Детроит: Саем на моќни автомобили
Во Детроит се одржува првиот саем на автомобили во 2016 година. Годинава проблем е што темите на иднината беа разгледани на саемот за техника ЦЕС во Лас Вегас. На Детроит му останаа само фалбаџиските возила.
Голем, тежок, лош
На саемот за техника ЦЕС во Лас Вегас минатата недела во фокус беше автономното возење, вмреженоста на возилата и електропогонот. Во Детроит се верни на други вредности. Автомобилите: што е можно поголеми и потешки, со што е можно повеќе коњски сили. Колку трошат е сеедно. На фотографијата: GMC Sierra Terrain, зафатнина на мотор - 6 литри. Го има и во верзија: 8 цилиндри, дизел.
Спортски, убав, брз
Шевролет е познат пред сѐ по својата Корвета. На фотографијата: Модел 2017 Гранд Спорт. Во Детроит се прикажува ZR 1, со 700 коњски сили и 8-цилиндарски турбо полнач. Впрочем, во Детроит не прикажуваат сите американски автопроизводители нови модели. ФиатКрајслер, кој во САД е на четврта позиција, се одлучи своите новитети да ги презентира на ЦЕС во Лас Вегас.
Уште еден камионет
Форд, кој во Европа е повеќе познат со своите возила од средна класа, на домашниот пазар и натаму се потпира врз камионети во лајт-верзија, како Pickup F150 Raptor. Не е ни чудо: според Центарот за автомобилски истражувања (ЦАР) околу 60 проценти од новопродадените возила во САД се „лајт камионети“.
Уште еден брз
Она што за Шевролет е Корветата, за Форд е Мустангот. Форд, втор по големина автопроизводител по ЏМ, во Детроит презентира класика со фејслифтинг. Инаку, многу од автомобилите кои се продаваат во САД се произведуваат во Мексико. Таму фабрики имаат Фолксваген, Ауди, Хјундаи-Киа, Тојота и Мазда. Ако со Трамп дојдат и увозни царини, тоа ќе се одрази на продажбата.
Германците во Детроит
Порше однапред се откажа од саемот, учеството на пазарот и онака е мало. Сепак, џиповите од оваа марка се продаваат добро. БМВ, пак, не само што учествува, туку понуди премиера на новата 5-ка. Но Баварците сакаат да бидат и „големи и лоши“, па го претставуваат „спортско-урбаниот“ Concept X2.
Умниот од Штутгарт
Дајмлеровата ќерка, Мерцедес Бенц, има најголем удел на американскиот пазар од сите германски автопроизводители. Во Детроит светска премиера доживеа Coupé од Е-класата. Сепак, успехот на Mерцедес во САД не се должи на вакви модели, туку - точно - на џипот GLC.
Големиот Дајмлер
Што сака да ни каже овој автомобил? Мерцедес знае и поинаку! Пикапот X-класа, сѐ уште е само концепт, а на пазарот ќе се појави дури на крајот на 2017-та и тоа прво во Европа, а потоа во Латинска Америка и Австралија. И може веќе сега да се смета дека ќе се продава и во САД, но со поголеми димензии. Имено, овој модел е само „midsize“.
Грешникот
А што прави Фолксваген? За него секој настап во САД е под мотото „нов почеток“. Тоа, меѓу другото, би требало да успее со оваа светска премиера - Tiguan Allspace. Тоа е долга верзија на европскиот бестселер, кој прво ќе може да се купи во Северна Америка, а потоа во Кина и Европа.
Бестселерот на Тојота
Toyota Camry се возеше и во Европа. Во меѓувреме, возилото на стариот континент е реткост, со оглед на тоа што извозот беше запрен во 2004 година. Затоа пак, Јапонците со овој модел жнеат успех во САД, каде Camry е еден од најпродаваните автомобили. Тојота во Детроит ја претставува најновата верзија на бестселерот.
Луксуз Лексус
Луксузната марка на Тојотоа - Lexus во Детроит е застапена со новиот LS. И, што воопшто не е типично за Детроит, потрошувачката на гориво изнесува само 3,7 литри на 100 километри. Не е ни чудно - убавецот има хибридно срце.
Изненадување
И овој Шевролет делува дебело, жедно и лошо. Но, како што тоа понекогаш се случува во животот, тоа е само делумно точно. Зашто овој Colorado ZH2, модел создаден во соработка со американската армија, вози - внимание - целосно на електрична енергија, врз база на горивна ќелија. Веројатно затоа и го нема во Детроит.