1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дахау: да не се заборави

Жана Ацеска29 април 2006

На 29 април 1945 година ,при крајот на втората светска војна,Американците го ослободија концентрациониот логор Дахау.Денеска на местото на поранешниот озлогласен затвор се наоѓа споменик,кој треба да служи против заборавањето на злосторствата кои не треба да се повторат никогаш, на било кое место во светот.

https://p.dw.com/p/Aet9
Фотографија: AP

До влезот на логорот води песочна патека,по неа одзвонуваат чекорите на постителите на логорот.По истата од 1933,кога бил подигнат концентрациониот логор Дахау,по налог на Хајнрих Химлер, до 1945 година дошле илјадници луѓе,најчесто несвесни за судбината што ги чека.Свет без никаква милост,како што го опишала една преживеана.

Се влегува од истата порта како и порано,со циничниот натпис:Работата ослободува

-Работата овде не ослободувала,туку убивала,вели водичот низ логорот Михаил Франке.

Во јуни 1933 година за командант на логорот Дахау бил назначен Теодор Ајке,кој развил систем на терор и на правила неспоредлив со ниеден друг.

-Командантот Ајке го претворил потоа Дахау во модел на сите други концентрациони логори,вклучувајќи ја и поделбата на затворенички дел и дел за обука на припадниците на СС трупите.

Првите затвореници биле политички противници на режимот на Хитлер:комунисти,Социјалдемократи,синдикалци,делумно членови на конзервативните и либералните партии.

Во следните години во Дахау стигнувале нови групи затвореници:Евреи,хомосексуалци,Роми,Јеховини сведоци,ретардирани лица.Режимот го развил поимот заштитен затвор:

-Во заштитен затвор биле одведувани сите кои требало да бидат истерани од општеството,наводно лица од кои тоа треба да биде заштитено,објаснува Франке.

Од 1938 година национасоцијалистичката агресија на хитлеровска Германија кон странство се отсликувала во затвореничкиот логор со доведување припадници на се поголем број нации,.Од вкупно околу 200 илјади затвореници колку што поминале низ Дахау,ги имало од 30 држави.

Во предвоениот период тие покрај во работилниците во логогорот морале да работат и во изградбата на патишта,во рудниците,во сушењето мочуришта.А откако почнала војната,кога растел гласот за оружје,кога се отворале нови фронтови,на затворениците им дале и нови задачи:

-Луѓето да се користат во производството на оружје,да се натераат да работат за Германија,еден вид модерно ропство,принудна работа.

Производството на германски авиони на пример било разместено во повеќе различни фабрики,а во Дахау биле подигнати два големи комплекси како надворешен логор,Којферинг и Милдорф.

-На патот кон работата и на враќање,луѓето се нурнуваа од премореност,паѓаа едни преку други,за време на работата често алатките паѓаа од изнемоштените раце.Во нашата група ова се казнуваше со удар со железна шипка,се сеќава бившиот логораш Ладислав Ервин.

За непослушност немало место,на секојдневните прозивки на плоштадот во центарот на логорот морале да се јават сите,болните биле влечкани дотаму,исто како и оние кои преку ноќта умреле-бројот морал да биде точен.Шансите за бегство,речиси никакви.Логорот Дахау со една едиствена врата бил ограден и со челична жица низ која протекувала електрична струја.

Дахау бил подигнат како затвор,не како логор на смртта,но во текот на војната се повеќе станувал место на масовни убиства:во октомври 1941 година тука биле доведени и убиени повеќе илјади советски војници.Капацитетите на постојниот крематориум станле недоволни,бил изграден и нов.Голем број затвореници станале заморчиња за медицински експерименти,во маки загинал непознат број луѓе.

-Сакам да се знае дека не постојат безимени херои,тоа беа луѓе со имиња,лица,со свои копнежи и надежи и затоа ниту болката од последниот од нив не е помала од таа на оние чии имиња останале,заветил Јулиус Фуцик,погубен во 1933 година.

Водичот Михаил Франке пренесува една слична порака и дополнува :

-Примо Леви, преживеан Италијанец од Аушвиц рекол:она што еднаш се случило,може да се повтори.

Затоа се потребни отворени очи и уши за неправдата што се случува било каде.Да не заборавиме,Дахау е зачнат во срцето на Европа,каде постоел устав,демократија.И покрај тоа било можно да дојде до ваква диктатура.Болката не може да се надополни,да не се повтори,тоа е наша главна задача.