“Демократски“ и “социјализам“ не оди заедно - смета канцеларката Ангела Меркел
29 октомври 2007Германските социјалдемократи го зајакнаа левичарскиот профил на партијата. СПД и понатаму ќе се ориентира на вредностите на демократскиот социјализам и ќе се бори за правата на работниците, заклучија делегатите на Конгресот во Хамбург. Таквото свртување кон лево меѓутоа нема да донесе поголеми проблеми во владината коалиција, каде социјалдемократската партија има улога на помал коалиционен партнер – сметаат познавачите на германската политика.
Во редовите на поголемиот коалиционен партнер, христијанско демократската унија, на критика посебно наиде формулацијата “демократски социјализам“. Лидерот на ЦДУ и канцелар, Ангела Меркел, пораснала во социјализам, иако не во демократски туку во т.н. реален социјализам. Поаѓајќи од сопствените искуства во поранешната Германска Демократска Република, таа порача:
“Многу размислував за тоа, дали воопшто оди едно со друго – демократски и социјализам. И мислам дека тоа не оди. Тоа е мое уверување и него ќе го застапувам и понатаму.“
Генералниот секретар на владеачката партија Роналд Пофала и‘ префрли на социјалдемократската партија дека со новата програма се вратила во “камено доба“:
“Марксистичка анализа на општеството се наведува како еден од корените, а се слават и вредностите на демократскиот социјализам. Во Германија веќе доживеавме доволно социјализам. СПД треба да се оддалечи, а не да се приближува до Партијата на левицата“ - порача Пофала.
Наспроти тоа, претседателот на СПД, Курт Бек, на завршницата на конгресот во Хамбург на викендот нагласи дека темелни вредности на неговата партија се слободата, правдата и солидарноста. Нив ги содржи и демократскиот социјализам и затоа тој ќе остане водечка идеја на СПД:
“Ако некој мисли дека преку овој поим може да ни наштети, дека во него се создава нерамнотежа меѓу слободата и праведноста и тоа на штета на слободата, тогаш тој некој или не ја познава историјата или пак е намерно зол!“
Поранешниот претседател на СПД Оскар Лафонтен не може да види никаква темелна промена на политичкиот курс во СПД. Во емисија на јавниот ТВ сервис тој поарача:
“За поздравување е тоа што СПД сака промена на политичкиот курс на владата по прашањето на исплаќањето помош за лицата кои се подолго време невработени. Но, доколку тоа е социјалистичка заложба, тогаш и христијанско демократската унија е социјалистички ориентирана партија“ - нагласи Лафонтен, кој во меѓувреме е копретседател и шеф на собраниската група на Партијата на новата левица.
Шефот на Либералите Гидо Вестервеле смета дека зад новата ориентација на СПД се кријат политички комбинаторики:
“Јас сметам дека тоа што СПД го заклучи на Конгресот во Хамбург е подготовка за црвено-црвен-зелен сојуз. Таму дојде до израз нова партиска генерација која нема да се воздржува од создавње коалиција со Партијата на левицата и со Зелените.“
Што се однесува пак до опстанокот на големата коалиција меѓу ЦДУ и СПД, министерот за финансии и заменик претседател на СПД, Пеер Штајнбрик изрази увереност дека владината коалиција со христијанските демократи ќе издржи до крајот на легислативниот период во 2009-та. Тој исто така призна дека заклучоците на Конгресот треба да и‘ помогнат на партијата подобро да се профилира во однос на христијанските демократи како постар коалиционен партнер.
Во секој случај засилената заложба за правата на работниците наиде на позитивен одек во редовите на германските синдикати. Шефот на Сојузот на синдикатите Михаел Зомер порача дека гледа нова стратешка определба на СПД кон темелните социјалдемократски вредности, што отвора можност за ново приближување со синдикалните организации.