1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

Доживотен затвор за атентаторот на германски политичар

СН/агенции
28 јануари 2021

Тоа беше историски судски процес- како поради стореното злосторство, така и поради очекувањата од самото судење.

https://p.dw.com/p/3oWZ7
Frankfurt Oberlandesgericht | Lebenslänglich für Stephan Ernst
Фотографија: Kai Pfaffenbach/Pool/REUTERS

Тоа не беше сосема „обично“ судење за убиство. Денеска пред Вишиот покраински суд во Франкфурт на Мајна првообвинетиот Штефан Ернст (47) е осуден на доживотен затвор за убиството на Валтер Либке, високорангиран политичар од партијата ЦДУ и шеф на градската влада на Касел.

Судот утврди особено тешка вина за обвинетиот, изјави судијата на Вишиот покраински суд, Томас Загебил, со што всушност пуштањето на условна слобода по 15 години отслужена казна е речиси исклучено.

Што се однесува до обвинувањето, Ернст е ослободен за обид за убиство на ирачкиот бегалец Ахемд И.

Frankfurt vor Urteil im Lübcke-Mord-Prozess
Фотографија: Ben Knight/DW

Второобвинетиот Макркус Х. поради илегално поседување на оружје е осуден на една година и шест месеци условно. Маркус Х. е ослободен од обвинувањето за соучесништво во убиство и останува на слобода.

Повеќе:

-Политичко убиство кое ја потресе Германија

-Осомничениот убиец на германскиот политичар Либке го призна делото

-Смртни закани од неонацисти за политичари во Германија?!

Вдовицата на Либке и неговите синови пред процесот зборуваа дека ја сакаат само вистината, а нивниот адвокат и претставниците на државното обвинителство во изјавите за медиумите нагласија дека се работи за „историски процес“. За првпат од 1945 година, односно по капитулацијата на нацистичкиот режим, во демократска Германија е убиен еден активен политичар, нагласи во својот завршен збор државниот обвинител Дитер Килмер.

И не само тоа - ликвидацијата на Либке, кој е убиен во јуни 2019 година на балконот пред својата куќа, има десно-екстремистички мотив, односно ксенофобен, тврдат претставниците на државното обвинителство. Либке, имено, во 2015 година се заложи за прифаќање на бегалците, по што доби голем број заканувачки пораки.