1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Договорот за Окта е историја... А сметките?

Костадин Делимитов
13 мај 2019

Методологијата за утврдување на цената на нафтата беше „малото зло“ во договорот за Окта. Големото, со тенденција и натаму да го цеди буџетот, беше обврската за купување мазут во количества преголеми и за две Македонии.

https://p.dw.com/p/3IOL2
Symbolbild Erdöl
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Esiri

Она што стана обврска за државата Македонија пред 20 години, кога беше потпишан купопродажниот договор со Хеленик петролеум тежок 32 милиони долари, станува историја. Цените на нафтените деривати, утврдени согласно методологијата од купопродажниот договор за Окта, кој официјално истече на 8 мај, важат уште денеска, односно до ноќеска на полноќ. Од утре важат нови правила, кои всушност и ги нема, поради тоа што државата не успеа да донесе нова методологија за пресметка на цените. Причината не е во институциите, туку кај екс претседателот Ѓорге Иванов, кој не стави потпис на неопходните законски измени.

Па така, Македонија која се реши да не го либерализира пазарот на нафта и нафтени деривати, ни крива ни должна ќе мора да функционира по услови на слободен пазар. Барем додека не се донесат законските измени во Собранието. Надлежните очекуваат дека вакуум периодот нема да донесе шокови за граѓаните:

„Да, денеска е последен ден за цените утрвдени согласно методологијата со договорот за Окта, а од утре, додека не се донесе нова методологија, трговците самите ќе ја определуваат цената. Ние донесовме законски измени кои поминаа, но Ѓорге Иванов не ги потпиша. Процедурата сега повторно е во собрание и очекувам дека во неделава ќе помине и веќе од 20 мај ќе можеме да утврдуваме цени согласно новата методологија“, изјави за ДВ Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика.

Mazedonien Energieregulierungskommission
Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетикаФотографија: DW/K. Delimitov

Граѓаните да не стравуваат од ценовни шокови

Ова значи дека трговците со нафта, меѓу нив и Окта, од утре сами ќе ги утврдуваат малопродажните цени на нафтата и нафтените деривати. Надлежните сепак не очекуваат дека ова ќе донесе главоболки за граѓаните, бидејќи добиле уверување од компаниите оти ценовен шок не треба да се очекува.

 „Ние веќе не можеме да определуваме цена за Окта поради тоа што според постоечкиот закон Окта треба да ни достави барање, но таа не ни доставува. Обврската веќе ѝ е завршена и имаме законски вакуум. Не ми се верува дека ќе биде штетно, бевме во комуникација со најголемите трговци и тие нѐ уверија дека нема да има никакви ценовни шокови. Цената ќе ја формираат согласно светските берзи, така што не треба да има проблеми додека не се донесе новата методологија“, коментира Бислимоски.

Нова методологија за заштита на потрошувачите

Новата методологија е безмалку утврдена, но дали ќе ги задоволи потребите и на компаниите? Од она што може да се слушне периодов како реакции, е дека постои одредено незадоволство. Посебно во делот на маржата за која се бара да биде повисока, односно од сегашните 3,2 да се зголеми на 6 денари.

„Дали ќе има незадоволни? Тие ќе сакаат многу повеќе, но не би требало да има проблеми. Ние ги гледаме интересите на потрошувачите. Новата методологија ќе се базира на цена на светска берза, курс на долар, ќе имаат трошок за т.н. премија, односно трошокот кон трговецот од каде ја увезуваат, како и трошокот за превоз од земја од каде ќе купуваат до складовите и од складовите до бензинските станици. Секако ќе има и маржа, но не и досегашниот трошок од 29 долари за тон кој ѝ се признаваше на Окта која отсега ќе биде само трговец, а не и производител“, објаснува Бислимоски.

Portugal - Benzin geht aus - Symbolbild Tankstelle
Надлежните не очекуваат главоболки за граѓаните Фотографија: picture-alliance/dpa/L. Forra

Компанијата Окта, која сега ќе биде само трговец со нафта и нафтени деривати, е една од главните причини поради кои државата се одлучи да не го либерализира пазарот со нафта и нафтени деривати:

„Окта има 80% пазарно учество на пазарот на големо. Ако во такви услови се либерализира пазарот, тогаш тоа значи дека не водиш грижа. Велат, струјата и гасот се либерализирани, но имаме заштитен механизам, преку универзалниот снабдувач. На пример, цената на мегават е седумдесетина евра за мегават час, домаќинствата плаќаат 75 евра сосе трошок за мрежарина на регулиран пазар. Ако би биле на слободен пазар би требало да плаќаат 100 и кусур евра за мегават час. Но затоа што има заштитен механизам, регулаторна определува цени за универзалниот снабдувач и домаќинствата се заштитени“, забележува Бислимовски.

Повеќе:

Бислимоски: Македонија има најниски цени на горивата и струјата

 „Хеленик Петролеум“ се „крсти“ во нова македонска влада

Мазутот најштетна ставка во договорот за Окта

Надлежните уверуваат дека крајот на договорот со Окта и со него утврдената методологија за одредување на малопродажните цени на нафтата и нафтените деривати не треба да донесат ценовни шокови. Но во делот на останатите обврски што произлегуваа од него, а кои Македонија не ги реализира, многу веројатно дека ќе има и ќе чинат десетици милиони. Конкретно во делот на мазутот за кој потписот на договорот со грчката страна на 8 мај 1999 година значеше обврска секоја година да се искористат, или платат по 500 илјади тони мазут. Ова, според упатените, е и најголемата штета од документот кој ѝ наметна обврска на земјата за нешто што нема потреба ниту капацитети да го искористи:

Symbolbild Gaszähler Gasuhr Energie Gas Kosten Energiekosten
Регулаторната комисија определува цени за универзалниот снабдувач и домаќинствата се заштитени, вели БислимовскиФотографија: Fotolia/ André Reichardt

„Најголема штетност беше обврската за мазутот. Во 2009 година исплативме 40 милиони долари, а еве сега Хеленик петролеум поднесе повторно тужба пред арбитража за останатиот период за уште 32 милиони долари. Така што, таму е најголемата штетност. Ако Окта е купена за 32 милиони долари пред 20 години, а веќе еднаш се исплатени 40 милиони долари со одлука на арбитража, пресметајте сами. Македонија реално не може да троши толку мазут, бидејќи сите топлани се на природен гас. Тоа е нешто невидено, но сега случајот е на истата арбитража и се знае, ако веќе донесла еднаш слична одлука, тогаш тоа е тоа. Но факт е и дека Окта не работела како производител од 2013 па наваму, но ние имавме обврска да ја применуваме таа методологија“, предупредува Бислимоски.

Веста дека Окта ќе тужи за неисполнети обврски од купопродажниот договор одекна во јануари годинава. Владата тогаш соопшти дека ќе влезе во преговори за да се изнајде решение со кое би се намалила потенцијалната штета врз буџетот, направена пред 20 години. До каде се стигнати преговорите и дали може да се очекува позитивен епилог, нема конкретни информации. Грчката страна досега повеќепати бараше средби со Владата за решавање на проблемот со нафтоводот кој повеќе од седум години не е во функција, но и за новата методологија за пресметка на цената на горивата. Грчката страна сака нафтоводот да профункционира, но како продуктовод за транспорт на дизел гориво, што сметаат дека ќе влијае на намалување на трошоците и конечната цена.

Nordmazedonien Tetovo OKTA Raffinerie
Договорот за купопродажба на Окта беше склучен пред 20 годиниФотографија: Imago Images/Zuma/

Две децении обвинувања и правдања

Договорот за купопродажба на Окта се случи во 1999 година, во времето на владата на ВМРО ДПМНЕ предводена од Љубчо Георгиевски. Договорот го потпиша Борис Стојменов, тогашниот министер за финансии. Овој договор постојано беше предмет на контроверзии. Експертската јавност постојано критикуваше дека договорот е штетен за интересите на државата, не само поради обврските за мазутот, туку и по разни други основи. За случајот имаше предмети и во обвинителството, антикорупциската комисија, но конкретен епилог јавноста никогаш не виде. За купопродажбата, социјалдемократите повеќепати го прозиваа и Никола Груевски дека од позиција на министер во тогашната Влада потпишал анекси на договорот во полза на Хеленик петролеум. Ваквите обвинувања постојано завршуваа со контраквалификации дека целиот случај се злоупотребувал само заради хајка и политички интереси.