Над 307 илјади станови зјаат празни во С. Македонија
2 јуни 2022Цената на становитево Северна Македонија за време на кризата вртоглаво расте, но тоа се чини не влијае многу ниту на понудата, ниту на побарувачката. Нови згради продолжуваат да се градат, а побарувачката за нови станови во атрактивните делови на Скопје, како и во туристичките центри Охрид и Струга не стивнува. Квадратот покрај охридското крајбрежје достигна и над 2.500 евра.
Последните статистички податоци потврдуваат дека понудата на станови веќе од поодамна ја има задоволено побарувачката, но и покрај тоа и понатаму се гради и се купуваат нови станови. Над 307.187 или 36,6% од становите зјаат празни, додека 531.987 или 63,4% се населени, покажуваат податоците од последниот Попис во 2021 година на Државниот завод за статистика.
Некои од становите се испразнети поради иселување, а други, пак, се купуваат како инвестиција. Најголем број станови за „резерва“ се купувале во главниот град - 59.300, а најатрактивни се скопските општини Центар и Карпош, каде има над 20 илјади станови без станари.
-повеќе на темата: Села без детски џагор: За 20 години испразнети 58 населени места
Охрид е втор град на листата со станови во кои не живее никој. Според статистиката, во овој туристички град има 17.820 празни станови, додека во Струга - 10.153. Во Битола, пак, евидентирани се дури 16.063 станови без домаќини.
Рекорден број на дозволи за градба
И покрај кризата, поскапувањето на материјалите за градба што повлече и енормен раст на продажната цена на становите, минатата година имало рекорден број на издадени дозволи за градење. Статистичките податоци покажуваат дека лани се издадени 4.069 одобренија за градење, во споредба со 2020 година - кога имало двојно помалку - 2.837. Најмногу се градело во Скопскиот регион, каде се издадени 1.414 одобренија. Во 2020 година, на пример, имало само 727 одобренија. Интерес за градба имало и во Полошкиот регион каде што се издадени 675 одобренија, за разлика од 2020 година кога се издадени 497 одобренија за градење. Од вкупниот број на одобренија 2.440 се за високоградби.