Уште една политичка пресуда во Турција
26 април 2022Ова е повторно еден од оние денови кога се прашувам какви стандарди всушност се поставени за носењето судски пресуди во Турција. Осман Кавала е ослободен од обвиненијата за шпионажа во врска со обидот за државен удар во летото 2016 година. Но, наместо тоа, сега да биде прогласен за виновен за обид за преврат за време на протестите во паркот Гези, во Истанбул, во 2013 година, и да биде ставен зад решетки доживотно е смешно исто како во Гвантанамо да се затвори Мики Маус под сомнение за тероризам.
Но, не сум само јас запрепастен и разочаран - истото го чувствуваа и бројните поддржувачи на Кавала во судницата, кои не можеа да ги задржат солзите. Веднаш по соопштувањето на пресудата тие скандираа: „Насекаде е Таксим,насекаде има отпор“, алудирајќи на протестите во паркот Гези, на плоштадот Таксим.
Не помага ни најдобрата одбрана
Многу адвокати и експерти, но и адвокатите на обвинетиот, укажуваа дека во текот на целиот судски процес не бил презентиран ниту еден доказ што на кој било начин би го оправдал обвинението. Европскиот суд за човекови права исто така смета дека нема убедливи докази. Оттука и многуте укори од странство и многуте барања до Анкара да го ослободи Осман Кавала.
Со години адвокатите на Кавала педантно се подготвуваа за секој ден од судењето. Со еден од овие адвокати, Илкан Којунџу, имав многу разговори: „Брани колку сакаш, одлуката е јасна!“, велеше тој. Таа одлука никогаш немаше да биде ослободителна.
Оттука, пресудата на судиите, која Кавала, по 1.637 дена во притвор, вчера мораше да ја слушне преку видео-врска во строго обезбедуваниот затвор Силиври, во близина на Истанбул, не беше вистинско изненадување. Неговата реакција беше емотивна и недвосмислена: „Ова е атентат со помош на судството!“
Навреда за правдата
Очигледно е: Осман Кавала треба да служи за пример. Турција, во лицето на претседателот Ердоган, му покажува на светот дека „секој што се задева со мене, веќе загубил“. Културниот промотор Кавала никогаш немаше шанса за правично судење. Опозицискиот политичар Ахмет Шик ги нарече судиите „мафијаши во одори“. И тој е во право.
Оваа пресуда е навреда за Јустиција, божицата на правдата. Затоа што во Турција ѝ ја одзедоа вагата и ѝ ги одврзаа очите.