илегално се снимени околу 50 часови аудио-материјал на најмалку 35 снимки и истите му се доставени на онлајн порталот „Бизнис инсјадер“. Главниот осомничен во оваа афера со прислушување сега е мртов, а позадината е се’ уште нејасна.
На крајот на јули, кога првпат излегоа информации за тонските снмки, Превент соопшти дека „на одговорните во Фолксваген очигледно им е во ред да посегнат по секакво средство за да ги исклучат независните доставувачи“. Фирмата Превент „јасно“ отфрли „учество во настанувањето на овие снимки“ и соопшти дека за тоа „не знаела ништо“.