1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дојче Банк на работ од пропаста

Хенрик Беме/превод:ЗЈ29 јануари 2016

Со загуба од 6,8 милијарди евра во 2015. кулминира кризата на Дојче Банк. Не се на повидок подобри времиња, конкуренцијата отиде далеку напред. Опстанокот на банката е доведен во прашање, смета Хенрик Беме.

https://p.dw.com/p/1HlLL
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Reinhardt

На Џон Крајан, шефот на Дојче Банк, мора да му се признае дека дава се’ од себе. За други веројатно би било повеќе од непријатно, но тој самиот обелодени дека нема да добие бонус за изминатата деловна година, како ни колегите од управниот одбор. Крајан се покажува како борец, оптимист; тој енергично воведува ред - оти Дојче Банк и нема никаква друга шанса.

Очајна состојба

За да се сфати целата катастрофа треба да се наведат добивките на конкурентите, сите од САД: ЏејПи Морган - 24 милијарди долари, Ситигруп 17 милијарди, Бенк од Америка 16 милијарди. Во таа лига едно време сакаше да игра и Дојче Банк. Но, таа забележа загуба од речиси 7 милијарди евра во исто опкружување: и другите мораа да платат драстични казни, и за нив важат строгите обврски наметнати од регулаторите, и тие мораа да се борат за враќање на довербата. На Дојче Банк масовно и’ бегаат вложувачите. Откако Џон Крајан минатото лето стапи на функцијата, и онака веќе посниот курс на акциите на банката практично се преполови. На сета мака уште и една од рејтинг-агенциите веќе го намали рејтингот на Дојче Банк со оцена за негативна перспектива.

Ако се појде од берзанската вредност, Дојче Банк веќе ја нема меѓу првите 50 во светот. Нејзината пазарна вредност од 20 милијарди евра практично ја прави кандидат за некој да ја преземе. Но, во Франкфурт не треба да се грижат: кој би купил фирма која токму талка во потрагата по вистински деловен модел, која ја бара оправданоста, смислата на постоењето. Сака ли навистина да остане универзална банка? Или, нели би било сепак подобро банката да се подели? Како да се пресретнат предизвиците од дигитализацијата на браншата? На овие прашања новото раководство досега не даде одговори.

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме

Немаш никаква шанса. Значи, искористи ја!

Се разбира, ова се горки времиња. Загуба од речиси седум милијарди евра е катастрофа, која ја загрозува супстанцата, погодува до коска. А на банката токму итно и’ требаат пари за да може да го изврши гигантското преструктуирање. Згора на тоа, никој не може да одговори колку скапи уште можат да испаднат сите правни спорови што се во тек. Вистинско гау (најголема претпоставена катастрофа, од терминологијата кај атомските централи - н.з) би било банката да ја загуби лиценцата за работа во САД. Тоа и не е толку неверојатно оти Американците и не им се токму многу благонаклонети на Германците, што се гледа и од примерот со Фолксваген.

Точно е дека има и неколку светли моменти. Можеби веќе годинава Дојче Банк повторно ќе оствари некаква заработувачка. Но, на тоа ниеден од членовите на раководството не би ја ставил на облог својата куќа. А за Германија сепак би било толку важно Дојче Банк повторно да биде глобален играч. Каква светлина врз Германија како успешна извозничка нација фрла тоа, што таа веќе нема голема, меѓународно успешна банка? Врз Дојче Банк сега може да се истура многу злоба, но исто така и да се искаже надеж дека таа повторно ќе застане на нозе. Она што сега банката го има најмалку, се време и доверба. Пазарот е безмилосен. Џон Крајан и неговиот тимвсушност немаат никаква шанса. Но, како што е во спортот: можеби токму во тоа се крие нивната шанса?!