1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Два протеста на улица и еден во ДИК

Катерина Блажевска15 април 2016

Во сенка на двата улични протеста, помина веста дека ДИК заклучи оти се создадени услови за избори на 5-ти јуни, но без гласовите на претседателот и на членовите од СДСМ, кои ја напуштија седницата

https://p.dw.com/p/1IWp1
Фотографија: picture-alliance/dpa/V. Xhemaj

Без инциденти и во присуство на силно полициско обезбедување заврши и вечерашниот четврти по ред протест, по одлуката на Иванов за колективна аболиција на 56 лица и против избори на 5-ти април. Неколку илјади демонстранти по 20 часот протестираа пред зградата на Владата, откако на големо изненадување полицискиот кордон се повлече и им дозволи да стигнат до таа локација. Со извици „Никола готово е", „Никола диктатор", и „Оставка" на Илинденска број 2 се одржа мирен протест, а полицијата остана зад заштитната ограда. Претходно, ситуацијата беше сосема поинаква. Маршот тргна од зградата на Специјалното јавно обвинителство и продолжи кон Собранието, но беше блокиран од страна на полицијата со метални барикади и хермалини пред Триумфалната капија. „Собранието е наше", „Нема правда нема мир" - извикуваа демонстрантите пред кордонот од специјални полициски единици, порачувајќи преку транспаренти дека „нема амнестија за мафијашите".

Во знак на револт поради блoкадата на движењето, демонстрантите делумно ја обоија фасадата на Триумфалната капија, а потоа се упатија во единствената слободна насока - кон плоштадот Карпошово востание. Откако наидоа на полициска блокада кон Камени мост, се упатија кон Владата.

По мало кошкање со полицискиот кордон, полицијата се повлече, а демонстрантите мирно се приближија до Владата. Таму побараа повлекување на претседателската одлука за помилување, одложување на датумот на избори и формирање експертска влада. Ова е четврти ден од протестите зад кои стои неформалната инцијатива #протестирам, која најавува дека протестите ќе продолжат и во наредните денови.

Присуството задолжително

За разлика од повиците пред Владата „Никола, готов си", на контрапротестот пред седиштето на СДСМ, се пееше друга песна: „Никој ништо не ти може, Никола". Организирани од Граѓанското движење за одбрана на Македонија (ГДОМ) неколку илјади контрадемонстранти мирно протестираа против аболицијата на Зоран Заев и на Зоран Верушески, но и против обидите на опозицијата за одложување на изборите на 5-ти јуни.

„Кончено се распишани избори за 5-ти јуни и конечно мандатот и суверенитетот ќе биде вратен. Ние преку најдемократски начин со пенкало во рака, на 5-ти јуни ќе излеземе и ќе покажеме која е желбата на Македонецот. Тоа е патот на просперитет, сигурност, нови работни места, нови болници, училишта," рече Александар Пандов, член на ГДОМ.

И оваа вечер демонстрантите пристигнаа организирано со автобуси од речиси сите градови во земјата, а во медиумите беа објавени пораки со кои на вработени во државни и јавни установи им се наложува присуство на протестот, со предупредување „дека ги бројат".

Несогласување во ДИК

Во сенка на двата протеста, помина веста дека претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, ја напушти седницата пред да почне гласањето за точката - дали има технички услови за одржување на фер избори.

„Не можам да потпишам заклучок дека целосно сме завршиле со проверката на Избирачкиот список", рече Чичаковски пред да ја напушти седницата.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste in Skopje
Фотографија: picture-alliance/dpa/V. Xhemaj

Пред него седницата ја напуштија и членовите предложени од СДСМ, Виолета Дума и Игор Милев. ДИК без гласовите на претседателот и на членовите од СДСМ донесе одлука дека се создадени услови за одржување на избори, со што му даде „благослов" на решението на претседателот на Собранието Трајко Вељаноски за организирање на изборите на 5-ти јуни. Вељаноски денеска ги распиша изборите без претходно да ја консултира ДИК.

„Државната изборна комисија донесе заклучок со кој констатира дека врз основа на досегашната работа од неговиот избор до денес, и врз основа на одредбите од Изборниот законик, е подготвена законито, совесно и транспарентно да ги спроведе сите изборни дејствија за предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, кои се распишаа на 15 април 2016 година, а ќе се одржат на 5 јуни 2016 година", се вели во вечерашното кусо соопштение од ДИК.

Пратеникот на ДПА, Имер Алиу, на неговиот фејсбук- профил изрази спротивен став од претставникот на ДПА во ДИК, Бедредин Ибраими, кој вечерва гласаше „за" ставот дека има услови за избори на 5-ти јуни.

„Не се исполнети услови за веродостојни избори поради избирачкиот список. Исто така спорни се и изборните единици, кои во сегашната ситуација не се еднакви по број на избирачи во нив, со што Албанците губат 5 до 6 пратеници", напиша Алиу.

Партискиот лидер Мендух Тачи пред неколку дена оцени дека се уште не се исполнети услови за фер - избори на 5-ти јуни, но по денешната одлука на Вељаноски, ДПА се уште се нема изјаснето дали ќе учествува на изборите.