1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Добри бизниси со лажни Фејсбук-пријатели

Јирген Веберман (ард) / Елизабета М. Фиданоска15 јануари 2014

Една мала фирма во Бангладеш за своите муштерии во Европа може за една ноќ да генерира 100.000 Фејсбук-пријатели. Бизнисот со лајк-кликовите цути. Особено многу налози доаѓаат од Германија, раскажува еден претприемач.

https://p.dw.com/p/1Aqk9
Фотографија: picture-alliance/dpa

Ако Симанту не се симнеше на главната улица, никогаш немаше да го најдеме неговото мало станче во населбата Мирпур во Дака. Уличките што минуваат низ морето куќи се премногу испреплетени. Симанту и неговите двајца другари Имрам и Шуво не се сигурни дека идејата да дадат интервју била добра. Пред неколку недели полицијата во Дака уапсила хакери кои успеале да пробијат Фејсбук-профили. „Ова што го правиме ние е исто така илегално, многу илегално“, велат тие.

Виртуелна фан-заедница преку ноќ

Тројцата пријатели, сите во средината на своите 20-ти, се занимаваат со бизнис со лајк-кликови (кликови „ми се допаѓа“, н.з.) на Фејсбук. Половина час се колебаат што и како да кажат, за на крајот Шуво, основачот на фирмата, да ја објасни суштината на бизнис-моделот: „Овде имаме сервер со софтвер на кој создадовме 150.000 Фејсбук-профили. Можеме за една ноќ да продуцираме 100.000 кликови ’ми се допаѓа‘ на една интернет страница.“

Symbolbild - Facebook Like
За една ноќ можно е да се генерираат 100.000 „лајкови“Фотографија: Getty Images

Има, на пример, една козметичка фирма од Цирих која си нарачала кликови од Бангладеш. Таа има 2510 кликови ‘лајк‘, но само двајца корисници навистина ја посетиле страницата во последно време. Мјногу лајк-кликови се веројатно купени. Швајцарската фирма сега својата Фејсбук-страница ја „полира“ кај Заман Кан. Кан има своја ИТ-фирма, сместена на петтиот кат во една деловна зграда во Дака. „Ние имаме интернет страница. Повеќето луѓе бараат фирми како нашата преку Гугл. Овде, во Бангладеш, им нудиме услуги по супер цени. Затоа доаѓаат кај нас.“

„Најмногу муштерии има од Германија“

Кан има создадено огромна мрежа, барем ако се верува во тоа што тој го кажува. Има 50.000 имејл адреси од млади од Бангладеш кои за него може да кликнат „лајк“. Неговата фирма има развиено мала програма која на неговите студенти им овозможува истовремено кликање „ми се допаѓа“ за повеќе муштерии. Зашто, понекогаш истовремено има 100 муштерии. „Целата работа се одвива по препорака“, раскажува Кан. И, најинтересно е, како што вели, што „најголемиот број од муштериите се од Германија, како на пример - модните куќи“. Сепак, Кан не сака да соопштува имиња.

Symbolbild Bangladesch Korruption Banknoten Geld Bestechung
Во Бангладеш цените за лажни Фејсбук-пријатели се најнискиФотографија: DW

И онака е невообичаено што тој воопшто зборува за своите Фејсбук-бизниси. Тие не се сосема илегални, како што претпоставуваат Имран, Шуво и Симанту, но и Заман знае дека лажните Фејсбук-пријатели за западните фирми се во најмала рака - морално несоодветни. Затоа бизнисот се одвива главно анонимно. Парите се префрлаат анонимно, а зад интернет страниците на кои Заман и трите момчиња од Мирпур нудат нови зделки се кријат посредници со псевдоними.

На пример, на страницата freelancer.com, каде еден типичен оглас гласи вака: „Потребни ми се 500.000 вистински Фејсбук-пријатели од Германија. Пријателите чии профили ќе бидат избришани, мора брзо да бидат заменети со нови. Мора да има 99% вистински пријатели.“ На ваквиот оглас со свои понуди одговараат 14 конкуренти - 12 се од Бангладеш, еден од Индија, еден од Пакистан. Имран, Шуво и Симанту наплаќаат 50 долари за 1000 лајк-кликови. Често работат во три смени, нон-стоп. Цените во Бангладеш се најниски, поради ниските трошоци за работа. Бизнисот со лажните Фејсбук-кликови во Дака бележи бум, но речиси никој не сака да зборува за тоа. Така е и со Шуво и неговите пријатели. „Не прашуваме за кого работиме. Го земаме налогот и си ја вршиме работата.“

Нови стратегии

Клик-фармите, како што во Јужна Азија се нарекуваат ваквите фирми, се во постојана борба со интернет-гигантите од САД. Фејсбук редовно ги брише лажните профили. Момчињата од Дака и претприемачот Земан, меѓутоа, имаат постојано нови идеи за се‘ да изгледа вистински. „Овде, во нашиот кварт, имаме добра мрежа. На нашите помлади браќа им велиме - направете ни профили и тие ни прават.“

Symbolbild Button Add as Friend
Фотографија: Fotolia/Thesimplify

Компјутерските фрикови понекогаш привлекуваат вистински корисници со огласи за „непристојни“ страници. Кога доволно вистински корисници кликнале на нив, страниците се трансформираат во сериозни страници на фирми, но лајк-кликовите остануваат. Или пак испраќаат огласи кои ги шират со помош на функциите што ги нуди Фејсбук. Така, за пет долари, за само три дена може да се добијат 1000 кликови. Вистински профили, и тоа со помош на самиот Фејсбук.

Компликуван пат, по кој понекогаш одат и Шуво, Имран и Симанту. Но најголемиот дел кликови од Бангладеш сепак доаѓа од лажни профили.

„Фирмите го користат Фејсбук за своја реклама. Нашите лажни профили, меѓутоа, никогаш не ја посетиле нивната страница, никогаш не прочитале ништо од таа страница. Тоа е практично измама.“ Измама поради која тројцата не можат да спијат? Нивниот одговор е недвосмислен, тие само лукаво се насмевнуваат. Зашто, вистинските измамници, според нив, се наоѓаат во Европа. Тоа се фирмите кои сакаат своите муштерии да ги убедат дека се омилени. Но ако корисниците на Фејсбук побараат во кој град таквите фирми имаат особено голем број фанови, многумина ќе останат зачудени, зашто таму ќе стои - Дака, главниот град на Бангладеш.