1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Договор за трговска соработка меѓу ЕУ и Канада

АТ/ афп/ дпа 18 октомври 2013

Европската унија и Канада постигнаа согласност за опсежна економска и трговска соработка. Со договорот треба да се отворат пазарите и да се создадат јасни услови за инвеститорите.

https://p.dw.com/p/1A2GX
Фотографија: AFP

По повеќе од четири години преговори Европската унија и Канада постигнаа согласност да склучат договор за трговска соработка. „Денеска постигнавме пробив во преговорите за договор за слободна трговија“, рече претседателот на ЕУ Комисијата Жозе Мануел Барозо во Брисел на заедничката прес-конференција со канадскиот премиер Стивен Харпер. „Со ова почнува нова ера во односите меѓу Европската унија и Канада“.

Вкупно Комисијата на ЕУ со договорот наречен „ЦЕТА“ очекува годишно плус од дванаесет милијарди евра за брутодомашниот производ на ЕУ. Договорот бил база, „за да се фати чекор на северноамериканскиот пазар и на тој начин да се биде катализатор за работни места и пораст во Европа“, рече Барозо. Харпер договорот го нарече најважен и најтемелен трговски пакет, кој некогаш го склучила неговата земја. Со договорот не биле опфатени само стоките и услугите, туку исто така и области како мобилноста на работниците.

Модел за преговорите со САД

Канадското стопанство со трговскиот пакет ќе добие пристап до 500 милиони потрошувачи во Европа. Како противмерка владата во Отава ќе ги укине тарифите за 98 проценти од увозите од ЕУ. Европската унија, со значително заостанување зад САД, е вториот по големина трговски партнер на оваа северноамериканска земја. Во 2011 година трговскиот волумен меѓу двете страни изнесуваше 86 милијарди евра. Кога договорот ќе биде целосно спроведен, трговијата со стоки и услуги би требало да се зголеми за 26 милијарди евра.

Преговорите меѓу ЕУ и Канада се сметаат како модел за преговорите за слободна трговска размена со САД кои започнаа изминатиот јули. „Врз основа на сличноста на темите кои се разгледуваат трговскиот договор меѓу ЕУ и Канада е важен мост кон планираниот инвестициски договор меѓу ЕУ и САД“, изјави пратеникот од ЦДУ Даниел Каспари. Договорот со Канада значел поттик за натамошните преговори со САД.