1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Доброто во чоколадото

Гудрун Хајзе/ Дијана Ристова1 јануари 2015

Новогодишни празнувања без чоколади? Незамисливо. Обидот да им се одолее најчесто завршува со неуспех. Притоа, чоколадото нема само многу лоши калории кои се таложат таму каде што не сакаме. Има и добри страни.

https://p.dw.com/p/1E9cO
Фотографија: picture-alliance/dpa

Дали чоколадото го покачува нивото на серотонин и поттикнува добро расположение и среќа? За тоа многумина спорат. Веќе одамна со тоа прашање се занимава и науката. Бројните истражувања се обид да се одгатнат дејствата на таа слатка маса од какао, млеко и шеќер. Постојат многу студии за тоа, на кој начин чоколадото влијае на телесните функции. Личностите кои учествуваат во истражувањата, притоа, не можат да го одбираат својот омилен вид на чоколадо, бидејќи науката пред се’ ја интересира темното чоколадо, малку горчливо или горчливо.

Чоколадото мора да содржи најмалку 70 проценти какао за да делува позитивно на телото. Тајната се крие во флавоноидите во зрнцата на какаото. Тие флавоноиди се билни влакна кои имаат антиинфламаторно дејство. Тие ги регулираат маснотиите во крвта, го намалуваат нивото на холестерол и крвниот притисок. Тие исто така, го успоруваат стареењето и уште многу повеќе.

Schokolade Kakao Kakaobohnen
Како зрна од кои се прави чоколадоФотографија: Fotolia

„Постојат многу научни истражувања кои покажуваат дека состојките на чоколадото позитивно влијаат на менталната форма“, вели научникот Ангела Бетхолд. „Флавоноидите влијаат на имуниот систем, позитивно делуваат на ѕидовите на крвните садови, бидејќи спречуваат нивно преголемо стеснување. Крвта може слободно да тече низ садовите“. Чоколадото, всушност, во одредена мера, спречува атеросклероза, стврднување на артериите и мозочен удар.

Влијае на расположението

Едно е сигурно: чоколадото го содржи камен темелникот на хормонот на среќа - серотонин, а тоа е аминокиселина триптофан. Но, колку чоколадо му е потребно на човекот за да биде среќен? Одговорот гласи: голема количина. Со една табла ништо не е направено.

Чоколадото се поврзува со наградувањето. Бидејќи, малите деца добиваат парче чоколадо, ако биле добри. Позитивното чувство кое настанува тогаш, може да се објасни со хемиската супстанца допамин. Тој е, така да се каже, задолжен за системот на наградување во мозокот.

Schokolade Kosmetik
Чоколадото се применува и во козметикатаФотографија: Fotolia/Valua Vitaly

Сепак, премногу чоколадо повеќе му штети отколку што му користи на здравјето - за фигурата и да не зборуваме. Притоа, сеедно е дали станува збор за темно, млечно или бело чоколадо. „Црното чоколадо, како и секое друго, содржи многу маснотии и шеќери. Тоа значи, кога јадеме многу чоколадо, внесуваме многу калории и тоа може лесно да води кон брзо дебелеење“, објаснува Бетхолд.

Не е само за јадење

Според конзумирање чоколади, Германија е на второ место во светот, со околу 11 килограми годишно по жител. На прво место е - кој друг ако не - Швајцарија. На крајот на краиштата, алпската република е чоколаден рај, не само што се однесува на производството, туку и на конзумирањето: жител на Швајцарија годишно јаде речиси 12 килограми чоколадо. Но, тоа не значи дека сите Швајцарци имаат вишок килограми.

Чоколадото меѓутоа, може да се конзумира и без калории. Козметичката индустрија тоа одамна го откри. Така, постојат маски за лице од чоколадо, течност за капење од чоколадо или чоколадна масажа. Едно козметичко студио така и се рекламира на интернет: „Опуштете се со блага масажа и топло чоколадо. Ќе се уверите дека чоколадото поттикнува радост и задоволство“.