1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

010809 Afghanistan Bundeswehr

3 август 2009

Ангажманот на германските војници во Авганистан не бил никогаш поопасен од сега. Дотолку поинтензивна станува дебатата околу можно повлекување - особено спроти изборите на есен.

https://p.dw.com/p/J1Wn
Насмевка што ветува: канцеларката Меркел при посетата на германските војници во АвганистанФотографија: AP

Германските војници се’ почесто се вовлечени во престрелки и вистински борби со талибанските бунтовници во Авганистан. Тоа е знак дека нивната мисија воопшто не се одвива онака, како што беше планирана. Во 2001 година, тогашниот министер за одбрана, Петер Штрук, порача: „Од решавачка важност е тоа што Американците ја имаат командата над борбените сили, кои се борат против Талибанците и Ал Каеда, додека ние сме вклучени во мировните сили.“

Целта на тогашната влада беше да постои јасна поделба меѓу двете странски мисии во Авганистан: од една страна американската мисија против терористичката мрежа на Ал Каеда, наречена „Ендјуринг фридом“ и од друга страна меѓународната мисија со мандат на ОН, ИСАФ.

Споени мисии

Но, секојдневието на ангажманот во Авганистан покажа дека разграничувањето веќе одамна не постои или барем не е така јасно. Планираниот ангажман на германските војници за стабилизација на Авганистан се претвори во воен ангажман. Веќе подолго време германските војници не градат училишни згради, сообраќајници и бунари за локалното население, туку стрелаат, водат борби и при тоа и убиваат. „Сметам дека таму имаме важна задача, што и’ служи и на безбедноста на нашите граѓани во Германија. Авганистан не смее никогаш повеќе да се претвори во камп за обука на терористи“, нагласуваше поранешниот министер за одбрана Петер Штрук. И тој, како и неговиот актуелен наследник, Франц Јозеф Јунг тврди дека безбедноста на Германија се брани во Авганистан. Тоа е и главниот аргумент на владата против барањата за повлекување на германските војници.

Peter Struck
Поранешниот министер за одбрана, Петер ШтрукФотографија: AP

Контра ефект

Но, експертите што се занимаваат со проблемот на тероризмот тврдат дека таа теза е погрешна. Опасноста од терористички напади во Германија токму се зголеми откако војниците на Бундесверот се борат во Авганистан. Од време на време се појавуваат и видео-закани на интернет дека Германија ќе стане цел на терористички напади доколку не ги повлече своите војници од Авганистан. Затоа клучното прашање: останување или заминување од Авганистан се’ почесто се спомнува во јавната дебата - особено сега спроти парламентарните избори на есен. „Најдоцна со операциите на Американците, во кои беа бомбардирани цели подрачја, поголем број Авганистанци ги загубија целите семејства. Тие се чувствуваат обврзани со законот на одмазда. Затоа веќе не постојат основните предуслови за мировен ангажман на Бундесверот во Авганистан“, нагласува политичарот на Партијата на левицата, Оскар Лафонтен. Според него, војниците треба што поскоро да се вратат дома. Ваквата теза ќе му донесе веројатно многу гласови на изборите, бидејќи според анкетите на јавното мислење дури две третини од германските граѓани се против мисијата во Авганистан. Затоа Лафонтен тврди дека владата на канцеларката Ангела Меркел и нејзиниот вице канцелар Франк Валтер Штајнмајер води политика што е против волјата на народот, кој ги избрал.

Tod von drei Bundeswehrsoldaten in Afghanistan PK Franz Josef Jung
Тешки моменти на вистината: министерот за одбрана Јунг на дочекот на посмртните останки на тројца војници од АвганистанФотографија: AP

Поддршка од големите партии

Но, раководствата на поголемите партии застапени во парламентот и понатаму ја поддржуваат мисијата во Авганистан. Во улогата на предводник се наоѓа вице-канцеларот и шеф на дипломатијата Франк Валтер Штајнмајер: „Авганистан ќе го изгубиме само тогаш кога ќе се откажеме од него!“

Експертот за одбранбено политички прашања од собраниската група на опозиционата Партија на Зелените, Винфрид Нахтвај, принципиелно се сложува со Штајнмајер, но бара да престанат барем залажувањата на јавноста околу карактерот на мисијата во Авганистан и инсистира владата конечно да ја каже целата вистина. Според него, меѓу фактите на вистина спаѓаат и успесите на полето на обновата на земјата, како што се изградените училишта и сообраќајници, но исто така е вистина и дека се множат површините на кои се одгледува афион, од кој се добива хероин. Оние кои најмногу профитираат од целата ситуација се трговците со дрога, а безбедносната ситуација постојано се влошува. Со тоа и сонот за демократски и стабилен Авганистан денес е подалечен од кога и да е порано!

Автор: Бенјамин Вист / Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска