Дури сега на Босна и Херцеговина и‘ се заканува катастрофа
12 април 2013Еврокомесарот за проширување Штефан Филе и‘ се закани на Босна дека ќе го замрзне процесот на приближување на земјата кон ЕУ. Тој со „жалење“ констатира дека земјата не напредува во делот на намалување на дискриминацијата на малцинствата, како Евреи и Роми, изјави Филе вчера (11.04) пред новинарите во Сараево. Без заклучок по ова прашање „европскиот пат на Босна и Херцеговина ќе биде замрзнат“, нагласи Филе.
Притоа, еврокомесарот мисли на одлуката на Европскиот суд за човекови права од 2009 година во случајот Сејдиќ-Финци. Дерво Сејдиќ и Јакоб Финци ја тужеа државата дека како на припадници на национални малцинства им е оневозможено да бидат избирани. Судот ја обвини Босна дека ги дискриминира малцинствата. Имено, според мировниот договор од Дејтон од 1995 година, само Србите, Хрватите и Бошњаците можат да се кандидираат за мандати во Домот на народи на Босна и Херцеговина и Претседателството на државата. Кој припаѓа на малцинство, како Евреи или Роми, или не сака да се изјасни етнички, не може ниту да се кандидира. Европскиот суд за човекови права пресуди дека не постои разумно и објективно оправдување за одржување во сила на постоечките одредби со коишто се врши дискриминација и со големо мнозинство гласови заклучи дека е прекршен членот 14, заедно со членот 3 од Протоколот 1 којшто гарантира право на слободни избори.
Еврокомесарот Штефан Филе во Сараево вчера изјави дека без промена на законот можно е Брисел да не ги признае резултатите од наредните избори. Тој од политичките партии во Босна бараше да најдат решение итно, а ултиматумот на ЕУ за реформа истече вчера. Нов рок не е поставен, соопшти Филе.
Ни теоретски шанси за договор
И покрај ваквите пораки од ЕУ, босанските лидери продолжуваат по старо. Лидерот на СДП БиХ, Златко Лагумџија, изјави: „Јас не верувам дека постои можност, дури ни теоретска можност, овие седум луѓе или кој било друг потсостав на седумтемина, да направат договор за пресудата Сејдиќ-Финци.“
Лидерот на ХДЗ БиХ Драган Човиќ оценува дека договорот нема алтернатива, но дека во овој момент не го гледа поради односите во Федерацијата БиХ. „И на лош пат се сите оние кои веруваат дека можат и овој пат да ја доведат БиХ во позиција федерацијата да стане ентитет на бошњачкиот народ.“
Човиќ и Лагумџија понудија оставки, но под услов тоа да го направат и останатите лидери, што за граѓаните на БиХ во овој момент можеби би било и најдобро. Аналитичарот Енвер Казаз оценува дека е очигледно оти босанските политичари се наоѓаат во ќорсокак, а ЕУ полека се повлекува од целата приказна. Професорот на Филозофскиот факултет на универзитетот во Мостар, Миле Ласиќ, вели дека во овие односи е можно и откажување на Договорот за стабилизација и асоцијација, а тоа дури би била катастрофа за Босна и Херцеговина. „Ако една земја се инаети и ја држи во неизвесност ЕУ, таа во одреден стадиум може да каже - го прекинуваме договор за партнерство. Дури тоа би била бесперспективна ситуација којашто би водела кон којзнае што.“
Директорот на Центарот за меѓунардни односи од Бања Лука Милош Шолаја вели дека во случај на замрзнување на односите, домашните лидери би морале да дадат одговор - како натаму? Зашто, во таков случај нема да има претпристапни фондови, а и ММФ нема да соработува:
„Доколку навистина дојде до тоа, се очекува катастрофална ситуација и тоа може да доведе до политички проблеми, не само во рамки на меѓунационалните односи, туку и во рамки на одделните заедници.“
Охрабрување е можеби тоа што покрај предупредувањето, еврокомесарот нагласи дека прашањето на извршување на пресудата „Сејдиќ-Финци“ останува отворено и дека добива на значење и итност. Филе во Сараево порача дека за ова прашање ќе изврши консултации со Високата претставничка Кетрин Ештон и државите членки на ЕУ.