Евроинтеграции на Македонија
12 септември 2008Боцевски: „Ништо не може да ја спречи Македонија на патот кон ЕУ“
Интервју со македонскиот вице-премиер за евроинтеграции, Ивица Боцевски. Разговорот го водеше Горан Петрески.Господине Боцевски, дали Македонија ќе добие датум за старт на преговорите за членство во ЕУ до крајот на годината?
Боцевски: „Она што можеме да го направиме, она што владата на Република Македонија ќе го направи е да се држи на зборот, односно во предвидениот рок да ги реализира осумте одредници што комесарот Оли Рен ги достави до владата и воедно ќе прикажеме дека одговорот на Р. Македонија и властите на изборните нерегуларности беше жесток и соодветен за секоја организирана, демократска, социјализирана држава. “
Освен лошо организираните избори и спорот со Грција, кој останатите услови оди тешко за спроведување?
Боцевски: „Не би се согласил со вашиот заклучок, имено во перспектива ова се први политички избори во Македонија во кои јасно беше кажана политичката волја на политичкото раководство дека секој глас во Република Македонија, значи и дека секој граѓанин во Македонија соодветно ќе си го реализира своето избирачко право. Во однос на Грција, го знаете ставот што го имаме, односно дека ние сме апсолутно активен и конструктивен партнер во преговорите, но од другата страна немаме соодветен партнер, односно ја имаме Република Грција, која си има некои свои мали внатрешни „проблемчиња“ и која поради некои дневно-политички причини прави притисок што се одразува и на друго место. Во тој поширок контекст не смееме да заборавиме дека Р. Македонија, во почетокот кога беше основнана како држава, ја виде ЕУ во своето најдобро светло – тоа е Бадинтеровата комисија, што врз основа на реални заклучоци заклучи дека земјата заслужува членство. Но, Р. Македонија веднаш потоа ја виде ЕУ и во своето најлошо светло, кога една мала, европски демократска држава, беше принудена со Лисабонската декларација да го промени своето име. До ден-денешен, токму поради нашиот јужен сосед, ЕУ во однос на Македонија осцилира. Од Бадинтеровата комисија, до Лисабонската декларација и назад. Но, на крајот на краиштата, знаеме дека политичката тежина на Грција гравитира кон тоа да има обнова на Лисабонската декларација, секогаш кога ќе се придвижиме во позитивна насока. Затоа, во тој реален сооднос, јасна ни‘ е позицијата на Грција, да го блокира нашето членство. “
Освен спорот со Грција, кој друг од осумте услови не може да биде исполнет?
Боцевски: „Веќе се исполнети 75% од условите, останатите се во реализација. Не гледам проблематични точки. “
Да, но нема дијалог меѓу власта и опозицијата, кохабитацијата меѓу владата и претседателот е нарушена. Каква оценка очекувате од Брисел за политичките односи?
Боцевски: „Совршена кохабитација во Р. Македонија имавме од 1945 до 1990 година, односно идеално, униформно и многу хармонично функционираа и претседателот на претседателството и претседателот на Извршниот совет и претседателот на Собранието на Република Македонија, но на крајот системот пукна „по сите шавови“. Демократијата не подразбира хармонија, демократијата подразбира дека во едно општество, што е многу гласно и многу бучно сите си ги изложуваме своите ставови.
Она што е клучно е да се зачува институционалниот систем, процедурата и институционалниот дијалог. Во таа смисла постои реален институционален дијалог меѓу сите чинители во Р. Македонија. Се разбира, некој од нив доаѓаат со различна политичка програма, што се одразува врз нивните ставови и тука нема ништо неприродно, ниту, пак, нешто што би требало да предизвика чудење.“
Дали зачленувањето во ЕУ и натаму е врвен приоритет на надворешната политика во Македонија и дали сеуште постои широк консензус по ова прашање?
Боцевски: „Првото македонско собрание донесе три акти кои што ја одредија судбината на Република Македонија. Првиот акт беше уставот, кој што ја дефинираше Македонија како демократска држава, како пазарно стопанство и како функционална демократија, во која што мултиетничките вредности на сите наши групи ќе бидат почитувани. Вториот документ беше одлуката за членство во ЕУ, третиот документ беше одлуката за членство во НАТО. И, секоја наредна влада на Република Македонија вклучувајќи ја и актуелната има обврска, должност и привилегија да ги реализира овие стратешки определби на Република Македонија и натаму да ги развива. Во тој смисол имаме широк општествен консензус, имаме над 90 проценти од населението кое што е „за“ членство на Република Македонија во Европската унија. Имаме воедно и една многу интересна ситуација, во ниту една друга земја од Централна и Југоисточна Европа го нема македонското искуство, односно во Република Македонија досега немало ниту една политичка партија која што поаѓа од ксенофобичниот, од популстички, од евро-скептични или од НАТО-скептични, западно-скептични позиции и во тој смисол, консензусот е тука, консензусот е реален, консензусот е опиплив и сите нешта поврзани со европската агенда во Република Македонија секогаш минувале без проблеми. Проблемот е на едно друго место. Има политичари во Република Македонија кои политиката ја гледаат како една многу богата кинеска трпеза, па сега си бираме се’ што ни одговара во зависност од политичкиот момент. Имаме луѓе кои што го минаа патот од жестоки националисти до гулаби на мирот, па преку миротворци до државници, до безкомпромисни борби против корупцијата во своите партии, во светите свои партии. Кога имате работа со еден ваков политичар, тогаш си поставувате прашање - Каде е ‘рбетниот столб и дали има челик или има стипса во ‘рбетниот столб на ваквите политичари? Јас тоа нема да го коментирам затоа што не е моја работа. Моја работа е процесот да врви и тркалото на македонската европска интеграција да се тркала. “
Меѓутоа токму од владата во последно време стасуваат тонови на самоодржливост - ЕУ и НАТО „да“, но не по секоја цена. Има ли друга алтернатива за Републикиа Македонија?
Боцевски: „Кога Република Македонија беше соочена со Лисабонската декларација на почетокот на 1990-тите години се покажа дека Република Македонија сака во ЕУ, сака во НАТО, меѓутоа Република Македонија сака во ЕУ и НАТО како што влегоа сите останати во ЕУ и НАТО. ЕУ и НАТО значи тоа, значи дека е сочувано достоинството и интегритетот на секоја од нациите која што е членка на овие асоцијации. Под тие услови, сите влегоа во ЕУ и НАТО, сите слободни држави и од Источна и од Западна Европа, под тие услови Република Македонија ќе влезе и во ЕУ и во НАТО. “
Може ли Македонија да напредува во сите сфери како држава, ако поради грчкото вето, во наредните години остане надвор од овие две институции?
Боцевски: „Македонската европска интеграција е сложен процес, реформски процес кој што подразбира дека нашето општество, нашата администрација, нашата политика, нашето образование, ќе бидат интегрирани со европското општество, европската политика, европското образование и европската администрација. Тоа е една ѓаволски тешка работа, тоа е работа која што ги бара сите потенцијали, мобилизација на сите потенцијали во македонското општество и Република Македонија влезе во тој циклус. Република Македонија веќе ништо не ќе може да ја спречи на патот кон европската интеграција, посебно не после две години влада на премиерот, Никола Груевски. “
Шеќеринска: „Евроатлантската агенда е во ќорсокак“
Интервју за евроинтеграциите на Македонија со Радмила Шеќеринска (СДСМ), претседател на Советот за евроинтеграции. Разговорот го водеше Александар Чомовски
Поради можно вето од Грција се доведува во прашање и европската агенда на Македонија. Но, премиерот јасно кажа дека земјата треба да се подготвува за некаква фаза на самоодржливост. Како го коментирате тоа?
Шеќеринска: „Ако премиерот смета дека во следните четири години Македонија нема да мрдне напред во поглед на членството во ЕУ или НАТО, би очекувала од секој сериозен политичар, ако ништо друго, веднаш да организира дебата во институциите на државата и да каже - ова е мојот алтернативен план. За жал, дебатата по овие прашања се води исклучиво преку медиумите, а се избегнува каква било анализа, сериозна одговорна анализа во собранието или на некој друг форум. Сметам дека се работи за серија паушални, но многу опасни изјави кои ја отсликуваат Македонија во многу лошо светло, а од друга страна ги загрижуваат македонските граѓани. Македонија, се разбира, мора да работи на сопствената економија, на стабилни меѓуетнички односи, на добра политика, но тоа не да значи дека треба да се откажеме од ЕУ и НАТО. Премиерот во својата изјава, сметам дека направи многу некоректен гест кон македонската јавност и кон Европската комисија. Ова не ни‘ е прв извештај кој што го добиваме од Комисијата па да глумиме наивност. Од 2001 година, годишно добивавме извештаи кои ги подготвувала ЕК. Некои ни‘ се допаѓале помалку некои повеќе, но досега не се случило ниту еден политичар, вклучително и Груевски кога беше во опозиција, да ја довел во прашање објективноста на оваа анализа. “
Она што повеќе или помалку загрижува од Брисел се најавите и гласините дека е зможно Македонија повторно да биде ставена под мониторинг.
Шеќеринска: „Веќе зборуваат за тоа дали Македонија има демократски капацитет, дали знаеме да разговараме власт и опозиција, дали знаеме да организираме фер избори, дали сакаме да бидеме дел од ЕУ. Мислам дека ова сега е огромен сомнеж кој се создаде во сите европски институции. Затоа, во Советот на Европа имаше дури и предлози Македонија повторно да биде ставена под мониторинг, што пак е несфатливо за една држава која веќе е кандидат или сака да почне преговори.“
Интелектуалците молчат, нема дијалог власт - опозиција, експресно се носат закони кои што треба да бидат реално опипливи за граѓаните.
Шеќеринска: „Власта мисли дека собранието е добро ако гласа 50 закони за 5 часа. Власта се навикна да живее во едноумие и таа ќе продолжи со сите инструменти, сите пари, сите дозволени и недозволени средства, тој свој меден месец да си го продолжува на неодредено време. На секоја критика власта одговара дека тоа се таму некои криминалци кои што не сакаат да биде успешна борбата против корупцијата. Па видете, тоа е реторика која што ја користел Хитлер, ја користел Милошевиќ и уште неколку други диктатори. Не може сметката за некорумпирана држава да ја платат граѓаните кои ќе мораат само да молчат и нема да смеат ништо да кажат против власта. И да не се изненадиме што извештаите кои што ќе доаѓаат за Македонија и на ова поле ќе бидат загрижувачки. Интелектуалците говорат, меѓутоа притисокот врз нив се зголемува, медиумите критикуваат, ама притисоците од време на време што со пари, што со закани - растат. “
Власта честопати знае да каже дека опозицијата нема став како да се реши спорот со името?
Шеќеринска: „Зошто тогаш власта по секоја цена избегнува да има каква било дебата за ова прашање во собранието? Во овие преговори мораме да ги дефинираме нашите приоритети. Ако велиме дека наш приоритет е членството во НАТО и ЕУ, кој ќе даде подобра економска и политичка перспектива на македонските граѓани, ние, јавноста, сме целосно зашеметени од различните изјави кои ги слушаме во изминативе три, четири месеци. Пред неколку недели слушнавме дека премиерот повторно се враќа на двојната формула. Секој кој присуствувал на најобични преговори, знае дека во еден момент кога ќе напуштиш една позиција, а тоа во еден момент била двојната формула, потоа нема враќање назад. Или, со тоа ќе им дадеш до знаење на Метју Нимиц, Грција, САД и Европа, дека всушност преговорите ги водиш така за да бидат неуспешни.“
Дали мислите дека евроатлантската агенда се напушта?
Шеќеринска: „Веќе сум убедена дека евроатлантската агенда на Македонија, е ставена во ќорсокак. Не направивме ниту еден чекор напред. Како што бевме, така останавме. Во 2006 година, бевме кандидат за членство во ЕУ, денеска сме само кандидат, со една огромна разлика. Тогаш бевме кандидат неколку чекори пред останатите на Балканот, ценет, уважуван, истакнуван како позитивен пример. Денеска сме земја, на која, како што велеа некои европски пратеници, да можевме да ви го земеме кандидатскиот статус, би ни‘ го зеле. “
Дали имате впечаток дека внатрешно-етничките односи може да се комплицираат поради проблемите кои се јавуваат на евроатлантскиот пат?
Шеќеринска: „Македонија долго време тврдеше дека ќе ја чува и ќе ја гради својата меѓуетничка стабилност, со тоа што на сите свои граѓани ќе им даде перспектива. Таа се нарекува ЕУ, НАТО, патување без визи, подобра економија, заради политичката стабилност и заради европските можности. Кога ќе го загубиме овој морков од рака, многу полесно ќе им дадеме шанса на радикалите, да ловат во матно и да заговараат некои други сценарија. Замислете, се` повеќе читам дека етничките Албанци во Македонија велат - зошто да имам македонски пасош, кога со албанскиот, ќе можам побрзо и полесно да патувам надвор од државата?! Исто како што многу наши сограѓани веќе одамна земаа бугарски пасош, за да им се олесни животот, за да можат да студираат, да патуваат, да можат да работат. Национализмот, патриотизмот, битката за својата држава, не се води со пароли на преполни плоштади. Патриотизмот е да му понудите на својот народ, на своите граѓани, шанса за подобро утре. Ако таа шанса не постои, секакви сценарија во Македонија, за жал, стануваат можни. “