1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Обама е соочен со катастрофален пораз?

Геро Шлис / Елизабета М. Фиданоска9 октомври 2014

Се чини како американската влада да се откажа од Кобане. Дали со паѓањето на градот во рацете на ИД ќе пропадне стратегијата на Обама со воздушните напади?

https://p.dw.com/p/1DSMr
Фотографија: Reuters/G. Cameron

Телевизијата Си-Ен-Ен цитира неименувани високи службеници од опкружувањето на претседателот Обама кои се убедени дека терористичката милиција Исламска држава (ИД) ќе го освои курдскиот пограничен град на северот на Сирија. И генералот Мартин Демпси, највисокиот по функција американски војник, за Еј-Би-Си рече: „Се плашам дека Кобане ќе падне“, без притоа да им даде какви било надежи на опколените борци. Американскиот министер за надворешни работи Кери вчера (8.10) стави јасно до знаење дека заштитата на Кобане не е стратешка цел на САД.

Сепак, американските сили заедно со сојзуниците ги засилија воздушните напади околу Кобане во последните денови. Притоа не беше запрено напредувањето на ИД. Весникот „Вашингтон пост“ со досега невидена острина констатира дека САД се „исправени пред катастрофален пораз, во една војна која Обама ја почна со преголема претпазливост, рестрикции и бесмислени самоограничувања“.

Погрешна стратегија?

Наспроти тоа, Мајк О‘Хенлон од Брукингс Институтот не е на мислење дека борбите околу Кобане и досега не многу ефективните американски воздушни напади се доказ за пропадната стратегија: „Едноставниот факт дека паѓа уште еден град, колку и да е тоа трагично, не е доказ за тоа дека стратегијата е погрешна.“

За разлика од него, експертот за Блискиот Исток, Џим Филипс, од конзервативната вашингтонска тинк тенк фондација Херитејџ, за ДВ оценува дека стратегијата на Обама е „на пат да пропадне“. Но тој уште вели и дека треба да се почека и да се види дали воздушните напади „особено откако се засилени, сепак нема да имаат некаков повидлив резултат“.

За Филипс е веќе сега јасно дека само бомби нема да донесат посакуван ефект - уништување на ИД. „Без подобро оперирање на копно, воздушните напади нема да имаат решавачко дејство, како што администрацијата ги убедува Американците“.

За разлика од Ирак, САД во Сирија за такво нешто немаат предуслови: „Во Сирија е стратешки многу потешко да се оперира, затоа што на копно нема вистински сојузници на САД“, кои би ги подготвувале воздушните напади и би ги придружувале, нагласува Филипс.

US-Generalstabschef Martin Dempsey
Генералот Мартин Демпси, највисокиот по функција американски војник, оцени: „Се плашам дека Кобане ќе падне“Фотографија: Getty Images

Долг пат во Сирија

Мајк О‘Хенлон од Брукингс е на мислење дека тоа не е доволно. „Ние планираме обука на сириска борбена единица од 5000 луѓе во рамки на 12-месечен тренинг“, вели тој. Тоа, со оглед на надмоќта на ИД и се‘ уште големата воена сила на сирискиот претседател Асад, би можел да биде само почеток: „Би рекол дека стратегијата има многу привремен карактер. Во Сирија ќе треба да изодиме долг пат.“

Притоа стравот на Американците од можност за влегување на САД во нова војна, и покрај сите убедувања на Обама, е голем. „Дали Сирија ќе стане Виетнам на Обама?“, праша деновиве весникот „Њујорк Тајмс“. Весникот го охрабрува претседателот да остане претпазлив, и покрај сите болни чекори наназад и спротивни совети на армијата.

Воздржаноста на Обама, која е од него управувана интелектуално, но и инстинктивно, наидува на критика кај републиканците, како што е сенаторот Џон Меккејн. И експертот за Блискит Исток, Џим Филипс, на тоа гледа критички, затоа што смета дека воздржаноста му ги одзема на Обама важните опции за решение на проблемот: „Белата куќа се‘ уште се противи да разгледа можност за ангажман на американски војници на копно. Се аргументира дека други, како сириските умерени бунтовници, на крајот ќе може да го пополнат вакуумот. Но Кобане покажува прејасно дека само бомби не може да спречат ширење на Исламската држава“, вели Филипс.

IS Flagge vor Kobane Syrien Türkei Grenze
Знаме на Исламска држава се вее пред КобанеФотографија: Reuters/Umit Bektas

Одговорноста на другите

Одговорноста за неефективноста на воздушните напади соработниците на Обама ја префрлаат на други. И Мајк О‘Хенлон од Брукингс критикува и вели дека САД мораат да го носат речиси сами товарот на борбата. „Очигледно повеќето земји на НАТО и арапските сојузници не сакаат да направат многу.“ Тој во овој контекст ја споменува и Германија, која неодамна најави дека во иднина сака да преземе поголема надворешнополитичка одговорност.

Но во фокусот на критиките во моментов не е Германија, туку Турција и претседателот Ердоган. Џим Филипс претпоставува дека во позадината на преговорите на Вашингтон и Анкара за ефективен одговор на настаните во Кобане веројатно стојат преголеми барања на турскиот претседател - не само зона на забранети летови, туку и воздушни напади врз режимот на Асад. „Белата куќа не сака да оди толку далеку. Таа би сакала воена соработка со Турција без да ја проширува својата воена кампања врз трупите на Асад.“ Турскиот претседател настапува како остар критичар на Обама, вели Филипс и додава: „Ако проценувам добро, се чини како Ердоган да сака да каже дека стратегијата на Обама е осудена на пропаѓање.“

Одговорот на Белата куќа, кој најверојатно му дава уште повеќе сила на Ердоган за вакви изјави, е уште позбунувачки, оценува Филипс: „Кобане е многу подалеку од Вашингтон отколку од Анкара. Ако Турција може да живее со тоа, тогаш можат и САД.“