Доњецк - градот под дожд од ракети
19 јануари 2015„Тоа беше повторно една ГРАД-ракета“, вели Сергеј (името променето). Такси возачот чека муштерии во центарот на Доњецк, додека од север, од правец на аеродромот се слуша татнење како силни грмотевици. ГРАД е ракетен систем од советско време со многу голема продорна сила. Тој неделава се употребува редовно. Проруските бунтовници на самопрогласената „Доњецка Народна Република“ сакаат да ги протераат украинските војници од аеродромот. „Тоа, од аспект на бунтовниците, е сфатливо“, вели соработник на една меѓународна организација кој е во посета на Доњецк, но кој сака да остане анонимен. Зашто, се‘ додека украинската армија ги држи своите позиции на аеродромот, таа е пред вратите на главниот град на бунтовниците. Кој би сакал да води независна „република“ во вакви услови?
„Ниту едно место веќе не е безбедно“
Сепак, цената на употребата на тешко оружје е висока. Плоштадот на Ленин пред театарот во центарот на градот е пуст, малкумина граѓани минуваат оттука, сите со поглед вперен во замрзнатиот пат. На крајот на јануари е закажана изведба на „Боеми“ на Пучини. Рекламата за операта е закачена меѓу столбовите на театарот. И повторно татнеж. Уште една ракета на аеродромот. „Сега во Доњецк ниту едно место не е безбедно“, вели Сергеј. Што ако некоја од гранатите некогаш падне во центарот? При дострел на ракетите од 16 километри тоа не е проблем. Аеродромот е оддалечен само 10 километри.
Покрај киното една дама се обидува да отвори влезна врата од банка, која е затворена. Екранот на банкоматот покрај вратата е син. Тука веќе не може да се подигнат пари. Од почетокот на декември владата во Киев забрани секаква банкарска трансакција во регионот на бунтовниците околу Доњецк и Луганск, сметките се затворени, кредитните картички се неупотребливи. Попусто се и златните картички, за кои на рекламен плакат покрај автоматот за пари на руската Алфа-банка стои: „Картичка која ќе ја сакате“.
Рецепционерката во хотелот ПаркИн во Доњецк брои врзоп украински гривни (украинска валута, н.з.). „Како сакате да платите?“, прашува таа автоматски, исто како што ги наведува термините за оброци. Притоа, да се плати може само во готово. Вработените се‘ уште не се навикнати на нереалната ситуација во која работи меѓународниот хотел во услови на воена состојба. Повеќето гости, притоа, и онака се само претставници на организации: на Меѓународниот комитет на Црвениот крст, набљудувачи на ОБСЕ. Повторно паѓа ГРАД-ракета. Хотелските стакла вибрираат.
Оваа ноќ околу хотелот се слуша звук како на хеликоптер кој се приближува. Гранатна војна со хеликоптери над градот? Тоа не е можно. Звукот доаѓа од воените камиони на главниот пат во насока на север, кон аеродромот. Повеќепати ноќва се слуша истиот звук, веројатно се носи резервна муниција за ракетните фрлачи. Паѓа уште една ракета.
ОБСЕ сака да посредува
Наредното утро набљудувачката мисија на ОБСЕ прави уште еден обид за релаксирање на состојбата. Александер Хуг, вицераководител на мисијата, пристигна во посета од Киев. Швајцарецот успеа да издејствува средба каква што во Доњецк се‘ уште немало. Во управната зграда на владата на бунтовниците се среќаваат руски и украински офицери со шефот на владата на бунтовниците Денис Пушилин. Русите и Украинците се дел од заедничкиот Центар за контрола и координација, кој беше основан во октомври под раководство на ОБСЕ за да се набљудува спроведувањето на договорот за прекин на огнот постигнат во Минск минатиот септември.
Сега руските воени претставници седат покрај украинските, а на крајот на масата е лидерот на бунтовниците. За тоа време на северот на градот, на аеродромот, нивните војници се гранатираат. Тоа не е прекин на огнот. Пукањето на аеродромот ова попладне треба да престане барем 1,5 час за набљудувачите на ОБСЕ да може да ја посетат воената зона. Така се договориле сите три страни. Нешто подоцна Хуг и неговите набљудувачи мора да вратат назад, непосредно пред да стигнат до аеродромот. Во деновите потоа тој прави уште неколку обиди, без успех. Бунтовниците очигледно не сакаат претставниците на меѓународната заедница да создадат своја слика за ситуацијата на аеродромот. Хуг вели дека сега барем нему нема да можат веќе да му тврдат дека ги имаат сите свои војници под контрола. Но тоа не менува ништо во борбата околу аеродромот. Дождот од гранати и татнежот не престануваат.