1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Договорот на Брисел и Вашингтон виси на конец

Бернд Ригерт/бг27 февруари 2016

Договорот на ЕУ и САД за слободна трговија не напредува толку брзо како што би сакале поддржувачите. Помала причина се протестите во Европа, а поголема несигурноста во САД. Дали новата верзија може да ја забрза работата?

https://p.dw.com/p/1I1cy
Фотографија: Reuters/F. Lenoir

Бернд Ланге е еден малубројните кои имаат увид во тајниот текст на договорот меѓу ЕУ и САД. Ланге е претседавач на Комисијата за трговија во Европскиот парламент и негов известувач за прашања од Договорот кој треба да ја регулира трговијата и инвестициите меѓу Брисел и Вашингтон (ТТИП). Во седиштето на ЕУ во тек е 12-та рунда од напорните преговори. Ланге, инаку германски социјалдемократ, се жали дека на само половината од вкупно 25 поглавја има согласност од американската страна. „ТТИП е во криза. Не би го нарекол тоа криза на средните години, бидејќи само еден партнер е всушност малку болен-САД. Тие ќе мораат значително да ги засилат напорите и јасно да им излезат во пресрет на Европејците“, вели Ланге за ДВ.

Поинаку на нештата гледа Мајкл Фромен, главниот преговарач на Вашингтон. „Во изминатите шест месеци бележиме завиден напредок“, им рече тој на новинарите пред актуелната рунда преговори. Сепак, најтешките прашања се ставени во загради и одложени на неодредено време. Не е извесно пред кои судови инвеститорите ќе можат да се борат за своите права, какви стандарди ќе важат, на пример, во машиноградбата или како ќе се одлучува за јавните тендери.

Bernd Lange Abgeordneter im Europäischen Parlament
Бернд ЛангеФотографија: DW/B. Riegert

Страв од изборите во САД

Американците ваквите преговори ги нарекуваат „игра на средината“. Затворени се разговорите за лесните теми, тешките остануваат за крај. Тоа е ризична игра, вели Бернд Ланге, бидејќи времето тече. До јули преговарачите на маса треба да го стават ткн. консолидиран текст кој би служел како преговарачка основа за политичките лидери. На поддржувачите на ТТИП многу им се брза бидејќи САД во ноември ќе добијат нов претседател, кој можеби, за разлика од Барак Обама нема да биде наклонет кон трговско-инвестициското партнерство со Европа. Притоа Ланге стравува и од новиот состав на американскиот Конгрес каде и републиканците и демократите имаат бројни приговори на ТТИП. Обама во меѓувреме е одлучен да го затвори договорот пред да замине во пензија, па познавачите на состојбите веруваат дека е од големо значење неговото најавено доаѓање на индустрискиот саем во Хановер во април.

Reinhold Festge Präsident VDMA
Рајнхолд ФестгеФотографија: DW/B. Riegert

Тоа е и една од причините што американската страна ја споменува можност за заклучување на „лајт-верзија“. Тој Договор би бил далеку помалку обемен од предвиденото и не би се регулирал секој детаљ на заедничкиот пазар на ЕУ и САД. Токму од тоа стравува Рајнхол Фестге, претседател на Здружението на германската машиноградба. Фестге дојде во Брисел за лично да се распраша за текот на преговорите. Доколку Договорот биде усвоен во скратена верзија, компликуваната област на машиноградбата со него веројатно нема да биде опфатена. „Тоа веднаш ќе отпадне бидејќи бара многу работа“, вели Фестге.
А токму на неговата брашна, вели тој, многу и е значајно да биде регулирана во ТТИП. Во моментов, при производството на машини, од двете страни на Атлантикот важат многу различни правила. Постојат германски машини чија цена на американскиот пазар е и за 20 проценти повисока бидејќи мора да се исполнуваат различни стандарди и да се бараат американски дозволи за продажба.
„Ќе имаме голем проблем доколку преговорите не успејат. Тогаш Американците ќе се свртат кон Азија, а тоа не го сакаме“, вели Фестге.

Непријателски кон потрошувачите

Додека во Брисел се преговара за текстот на Договорот, пред вратите протестираат противниците на ТТИП. Тој Договор е „недемократски и непријателски кон потрошувачите“, смета Јирген Книрш, експерт за трговија во Гринпис. Се работи за стара критика на која преговарачите досега не успеаја да одговорат- имено дека со усогласувањето, европските стандарди всушност ќе бидат симнати на ниво на американските. Симбол на спорниот договор стана пилето ставено во раствор од хлор, нешто што во Европа е забрането, а во САД не.
„Нема да поддржиме пад на стандардот на потрошувачите ниту напад врз правата на работникот“, тврди Ланге. На крајот, за договорот ќе мора да се изјасни и Европскиот парламент.

На крајот, сепак, можеби помалку ќе се работи за усогласување на стандардите а повеќе за заштита на инвестициите. Во првобитната верзија беше предвидено инвеститорите, кога мислат дека нивното вложвуање е загрозено, да можат да тужат некоја држава пред приватен суд. Во прашање се тричлени судски совети чии одлуки би биле конечни. Против тоа најмногу се спротивставија Австрија и Германија. Сега европската делегација треба да договори елиминација на приватните судови од договорот. За тоа Американците се уште не се изјасниле. Можеби во нивната „лајт-верзија“ за судовите нема да има ниту збор. Тоа се нарекува „игра на средината“.