1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Додик: БиХ е трагикомична држава

АМ/миа14 јуни 2014

Претседателот на Република Српска Милорад Додик изјави дека единствен начин Србите во БиХ да го зачуваат својот национален идентитет е и натаму да ја зајакнуваат автономијата на ентитетот сѐ до целосното осамостојување.

https://p.dw.com/p/1CILN
Фотографија: Dragan Maksimovic

„Оваа Босна и Херцеговина, која се одржува со сила од меѓународната заедница, не е можна, е нефункционална и е трагикомична држава и препрека за нормален и подобар живот за сите нејзини граѓани. Затоа борбата за самостојност на Република Српска е наша најважна задача“, изјави тој во интервју за „Вечерње новости“.

Додик оцени дека БиХ не исполнила ниту еден европски услов оваа година, а оти нејзината администрација годишно троши повеќе од милијарда марки, додека граѓаните од неа немаат никаква корист.

„На сцена е исламизацијата на државата. Бошњачките политичари и странците упорно заговараат унитаризација на земјата и одржување на илузија за државата БиХ. Зошто Србите да останат во таква земја“, праша Додик.

Претседателот на РС додаде дека е логично босанските ентитети да се одвојат по 20 години „нефункционалност“ и да создадат конфедерација на три држави, кои ќе бидат отворени за Европската унија. Тој призна дека во моментов не постои меѓународна поддршка за осамостојување на Република Српска, но нагласи дека тоа не значи оти таа мора да молчи.

„Примерот на Косово говори многу. Можно е светот да го промени ставот и за БиХ“, рече Додик.