1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Карла дел Понте разочарано се повлече од функцијата

ЕМФ / дв
7 август 2017

Карла дел Понте ги истражуваше воените злосторства во поранешна Југославија и Руанда. За Сирија не можеше да направи ништо и сега разочарана се повлекува од функцијата специјален иследник на ОН.

https://p.dw.com/p/2hnbL
Carla del Ponte gibt ihren Posten in der Uno-Untersuchungskommission für Syrien ab
Фотографија: picture alliance/AP Photo/M. Trezzini

Карла дел Понте повлекувањето од функцијата го образлага со недостиг на политичка волја за поддршка на нејзината работа. За швајцарскиот весник „Блик“ таа рече дека веќе не сакала да биде „алиби-иследник“.

Истражната комисија за Сирија беше основана во август 2011 година, неколку месеци по почетокот на протестите против властодржецот Башар ал-Асад. Дел Понте на ова тело му се приклучи во септември 2012 година. Членовите на комисијата до денес немаат добиено дозвола од сириското раководство да ја посетат Сирија. Сепак, Комисијата редовно известуваше за повреди на човековите права во таа земја. Досега, меѓутоа, одвај дека има некаков ефект од нејзината работа. Без Специјален суд извештаите се „бесмислени“, вели Дел Понте.

„Немоќни сме, во Сирија нема правда“, изјави 70-годишната швајцарска правничка. Воените злосторства во Сирија се полоши отколку во поранешна Југославија и во Руанда, оценува Дел Понте, која од 1999 до 2007 година беше Главен обвинител на Меѓународниот суд во Хаг за воени злосторства во поранешна Југославија, како и за геноцидот во Руанда. Таа ја обвинува меѓународната заедница дека не научила ништо од геноцидот во источноафриканската земја.

„Се откажувам, државите од Советот за безбедност не сакаат правда“, потенцира Дел Понте. Нејзините критики се насочени пред сѐ кон Кина и Русија. Двете земји ги блокираат останатите, оценува таа.

Дел Понте најавува дека последен пат на седница на Комисијата ќе учествува во септември и дека нејзината оставка ќе ја испрати во текот на наредните денови. Нагласувајќи дека е „исфрустрирана“, таа додава: „Не можам веќе да бидам во оваа Комисија која едноставно не прави ништо.“

На почетокот во Сирија имало „добри и лоши“, вели иследничката, и тоа - владата била лошата, а нејзините противници биле добрите. Во меѓувреме, во Сирија „сите се лоши“. Владата на Асад извршува „ужасни злосторства против човештвото“ и употребува хемиско оружје, а опозицијата се состои само од „екстремисти и терористи“, вели Дел Понте.

UN Konferenz Syrien chemische Waffen Chemiewaffen Genf
Дел Понте последен пат на седница на Комисијата ќе учествува во септемвриФотографија: picture-alliance/dpa

Истражната комисија на ОН вчеравечер соопшти дека за чекорот на Дел Понте била информирана уште на средината од јуни. Комисијата го поздрави придонесот и „напорите“ на Дел Понте, која е позната како конфронтативна правничка. „Наша задача е да не попуштиме“, се вели од Комисијата.