1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Даниелсон - Селмани: Фокус на слободата на медиумите

ЖА/миа/макфакс5 јуни 2014

Забелешките на ОБСЕ во врска со медиумите, непостоењето граница меѓу државата и партијатa - во фокусот на разговорите на директорот на генералниот Директорат за проширување во ЕК, Даниелсон со македонските претставници.

https://p.dw.com/p/1CDNR
Фотографија: MIA

Најдобар начин Македонија да излезе од сегашната состојба е земјата во најскоро време да ги започне преговорите за членство во ЕУ, истакна претседателот на ЗНМ Насер Селмани на денешната средба со генералниот директор на Директоратот за проширување при Европската комисија во Брисел, Кристијан Даниелсон (на фотографијата лево).

На средбата со Даниелсон, која ЗНМ ја оцени како многу корисна и конструктивна, Селмани изрази загриженост за состојбата со слободата на изразувањето во Македонија. Потребно е, според него, да се преземат итни мерки за решавање на постојните проблеми, бидејќи постои голема опасност состојбата уште повеќе да се влоши.

Селмани пред директорот Даниелсон ги елаборираше причините за лошата состојба со слободата во медиумите. Според него, изворот на сите проблеми со слободата на медиумите во Македонија е начинот на кој досегашните владејачки гарнитури ја практикуваат власта, кршејќи ги основните начела на македонскиот Устав, кој гарантира слобода на изразување и слободен пристап до информациите.

Како што се наведува во соопштението од ЗНМ, Селмани рекол дека најдобар начин Македонија да излезе од сегашната состојба е земјата во најскоро време да ги започне преговорите за членство во ЕУ.

„Со тоа ЕУ пред македонските граѓани ќе покаже дека искрено посакува Македонија да стане членка на Унијата, а македонската влада ќе има можност на дело да ја покаже својата посветеност за евроинтеграцијата. Продолжувањето на статус-квото има ризик уште повеќе да ја влоши состојбата со медиумите, која ќе се одрази на демократскиот развој на Македонија и на нејзините евроатлански апсирации“, истакна Селмани, се наведува во соопштението.

Разговорите на директорот на генералниот Директорат за проширување во Европската комисија (ЕК), Кристијан Даниелсон со државните и партиските лидери во Македонија беа фокусирани на забелешките на ОБСЕ/ ОДИХР, пристрасното известување на медиумите, немањето на дистинкција меѓу државата и партијата и потребата за конструктивно политичко дејствување од сите партии, се вели, пак, во соопштението од Делегацијата на ЕУ во Македонија.

Во соопштението исто така се наведува дека Даниелсон ја потврдил поддршката која Европската комисијата и‘ ја дава на земјата во остварувањето на европските интеграции.