1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДУИ ќе ја игнорира инаугурацијата на претседателот Иванов

Катерина Блажевска12 мај 2014

Пратениците од ДУИ нема да бидат присустни во Собранието на Република Македонија, каде денеска напладне треба да одржи седница на која ќе биде инаугуриран новоизбраниот претседател на државата Ѓорге Иванов.

https://p.dw.com/p/1By4G
Фотографија: MIA

На прашањето дали пратениците на ДУИ ќе присуствуваат на инаугуративната на Иванов, портпаролот на партијата, Бујар Османи, децидно одговори: „Не!“, без да даде дополнително објаснување. Во соопштението кое ДУИ вчера го упати само до медиумите на албански јазик, а во кое ги објаснува мотивите за разговори за влез во новата влада, партијата уште еднаш го повтори ставот дека „изборот на Иванов е легален, но не е легитимен, бидејќи тој не е консензуален кандидат на сите етнички заедници“.

На прашањето дали е „природно“ ДУИ од една страна да разговара за учество во владата, а да не ја признава институцијата претседател, кој го доделува мандатот за формирање на таа влада, Артан Груби, шеф на кабинетот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за Дојче веле изјави:

„Тоа нема врска едно со друго. Се работи за две различни институции – за влада и за претседател, и за два различни процеси. ДУИ останува на ставот да не учествува на инаугурацијата на Иванов“.

На свечената инаугуративна седница, денеска нема да присуствуваат и пратениците на опозицискиот СДСМ, кои одлучија да не ги признаат изборите, ниту да ги прифатат пратеничките мандати. Отсутен ќе биде и единствениот пратеник на НДП, Руфи Османи кој исто така се откажа од мандатот и не го призна легитимитетот на изборите, со што денешната инаугуративна седница ќе се одржи, речиси во полупразна собраниска сала .

Со давањето свечена изјава пред законодавниот дом, Иванов и формално ќе го почне вториот петгодишен мандат, како шеф на државата. Ѓорге Иванов, кој беше кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, на претседателските изборите освои 534.910 гласови, а неговиот противкандидат од СДСМ, Стево Пендаровски 398.077 гласови.