Демонстрации по најтешката рударска несреќа во Турција
15 мај 2014Уличните сцени во главниот град Анкара и во Истанбул потсетуваат на големите судири изминатото лето, поради градежните планови во Гези паркот во Истанбул. Во двата града синоќа на улиците излегоа илјадници луѓе за да протестираат против премиерот Реџеп Таип Ердоган. Народот смета дека политичкото раководство е соодговорно за рударската катастрофа.
Во Анкара на демонстрации се собраа околу 4.000 луѓе, меѓу нив многу студенти. Тие сакаа да се упатат кон Министерството за енергија и притоа истрелаа поединечни пиротехнички средства кон полицијата, по што силите за безбедност употребија солзавец и водени топови.
Исто така во Истанбул повеќе илјади луѓе учествуваа на приотестите и скандираа пароли против владата „Сома не беше несреќа, туку убиство“, можеше да се прочита на еден од транспарентите. Полицијата и во Истанбул употреби солзавец, водени топови, но, и гумени куршуми. Повеќе луѓе беа повредени. Според очевидци некои од демонстрантите биле приведени. Спонтани демонстрации имаше и во други градови во Турција.
Ердоган ја отфрла критиката
Премиерот Реџеп Таип Ердоган во Сома се информираше за актуелната состојба. Тој најави опсежна истрага. Стотици гневни жители демонстрираа во близина на зградата каде што Ердоган ја одржа прес-конференцијата. Тие бараа оставка на владата.
Премиерот отфрли секаква критика во однос на безбедноста на рудниците во земјата: „Експлозии како оваа во вакви рудници се случуваат постојано“, и тоа не само во Турција. За да ја поткрепи својата аргументација тој наброја рударски несреќи од целиот свет од 1862 година. Министерството за труд претходно објави дека овој рудник последен пат во март годинава бил проверуван во однос на мерките за безбедност.
Во најтешката рударска несреќа во историјата на Турција според последниот биланс загинаа најмалку 274 рудари. Владата соопшти дека уште 120 рудари се затрупани во рудникот. За нив има малку надеж дека ќе ја преживеат несреќата.