Државникот кој поларизира свесно и неодговорно
21 мај 2014Турска предизборна кампања на германско тло. Повторно. Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган повторно од Анкара доаѓа во Германија за да ги збие редовите на неговите турско-националистички следбеници. Меѓутоа никогаш досега германската власт не била толку иритирана па дури и огорчена поради предизборната кампања на спорниот политичат спроти неговиот планиран предизборен собир во Келн во наредниот викенд (24.5.)
Оваа огорченост е целосно оправдана бидејќи Ердоган, кој на изборите во август сака да стане претседател на Турција, со овој настап во Германија им нанесува штета на многу процеси. На пример на интеграцијата на Турците кои живеат во Германија, или пак на продолжувањето на преговорите за членството на Турција во ЕУ. Единственото нешто според кое се раководи тој е е неговата желба за моќ. Во татковината тој може мирно да ги ограничува основните човекови права, како правата на сопствено мислење или собирање или во целост непримерно да се однесува по рударската несреќа во Сома. Затоа пак во Келн ја демонстрира својата моќ.
Со своите популистички предизборни настапи Ердоган веќе трипати ја разбранува турската заедница во Германија. Последен пат пред три месеци во Берлин. Тогаш протестите во истанбулскиот парк Гези насочени против неговата политика ги прогласи за воен пуч а известувањето за тие демонстрации-ширење на дезинформации. Истовремено, на своите најсериозно им тврдеше дека Турција е единствена земја која се труди да им помогне на жртвите на војната во Сирија.
На еден претходен собир во 2011. година во Диселдорф, Ердоган на своите сонародници им препорача своите деца прво да ги научат да зборуваат турски јазик а дури потоа германски. И така отворено им се исмеја на напорите на германските власти за што подобра интеграција на милиони Турци кои живеат тука. Уште посилна шлаканица за обидите за интеграција на турската заедница во германското општество Ердоган удри неколку години порано во 2008.година, кога на еден собир воКелн своите сонародници ги повика да се спротистават на наводните обиди за асимилација. „Асимилацијата е злосторство против човештвото“,гласеше пораката на Ердоган проследена со френетично одобрување од страна на 20 илјади приврзеници. Ердоган поларизира и тоа сосема свесно и неодговорно.
Критики за неговиот претстоен настап во Келн доаѓаат од сите партии во Германија. Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) апелираше до Ердоган да го откаже собирот во Келн. Меѓутоа и оваа пригода некои ја користат за меѓупартисоко препукување. Партијата на Зелените и префрли на ЦСУ дека со нивното долгогодишно одбивање да се овозможи добивање двојно државјанство во Германија,придонесла за ваквата состојба.
Самата германска влада кон спорниот настап на турскиот премиер се поставува колку што е можно подипломатски. Владата очекува „сензибилизиран и одговорен настап“, порача канцеларката Ангела Меркел која додаде дека ердогановиот собир во Келн се случува во „тешки ако не и многу оптеретувачки околности“. Германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер на прашањето дали на Едоган треба да му се дозволи да одржи собир во Германија одговори: „Нашата демократија ќе го издржи тоа“.
Дури и ако претстојниот собир ги поткопува напорите за поинтензивно поврзување на Турција и Европа, Германија не може да го забрани. Меѓутоа Ердоган со помош на овој собир ќе се погрижи да предизвика нови поделби меѓу Турците и Германците. Тоа е неодговорно и поради тоа има причини за лутина. Кој и да протестира, се разбира мирно, против овој собир во сабота, ќе го прави тоа со целосно право и со протестот испраќа исправни сигнали.