1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дајмлер не знае од каде му е автомобилот на Ким

БГ /АП
26 април 2019

Германскиот автопроизводител Дајмлер, чии блиндирани лимузини ги користи севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, вели дека нема поим од каде тој ги набавува луксузните возила

https://p.dw.com/p/3HTYC
Russland Nordkorea l Treffen von  Vladimir Putin und Kim Jong Un - Ankunft
Фотографија: Reuters/Press Service of Administration of Primorsky Krai/A. Safronov

Ким изненади многумина користејќи специјални лимузини на Дајмлер на неколку настани, вклучително и на последниот со рускиот претседател Владимир Путин, како и на претходните самити со Доналд Трамп.
Продажбата на луксузни стоки, вклучително и лимузини, е забрането согласно санкциите на ОН против Северна Кореја, чија цел е да се натера комунистичката земја да ја напушти својата нуклеарна програма.

Но, Ким го чекаа две лимузини на станицата во Владивосток- Мерцедес Мајбах С600 Пулман и Мерцедес Мајбах С62. На претходните самити со Трамп тој користеше Мајбах Пулман.

„Немаме воопшто идеја како тие возила биле испорачани во Северна Кореја“, вели портпаролот на Дајмлер Силке Мокерт во пишана изјава до Асосиејтед Прес. „За Дајмлер, правилниот извоз на производите во согласност со законите е фундаментален принцип на одговорно работење“.

China Auto Shanghai 2017 Mercedes-Maybach S 680
Луксузен модел на Мерцедес Мајбах С600Фотографија: Reuters/A. Song

Дајмлер, со седиште во Штутгарт, Германија, е еден од најгопемите и најпрестижни светски производители на автомобили. На својата интернет-страница, мултинационалната компанија се фали дека продава возила во речиси сите светски држави, а има производни единици во Европа, Северна и Јужна Америка, Азија и Африка.

Но, Северна Кореја, не е официјален муштерија.

„Нашата компанија немала бизнис соработка со Северна Кореја повеќе од 15 години, и стриктно се придржува кон ембаргото на ЕУ и САД“, вели портпаролката Мокерт. „За да се спречи испорака во Северна Кореја и во нејзините амбасади, Дајмлер воведе сеопфатен процес на контрола на извозот. Продажбата на возилата од трети страни, особено на користени возила, е надвор од наша контрола и одговорност“.
Способноста на Ким да стигне до лимузината е добар пример за порозноста на меѓународните санкции. Се верува дека моделот во кој се вози Ким е опремен со најсовремени системи за комуникација и забава.