Дуња Мијатовиќ: „Рацете подалеку од медиумите“
20 април 2015ДВ: На Балканот одново се забележуваат пример на задушување на медиумските слободи. Како вие гледате на состојбата во регионот?
Мијатовиќ: Главниот проблем кој преовладува на целиот Балкан е што регионот не го надмина наследството на претходниот систем. А под тоа се подразбира и контролата врз медиумите. Постојат многу прашања за кои постојано зборувам: од закани и напади, неказнување, преку уредничка и финансиска независност на јавните сервиси и нивните регулаторни тела, до имплементација на медиумски закони и транспарентност на сопственоста на медиумите и нивното финансирање. Додуша, видливи се некои позитивни чекори и мојата канцеларија се обидува да се вклучи на различни начини. На пример, ние помогнавме при отворањето на првиот Совет за печат во Македонија, а во моментов работиме на етичкиот кодекс со клучните медиумски куќи во Црна Гора. Исто така знам дека постојат напори да се воспостави мрежа на саморегулаторни тела во Југоисточна Европа под покровителство на Советот на Европа, а тоа според мене значително би придонело во подобрување на квалитетот на новинарството, но и на новинарската солидарност во регионот.
ДВ: Неодамна беа изнесени обвинувања на сметка на македонската влада дека повеќе од 100 новинари секојдневно се прислушкуваат. Постои ли некој случен пример во Европа и може ли Вашата организација да ги заштити новинарите во Македонија?
Мијатовиќ: Ние издадовме и соопштение по тој повод и главната порака беше јасна: неприфатливо е новинарите да се прислушкуваат и следат. Исто така повикав и на брза истрага за случајот.
Ова за жал не е првпат да слушнам дека новинари се прислушкуваат и тоа е едноставно неприфатливо. Таквото нарушување на приватноста го крши новинарското право на заштита на изворот и многу ефектно го блокира секој обид за занимавање со истражувачко новинарство.
ДВ: Во изминативе години дадовте повеќе изјави во врска со Македонија, имавте средби со највисоките македонски претставници, каков е вашиот впечаток по сите тие средби? Дали властите во Македонија имаат волја и желба да овозможат развој на независни и слободни медиуми во земјата?
Нашата организација е во постојан контакт со властите и во многу случаи договоривме промени кои би овозможиле зајакнување на медиумските слободи во земјата. Еден од примерите е новиот закон за медиуми на кој заедно со тамошните власти работеа и наши експерти, а повеќето наши клучни коментари беа вклучени во законот. Другите прашања останаа настрана. На пример, безбедноста на новинарите. Бидејќи, иако Томислав Кежаровски повеќе не е во затвор, и натаму останува кривичната пријава за неговите новинарски активности. А тоа е обесхрабрувачка порака за медиумите. Многу повеќе треба да се стори за да се подобри медиумската состојба во земјата.
ДВ: Генерална оценка е дека слободата на медиумите во регионот е во драстичен пад. Особено во три држави: Србија, БиХ и Македонија. Какви се Вашите искуства?
Сакам да кажам дека генералниот тренд на медиумските слободи во регионот, вклучително и во трите земји за кои ме прашувате, е дека состојбата забрзано се влошува. Тоа значи дека се бориме против истите нешта против кои се боревме и пред 10 или 15 години. Новинарите и натаму се под закана поради она што го зборуваат или пишуваат. Политичките интереси и интересите на владите мораат да излезат од медиумите, или како што јас често велам: рацете подалеку од медиумите!