1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дијалогот власт-опозиција чека иницијатива од трета страна

Катерина Блажевска2 септември 2014

И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ пораките од Берлин ги третираат како адресирани до политичкиот опонент, со што иницијативата за нов дијалог посредно се очекува да ја оживее олеснувачот Питер ван Хаутен.

https://p.dw.com/p/1D58e
Фотографија: Fotolia/Faber Visum

Падна „митот“ дека спорот со името со Грција е единствената пречка на македонскиот интегративен пат. Во завршната декларација од неодамнешната Конференција во Берлин, се акцентирани обврските кои и Македонија мора да ги заврши, а во прв план е ставен меѓупартискиот дијалогот, односно неопходноста од функционирањето на парламентот во полн капацитет. Политичките субјекти ги примија пораките од Берлин и изразуваат подготвеност за дијалог, но како сите да чекаат првиот чекор да го направи некој друг.

Ние сме во секое време подготвени за разговори, вели координатрот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, кој зад себе го има искуството од членство во работата на ад-хок Комисијата за расчистување на настаните од 24 декември 2012 година, чија задача, меѓу другото, беше да создаде и услови за враќање на суштинскиот дијалог.

„Во принцип ние имаме отворен повик за дијалог со СДСМ, за сите теми кои се релевантни за македонските граѓани и кои содржински може да значат подобар стандард на општеството. Второ, тој простор за дијалог е оставен и со чекорот што го направи претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, кој го одложи констатирањето на оставките на пратениците од опозицијата“, потсетува Димовски.

Прашањето е кој прв ќе повлече потег по јасната порака од Берлин дека „обврска на власта е да создаде услови за вклучување на опозицијата во парламентот, каде што треба да ја одигра својата улога, а на опозицијата да покаже подготвеност да го стори тоа“.

Според одговорите, се чини дека таа порака и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ја третираат како адресирана, пред се‘, до политичкиот опонент. Социјалдемократите сметаат дека сите заклучоци во декларацијата од Берлин упатуваат на проблемите на кои досега укажувала опозицијата.

„СДСМ во секоја прилика истакнува дека е подготвена за разговори со власта. Ставовите на партијата се прецизни и добро познати на јавноста. Од клучно значење е, доколку дојде до преговори, тие да бидат суштински, за состојбите во Република Македонија што се констатитирани во извештаите на сите релевантни меѓународни институции, ОБСЕ/ОДИХР, Стејт Департментот, Европската Унија, за да се овозможи слободно изразување на волјата на граѓаните на фер и демократски избори. Всушност, и во завршната декларација од Конференцијата во Берлин конкретно се бара: слобода на медиумите, подобрување на владеењето, независно судство, правна сигурност и политика на нетолерантност кон корупцијата, економија ослободена од политички влијанија, како и овозможување на опозицијата да ја одигра својата улога во рамки на Парламентот, со што на Груевски лично му е испорачана пораката дека мора да седне на разговори со опозицијата“, велат од Центарот за комуникации на СДСМ.

Westbalkan-Konferenz Gruppenbild Angela Merkel
Во завршната декларација од неодамнешната Конференција во Берлин, се акцентирани обврските кои и Македонија мора да ги завршиФотографија: Reuters

Во ВМРО-ДПМНЕ таков потег очекуваат од опозицијата.

„Суштината на застојот е во едно од барањата на опозицијата - кое е нерационално и надвор од здравиот разум. Тежиштето на откочување на дијалогот е насочено кон СДСМ, во смисла на рационализација на нивните барања. Ние сме во секое време подготвени за разговори“, потенцира Димовски.

Компромис - непознат збор

Политичките аналитичари сметаат дека партиските елити во Македонија се‘ уште не разбираат дека инцијативата за дијалог и дијалогот се чин на доблест, мудрост и визионерство, а не одраз на политичка слабост или немоќ. Компромис е се‘ уште непознат збор во нашата политика, вели аналитичарот Албер Муслиу.

„Она што со години трае е концепт на на мачо-политика, на непопустливост, нетолеранција, кој за жал, наидува и на прием кај гласачите. Грубиот, непопустлив вокабулар се смета за израз на врвно јунаштво, нешто што е сосема атипично за земјите во Европската Унија кои ги карактеризира висока политичка култура. Ние декларативно се стремиме и тежнееме кон ЕУ, а не сме подготвени нејзините основни вредности да ги прифатиме како наши. Денес во Македонија има тотално отсуство на дијалог. Абанската опозиција нема дијалог со албанската партија на власт, македонската опозиција нема дијалог со македонската партија на власт, а згора на тоа, не разговараат ни албанската и македонската опозиција. Избран носител на функција не може да одбие да комуницира со друг избран функционер, бидејќи добил легитимитет. Подобро е политичарите уште во кампања да најават дека во иднина не планираат да комуницираат со одредни политичари или партиски групи, па гласачите нека решат дали ќе му дадат глас на таков политичар“, укажува Муслиу.

Opposition Mazedonien Rücktritt
Социјалдемократите сметаат дека заклучоците од Берлин упатуваат на проблемите на кои досега укажувала опозицијатаФотографија: Petr Stojanovski

Во ситуација на непопустливост, се‘поверојатно е дека двете партии ќе очекуваат повикот да се седне на иста маса, да дојде од „некој трет“. Во македонскиот случај тоа би бил Питер ван Хаутен, кој на предлог на делегацијата на ЕУ во Скопје е посредник-олеснувач во разговорите меѓу власта и опозицијата. Овој белгиски експерт за јакнење на парламентот како институција, во јули престојуваше во Скопје, а пристигна и веднаш по завршувањето на одморот на парламентарците и целосно и активно е посветен на неговите обврски.

Нова ролна тоалетна хартија?

Со оглед дека поминаа речиси два месеца од последната средба Заев-Груевски, која доживеа фијаско, дали тој ќе иницира нова лидерска средба? Од делегацијата на ЕУ во Скопје засега немаат одговор на тоа прашање.

„Неговата работа е фокусирана да ја помогне работата на парламентот, вклучувајќи ја и работата на работната група која е задолжена за имплементирање на препораките по договорот од 1 март. Во рамките на неговата работа тој има постојани контакти со сите политички партии“, велат од делегацијата на ЕУ.

Во однос на работната група, може да се каже дека белгискиот експерт воопшто и нема работа, со оглед дека таа не функционира. Членовите на СДСМ кои беа во неа, не се пратеници во новиот состав на парламентот, а нови членови не се именувани поради опозицискиот бојкот на законодавниот дом. Со тоа, Питер ван Хаутен засега е упатен само на разговори со партиите, кои не се расположени да обелоденат детали од нив. Според политиколот Горан Јовановски, многу е важно париите сега да покажат силна иницијативност и капацитет за дијалог.

Politischer Dialog in Mazedonien
Се чини и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ пораката од Берлин ја третираат како адресирана, пред се‘, до политичкиот опонентФотографија: Amalia Oganjanyan

„Ако нема волја и подготвеност за решавање на внатрешни спорови, односно ако партиите покажуваат поткапацитет за иницирање на внатрешен дијалог, тогаш како може да се надеваат на наткапацитет за решавање на некои надворешни и многу покомплексни спорови, како што е на пример, спорот за името? За жал, сета оваа незаинтересираност се случува во време кога политичката криза може да стане уште подлабока, не само поради опозицискиот бојкот на парламентот, туку и поради тоа што и ДПА сериозно размислува дали да го напушти Собранието, по неодамнешниот инцидент меѓу нејзините и пратениците на ДУИ. Второ, тој дијалог мора да биде искрен и суштински, за да не се случи точките на меѓупартиско согласување отпосле да станат втора ролна 'тоалетна хартија'. Трето, потребата од дијалог е евидентна, не само за да профункционира парламентот во полн институционален капацитет, туку и за да запрат севкупните поделби во општеството по сите линии - од партиски, до верски и етнички“, оценува Јовановски.
Муслиу е песимист дека партиите саминицијативно ќе се договарат да седнат на маса.

„Самоиницијативно? Не верувам. Тие покажаа дека немаат капацитет да се надминат себе си. Верувам дека ќе бидат принудени да седнат. Но, да не заборават: претставниците на меѓународната заедница може да охрабруваат, да го олеснуваат процесот, но не и да пресечат, да решаваат наместо нас. Некои потези лидерите ќе мора сами да ги повлечат“, потенцира Муслиу.

Неофицијално, деновиве се очекува да „оживее“ иницијативата за меѓупартиски дијалог. Кој ќе го стори тоа, не е тешко да се погоди, иако според дипломатски извори, не се исклучени и домашни изненадувања.